Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

На маргините на настанот на Европската политичка заедница во Будимпешта остварив продуктивна средба со Францускиот претседател Емануел Макрон. Отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија, објави вечерва на својата Фејсбук страница премиерот Христијан Мицкоски.

-Денеска во Будимпешта, во присуство на Европската политичка заедница, имавме квалитетен работен ден што изобилуваше со многу работни средби со европските државници. Бев придружуван од страна на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината која е незаобиколива. Ќе дадеме се од себе да ги зачуваме државните и националните интереси, изјави Мицкоски.

Тој информира дека за време на средбите, ги презентирале нашите аргументи, како ја гледаме нашата економска иднина, како што рече, она што е важно, нашите економски цели, начинот на којшто планираме да ја развиваме нашата Македонија, но истовремено да ги презентираме нашите погледи и аргументи за нашиот евроинтегративен пат. 

-Со секоја средба, се повеќе и повеќе се бориме за нашите аргументи и за вистината онаква каква што е, онаа вистина што ја чувстуваат нашите граѓани и којашто е важна за Македонија. Ќе продолжиме да се бориме за Македонија и во неделите, месеците и годините коишто следат. Мора да успееме. Мора да бидеме таму каде што заслужуваме а тоа е успешна, европска приказна, а нашето место е во рамките на ЕУ. После овој состанок на Европската политичка заедница, овде во Будимпешта, сум уште повеќе оптимист дека мора да не биде, и ќе не биде. Тоа што е важно, е дека ние ќе дадеме се од себе да ги одбраниме националните интереси на македонските граѓани и на нашата татковина, изјави Мицкоски. 

Пронајдени и вратени на родителите две загубени деца во Скопје

Во Скопје денеска биле пронајдени и вратени на родителите две загубени деца, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Машкото дете на возраст од четири години, кое било со тротинет и не зборувало, според информациите на МВР, било пронајдено во 11:50 часот на улица „Стефан Цветковиќ“ во Скопје, во близина на Народна банка.

-Околу 14.30 часот детето било пријавено за исчезнато во Полициската станица Чаир и набргу потоа во Полициската станица Центар е предадено на родителите, стои во соопштението од МВР.

Дополнуваат дека денеска во Бит Пазар од граѓани било пронајдено петгодишно девојче кое било однесено во градинката „Фидани“ од каде била земена од нејзината мајка.

Барањето на приватните превозници причина за ново препукување меѓу Град Скопје и претседателот на Советот

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески кој вчера беше повикан од градоначалничката Данела Арсовска да го стави на дневен ред прашањето за приватните превозници, вели дека Советот нема надлежност околу преземените обврски со договорите што превозниците ги имаат склучено со Градот. 

- Не е надлежност на Совет на Град Скопје ниту следење на извршување на меѓусебно превземените обврски меѓу Градот и приватните превозници. За да расправа Совет на Град Скопје околу прашања од негова надлежност, а се поврзани со договорни обврски меѓу Градот и вас како привани субјекти, треба да има предлог од Градоначалник на Град Скопје, вели Славески. 

Според него, сите координатори на советничките групи се запознати со состојбите и барањата на превозниците и се едногласни дека оној момент кога ќе добијат конкретен предлог од градоначалничката за промена на условите во  договорите, предлогот ќе биде ставен на разгледување на првата седница  на Советот.

Во писмото испратено до приватните превозници и до градоначалничката на Град Скопје, Славески наведува дека договорите што приватните превозници ги имаат склучено со ГрадСкопје важат до мај 2025 година.

- Факт е дека вие имате важечки договори за вршење дејност, склучени со Град Скопје во мај  2022  година, откако сте биле избрани за вршители на дејност според определена процедура која ја спроведе Град Скопје. Договорите се склучени на две години, што значи дека истекуваат во мај наредната  2025 година. Во процедурата за учество на јавниот повик и самото склучување договор со Град Скопје сте ги знаеле и сте ги прифатиле понудените услови, права и обврски, вклучително и тарифата за изминат километар, на што треба да се придржувате сé до истекот на важноста на договорите за вршење дејност во областа на јавниот Градски превоз на територијата на Град Скопје, наведува Славески.

Од Град Скопје одговорија дека барањата за измени на условите за приватните превозници, вклучувајќи ја и цената за километар, ги утврдува Советот. 

- Трајко Славевски или лаже, или навистина не го знае деловникот за работа на Советот кој го води. Имено, поврзано со барањата за измени на условите за приватните превозници вклучително и цената за овој превоз ги утврдува Советот на град Скопје, оттука јасно е дека барањето на приватните превозници е упатено на вистинска адреса до претседателот на Советот на град Скопје и до советниците. До овој момент, Градоначалникот има доставено свое мислење во врска со барањето на приватните превозници, а свое мислење има доставено и Управниот одбор на ЈСП до претседателот на Советот Трајко Славевски, стои во реакцијата од Град Скопје.

Приватните превозници работат со намалено работно време барајќи зголемување на цената за километар.

Популарно