Падна и последниот осомничен во предметот „Планина“

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по вчерашното лишување од слобода на лицето од с. Грчец, ќе ја продолжи истражната постапка против него. Лицето е последниот осомничен во предметот „Планина“ кој по наредба на обвинителството се бараше со централна потерница повеќе од три години заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, предвидено и казниво по член 215 став 3 од Кривичниот законик.

Истражната постапка за предметот „Планина“ беше отворена во март 2021 година против 28 лица членови на две организирани криминални мрежи. Во тогаш спроведените акции на територијата на село Грчец и населбата Гази Баба беа лишени од слобода 22 лица, а петмина беа во бегство и за нив истрагата беше прекината до нивно пронаоѓање. Од септември 2021 година до август 2023 година четворица од осомничените меѓу кои и првоосомничениот беа се лишени од слобода, по што истражната постапка против нив продолжи. Единствено недостапно беше лицето кое во текот на вчерашниот ден беше уапсено.

Обвинетите се правосилно осудени на затворски казни од 3 до 8 години, на детето во судир со законот му беа изречени воспитни мерки во траење од 1 до 5 години, додека за три лица беше донесена Наредба за запирање на истрага, од кои за две предметот е препратен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство – Скопје.

Девојка загинала на скопска обиколница: Паднала од надвозникот и починала

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со увидни екипи од МВР синоќа извршиле увид на местото на настанот што се случил на скопската обиколница и во кое починато женско лице.

-Точните причини и околности под кои се случил настанот се утврдуваат, но според првичните сознанија, починатата е женско лице, кое или се движело пеш по автопатот или паднало од надвозникот на коловозот. Во тој момент, во ноќни услови на намалена видливост на патот, на неа налетал автомобил кој се движел по обиколницата. Возачот на автомобилот е алкотестиран веднаш по несреќата, при што не е утврдено дека управувал со возилото под дејство на алкохол, се наведува во соопштението од ЈОРСМ.

Издадена е наредба за обдукција на телото на починатата, прибрани се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Се разговара и со очевидци на настанот, со цел да се испитаат сите околности, посочуваат од ЈОРСМ.

Тошковски: Приведени се 33 лица

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја оцени безбедносната состојба во државата за време на новогодишната ноќ како мирна и стабилна. 

На територија на државата се случиле вкупно 29 кривично - правни дела и приведени се 33 лица. Случени се вкупно 28 сообраќајни незгоди од кои три со тешки телесни повреди. 

- Генерално, од кривично-правно аспект на територија на државата се направени 29 кривични дела и приведени се 33 лица од кои 14 се поврзани со трговија со дрога на различни локации. Имало околу 28 сообраќајни незгоди од кои три со тешки телесни повреди, а за среќа немавме сообраќајни несреќи со најтешки последици така што генерално можам да заклучам дека имавме мирна и стабилна безбедносна состојба на теротирија на Македонија и уште еднаш да упатам огромна благодарност до сите полициски службеници кои во текот на вечерта одговорија на висина на задачата, изјави Тошковски присуствуваше на официјалното отворање на скијачкиот центар „Михајлово“. 

Денес и утре уживајте во сонцето, од задутре очекувајте студ и снег

Синоптичарите и за утре најавуваат  сончево и претежно тивко време со услови за појава на магла по котлините, а  од задутре влажен и студен бран со врнежи од дожд и снег.

- Во петок попладне, во текот на ноќта и во сабота претпладне под влијание на влажен и студен бран ќе има врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег, а во останатите предели од дожд и ќе преминуваат во врнежи од повремен снег. Во сабота ќе дува умерен, долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа во следните два дена времето ќе биде стабилно и суво со услови за појава на магла по котлините, а нови врнежи од дожд се очекуваат во вторник, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Како што најави УХМР, денеска максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 15 степени.

Популарно