ВИДЕО: Наставниците и професорите ќе добијат покачување на платите за 5 отсто

Наставниците и професорите од основното и средното образование, ќе добијат покачување на платите за 5 проценти, почнувајќи од октомвриската плата.

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, изрази задоволството за покачувањето, истакнувајќи дека е договорен континуиран раст на платите за просветните работници во наредните четири години.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека бил постигнат историски договор во насока на подобрување на условите за наставниците и професорите.

„Од октомвриската плата практично која што ќе биде исплатена во ноември па се до февруарската плата којашто ќе биде исплатена март 2025 година ќе имаме покачување од 5 отсто на платите, потоа во март 2025 година ќе имаме покачување од 7 проценти, во март 2026 година во зависност од состојбата на Буџетот ќе имаме покачување помеѓу 7 ипол и 10 отсто. Исто во зависност од состојбата на буџетот во март 2027. ќе имаме помеѓу 7 ипол и 10 отсто и исто така зависно од состојбата на полнењето на Буџетот во март 2028 година ќе имаме помеѓу 10 и 12 ипол проценти покачување на платата, што би значело во овој дијапазон за којшто сега зборуваме во март 2028. наставниците и професорите во основното и средното образование треба да зимаат отприлика минимум 46 отсто повисока плата од таа којашто ја земаат денес, а може и повеќе во зависност од тоа која скала ќе биде применета, а тоа ќе зависи од приходната страна на самиот Буџет“, рече Мицкоски.

Договорено е и најдоцна до февруари месец Колективниот договор да биде завршен и потпишан.

Меџити: Груби не е во Косово, туку во Албанија

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити во интервју за албанската ТВ „Ора њуз“, кажа дека според неговите информации поранешниот вицепремиер Артан Груби не е повеќе во Косово, туку во Албанија.

По Груби и поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами, МВР распиша меѓународни потерници за проневера на околу осум милиони евра од Државната лотарија.

- Со самото бегство ја докажува вината. Тој самиот знае за правните прекршоци што ги направил, но мислам дека денеска, утре или задутре сепак ќе се соочи со правдата, рече Меџити.

Додава дека „должност на органите на прогонот е да го следат случајот и да обезбедат спроведување на правдата“, нагласувајќи дека „Европскиот фронт ја пополнува американската црна листа“.

Историски успех: Македонец за првпат потпретседател на COST

Министерката за образование и наука Весна Јаневска одржала работен состанок со националните претставници на ЕУ-програмата COST (European Cooperation in Science and Technology) - проф. д-р Зоран Поповски од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, национален претставник во COST Committee of Senior Officials (CSO), и Александар Тутновски, COST National Coordinator (CNC).

Како што објави МОН, во фокус на состанокот бил изборот на Поповски за потпретседател на COST и претседател на Извршниот одбор на COST (Executive Board - EB).

-На  219-тиот состанок на COST Committee of Senior Officials  во Мадрид, одржан на 27 ноември 2024, со тајно гласање проф. д-р Зоран Поповски беше избран  за нов потпретседател на COST. Воедно, во наредниот тригодишен период ќе ја извршува и функцијата претседател на COST Executive Board, наведува МОН. 

COST е најголемата научна мрежа во светот, која опфаќа над 60 000 научници и иноватори и располага со годишен буџет од околу 100 милиони евра.

-Со овој избор, проф. д-р Зоран Поповски стана првиот потпретседател во историјата на COST кој доаѓа од земја што не е членка на Европската Унија. Министерката Јаневска му го честиташе изборот на проф. Поповски, истакнувајќи дека неговата улога во високите управувачки структури на COST е од големо значење за поголема вклученост и видливост на научно-истражувачката заедница од Македонија, информира Министерството за образование и наука. 

РКЕ одлучи: Нафтата и бензинот поскапуваат

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 % во однос на одлуката од 10.12.2024 година. 

Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 1,00 ден/лит. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,010 ден/кг и сега ќе изнесува 45,765 ден/кг. 

Од 17.12.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 76,50 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 79,00 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 45,765 (денари/килограм)

Популарно