Дурмиши: Не треба да се укине „недела неработен ден“, но некои дејности треба да се ослободат

Не треба да се укине „недела неработен ден“, но некои дејности треба да се ослободат, вели министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Дурмиши, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, посочува дека не очекува манипулации со новогодишната кошничка, а слична мерка најавува и за Рамазан и Велигден, како и дека зголемување на границата за пензионирање не се предвидува.

Во однос на препораките од Фискалниот совет и Светска банка за зголемување на старосната граница за пензионирање и кој е неговиот став, Дурмиши посочува дека согласно реорганизацијата на институциите, надлежноста на трудот доаѓа кај Министерство за економија и труд, но надлежностите за пензиите се на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

-Јас на прашањето, како член на Владата би го повторил ставот на премиерот дека не е предвидено зголемување на старосната граница за пензионирање. Но, да ве известам дека, како што знам, се прават анализи за реформа на пензискиот систем, изјави Дурмиши.

Прашан дали е можно да се исполни барањето на синдикатите минималната плата да се зголеми на 450 евра, Дурмиши вели дека синдикатите бараат да се зголеми минималната, но од друга страна ги имаме и работодавците кои се против зголемување на секоја вредност на минималната плата додека не се зголеми продуктивноста.

-Ние како Влада сме го отвориле како тема во рамки на Економско-социјалниот совет и сме оставиле тие да се усогласат. Како што се усогласени за Законот и правилата како да се зголемува минималната плата во март секоја година, пак ќе ги оставиме да се усогласат. Секоја одлука која ќе ја донесат работодавците и синдикатите, ние им стоиме на располагање и ќе ги поддржиме. Треба да се видат сите засегнати страни, треба да се видат и работодавците, на крај на краиштата тие се оние што ги отвораат работните места. Тие имаат барање да се зголеми прво продуктивноста, а потоа да се зголеми минималната плата. Во предлог-буџетот за 2025 година има предвидено средства да се зголеми минималната плата. На крајот на месец февруари, кога ќе ги земеме крајните податоци ќе ги направиме анализите и ќе видиме колку ќе дојде тоа зголемување на минималната плата. Според податоците што ги имаме досега, до 11 месеци, минималната плата ќе биде околу 24.400 денари, изјави Дурмиши.

Прашан дали во Економско-социјалниот совет разговарате и за ревизија на законското решение за „недела неработен ден“, Дурмиши вели дека и тука има спротивставени страни.

-Работодавачите бараат да се укине „недела неработен ден“, но од друга страна ги имаме синдикатите кои бараат да остане така како што е. Одредени дејности на занаетчии, од коморите итн., бараат одредени дејности ние да ги ослободиме од недела да биде неработен ден. Така што, оваа тема се отвора во рамки на Економско-социјалниот совет. Секој месец се одржува по една седница и ќе видиме кои дејности треба да ги ослободиме за да може да ги вршат своите задачи и да имаат повеќе производи, изјави Дурмиши.

Како министер, тој посочува дека одредени дејности во насока на работата треба да се ослободат за да може во недела да работат, но не да се укине целосно „недела неработен ден“.

-Да остане така како што е, но одредени дејности да ги ослободиме да може да работат. Да направиме некои измени, изјави Дурмиши.

Прашан за акцијата Новогодишна кошничка, Дурмиши вели, дека се почитува и е применлива.

-  Според податоците што ги имавме од есенската кошница каде ги замрзнувавме цените на 10% на трговија на мало и на големо, таму беа опфатени околу 73 одредени групи на производи, таа мерка ги даде своите резултати. Сега имаме друг вид на мерка која сами ја нудат трговците, производителите и дистрибутерите. На 5 декември кога беше најавена оваа мерка, ние до тогаш имавме повеќе од 10 состаноци и беа опфатени 675 производи од 58 трговци. Сега додека зборуваме, уште повеќе се надополнуваше таа бројка. Стигна до 1.068 и кошницата е отворена до 15 јануари.... Овие акции се акции каде во временски период кога се празниците, ние како Влада задно со бизнис комората излегуваме во пресрет на граѓаните за подобрување на животниот стандард и намалување на цените. Нормално дека ќе има и понатаму, како што е рамазанската, велигденската кошничка итн, посочува Дурмиши.

Мицкоски: Има различни информации, не сакам да шпекулирам каде е Груби

Не сакам да шпекулирам каде е Артан Груби, одговори Мицкоски на новинарско прашање дали има информации каде е избеган поранешниот вицепремиер, со оглед на тоа што вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, изјави дека според сознанијата тој не е на Косово, туку е во Албанија. 

-Различни се информациите, не би шпекулирал дали е во Албаннија, или во Косово. Факт е дека не бил чист како солза. Ако е така, би застанал пред органите на правдата – рече Мицкоски.

Ристески: „Новогодишна кошничка“ има преку 1000 производи, а мониторингот е постојан

Непречено се одвива акцијата новогодишна кошничка. Бројот на производите надмина 1000 опфатени со намалена цена од барем 10 проценти, констатира Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд кој денес направи мониторинг во еден од поголемите прилепски маркети, заедно со претставници од бизнис секторот.

-Денес продолжува мониторингот на учесниците во новогодишната кошничка, односно маркетите, кои се директно поврзани со потрошувачите, односно купувачите. Во мониторинг сме на еден од локалните прилепски маркети во синџирот од повеќе од 20 од нив. Гледаме дека производите кои ги понуди Стопанската комора во новогодишната кошничка се одлично означени со претходната цена која е прецртана и со најмалку 10 насто намалување. Тоа е добро за визуелен ефект на граѓаните за да може да ги препознаат производите кои се со намалена цена, изјави Ристески.

Новогодишната кошничка содржи околу 1000 производи во околу 50 маркети и во над 500 продажни места во земјава. Пазарниот инспекторат континуирано прави контроли. Има одредени мали забелешки, но не ја нарушуваат акцијата. Ристески уште еднаш ги повика граѓаните да реагираат и да пријават неправилности на бројот 191 на Државниот пазарен инспекторат.

-Мислам дека мерката ќе тече во најдобар ред. Онаму каде што има одредени забелешки, потрошувачите, односно купувачите ќе може слободно да се јават на бројот 191, односно тоа е бројот на пазарната инспекција, да пријават и да бидат коригирани грешките, а онаму каде ќе се повторуваат грешките, трговците ќе може да бидат казнети според Законот за заштита на потрошувачите. Според инспекторатот имаше одредени мали прекршувања во однос на цените и на процентот, но тоа беа мали како што ја имаме информацијата од Државниот пазарен инспекторат. Еве, пак ги повикувам граѓаните ако има такви забелешки да пријават, ание понатаму ќе постапиме со маркетите, производителите, со дистрибутерите, со добавувачите, таму каде ќе се востанови дека има одреден проблем. Да напоменам, ова акација е предлог на бизнис секторот која ја поддржавме за граѓаните да имаат одредена заштеда и да се зачува стандардот на граѓаните, рече Ристески.

Популарно