Едно лице загина, 13 се повредени во напад на руски дрон врз Одеса

Едно лице загина, а 13 се повредени, меѓу кои и две деца, во напад на руски дронови во текот на ноќта во Одеса, јужна Украина, соопшти регионалното обвинителство.

Обвинителството на каналот Телеграм соопшти дека руските сили во текот на ноќта извршиле масовен напад со беспилотни летала врз Одеса и нејзините предградија.

Нагласено е дека во нападот биле оштетени згради во два станбени комплекса, приватни куќи, магацини на приватна фирма и автомобили на граѓани, пренесе Укринформ.

Трамп ќе ги помилува учесниците во упадот на Капитол уште на првиот ден од мандатот

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп најави дека уште на првиот ден од неговиот мандат ќе ги помилува сите лица кои учествувале во нападот врз Капитол на 6 јануари 2021 година.

– Ќе дејствувам многу брзо, уште првиот ден, изјави Трамп во интервју за Ен-Би-Си њуз, одговарајќи на прашањето кога планира да ги помилува неговите поддржувачи обвинети за нападот, чија цел беше да го спречат неговиот пораз на изборите во 2020 година.

Трамп нагласи дека може да има „неколку исклучоци“ од помилувањето, ако лицата делувале „радикално“ или „лудо“ за време на нападот, во кој животот го загубија пет лица, а беа повредени стотици – меѓу кои и 174 полицајци.

Тој ги опиша судските процеси против неговите поддржувачи како суштински неправедни и не ја исклучи можноста да помилува над 900 обвинети кои веќе се изјасниле за виновни, вклучувајќи ги и оние обвинети за насилство.

„Ќе го разгледаме секој случај поединечно“, рече Трамп

Ден по отворањето на Нотр Дам, свечена миса со присуство на Макрон и други лидери

Во обновената катедрала Нотр Дам во Париз денеска се одржа свечена миса, пет години по катастрофалниот пожар.

На настанот, кој почна во 10:30 часот, присуствуваа францускиот претседател Емануел Макрон, бројни јавни личности и државни лидери.

Мисата ќе ја служи парискиот надбискуп, а ќе учествуваат и бискупи, свештеници и верници од целиот свет.

Папата Франциск, кој не присуствуваше на настанот, упати честитки, истакнувајќи дека обновата на катедралата е симбол на меѓународната великодушност и посветеност на уметноста, архитектурата и верата.

Ужас во Хаг: Зграда се сруши при експлозија, 20 луѓе се заробени во урнатините

Најмалку 20 луѓе останаа заробени во урнатините откако силна експлозија уништи трикатна станбена зграда во населбата Маријахоев во Хаг.

Експлозијата се случила утринава во 6:15 часот, по што избувнал пожар и делови од зградата се урнале, а пет до седум станови биле целосно уништени, пишува „Ен-Ел Тајмс“ (NL Times).

Службите за спасување, вклучително и специјализирани тимови за урбано пребарување и спасување (УСАР), четири кучиња-водачи и градежни инженери присуствуваа на местото на настанот.

Досега најмалку четири лица се спасени и пренесени во блиските болници.

Експлозијата предизвика сериозна штета и на околните згради, а неколку улици во областа беа затворени од безбедносни причини.

Во тек е истрага за причините за експлозијата.

Популарно