Денес и утре уживајте во сонцето, од задутре очекувајте студ и снег

Синоптичарите и за утре најавуваат  сончево и претежно тивко време со услови за појава на магла по котлините, а  од задутре влажен и студен бран со врнежи од дожд и снег.

- Во петок попладне, во текот на ноќта и во сабота претпладне под влијание на влажен и студен бран ќе има врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег, а во останатите предели од дожд и ќе преминуваат во врнежи од повремен снег. Во сабота ќе дува умерен, долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа во следните два дена времето ќе биде стабилно и суво со услови за појава на магла по котлините, а нови врнежи од дожд се очекуваат во вторник, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Како што најави УХМР, денеска максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 15 степени.

Разбиена организирана група: Увозници, шпедитери и царински службеници шверцувале употребувани возила

Царинската управа преку Секторот за контрола и истраги откри и спречи организирана мрежа во која увозници, шпедитери, возачи вработени во превозни компании и царински службеници организирано вршеле кривични дела со употребувани возила, при што овие возила на нелегален начин биле ставани во промет и завршувале на авто-плацеви во Македонија без да се платат увозни давачки.

Запленети се 35 автомобили со вкупна вредност од 20 милиони денари, при што врз Буџетот на државата преку избегнување плаќање увозни давачки е нанесена директна штета во висина од 9 милиони денари. Ова го истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на прес-конференција на која информираше за случаите.

Директорот притоа рече дека постои сомневање оти избегнатите давачки и штетата нанесена на Буџетот на државата е многу поголема, затоа што е голема веројатноста во изминатите години овие дела да се случувале повеќекратно.

„Досега, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се поднесени кривични пријави за 24 лица, 19 физички и пет правни лица, за сторени кривични дела: царинска измама, прикривање стока од сторено кривично дело царинска измама, фалсификување и злоупотреба на службена должност и овластување. Со целосно завршување на предистражните и истражните дејствија, кривични пријави ќе следат за други лица, при што некои од нив ќе се теретат за повеќекратно извршување на исти или слични дела. Во однос на царинските службеници кои извршиле злоупотреба на службена положба и овластување, во тек се дисциплински постапки, по што ќе следат соодветни казнени мерки“, потенцира Николовски.

Поконкретно, во овие случаи, како што информира директорот, Секторот за контрола и истраги при Царинската управа утврдил грубо кршење на законските прописи. Сторителите на кривичните дела, кои биле учесници во добро организирана и разработена шема, изработувале фалсификувани придружни документи кои се потребни за завршување на царинската постапка и фиктивно гo раздолжувале транзитот без притоа да спроведат царинска постапка. Така, без да бидат платени царината и другите увозни давачки, возилата биле пуштани во слободен промет и истите завршувале на различни авто – плацеви во државата.

Николовски порачува дека нема да има простување, и оти се става крај на организираниот криминал и корупцијата. Откривањето на овие случаи, вели, е само почеток од она што следи, при што ќе продолжат со исто и засилено темпо кон откривање и спречување на сите вакви криминални појави и со зголемување на приходите во Буџетот.

Мицкоски: Да видиме како ќе работи новиот претседател на Судски совет

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на новинарско прашање за краток коментар во врска со изборот на новиот претседател на Судски совет, изјави дека нема коментар и нема што да дополни на тоа што се случува, туку останува да видиме како тој ќе работи.

-Немам коментар. Пречесто некако коментираме, па пречесто експертите ги коментираат нашите коментари. Јас немам што да кажам ниту пак да дополнам на тоа што се случува. Да видиме како ќе работи новиот претседател на Судскиот совет, рече Мицкоски, кој денеска присуствуваше во Радовиш, на пуштање во употреба на спортска сала „25 Мај“.

Судскиот совет на Република Северна Македонија денеска на 510-тата седница со 13 гласа го избра судијата Александар Камбовски, кој доаѓа од Апелација Битола и беше избран за член на Советот во јуни минатата година.

Мицкоски пред Нова година изјави дека се размислува за неколку потези после празниците во однос на Судскиот совет. -Размислуваме за неколку потези, некои мерки кои ќе ги преземеме после празниците, затоа што и покрај најавите дека се надминати оние појави на анксиозност, дијареа, грчеви и покачена температура, сè уште тие процеси траат кај одредени обвинители и судии. Граѓаните мора да ја добијат правдата. Планираме вакви активности во следниот период, рече премиерот Мицкоски, одговарајќи тогаш на новинарско прашање дали се планира разрешување на оние членови на Судскиот совет кои се избрани од Собранието.

Премиерот исто така тогаш кажа дека „луѓето кои имаат доверба од граѓаните од два отсто, не ја заслужуваат платата којашто ја земаат“.

Познат идентитетот на загинатите во несреќата кај Рашче

На 02.01.2025 околу 16 часот во СВР Скопје, било пријавено дека на локален пат Сарај-с.Рашче, патничко возило излетало од патот и паднало во реката Вардар. Веднаш на местото на настанот се упатени полициски службеници, Итната медицинска помош и јавен обвинител. Околу 21 часот полициски службеници од САЕ Тигар од водите на реката Вардар го извадиле возилото „ауди“ со скопски регистерски таблички, во кое биле пронајдени три починати женски лица Н.А.(23), В.А.(25) и З.А.(59) сите од с.Грчец, скопско. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени за обдукција, соопшти МВР.

Во несреќата со телесни повреди се здобило четиригодишно дете-сопатник, констатирани во Градската општа болница „8-ми Септември“, а се трага по А.А.(56) од с.Грчец,скопско, кој според исказ на роднини, бил во возилото пред да излета од патот.

Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје, а екипи на СВР Скопје и Одделот за специјални полициски операции со физичко пребарување и пребарување со два дрона од страна на САЕ Тигар и Единицата за брзо распоредување преземаат мерки и активности за пронаоѓање на лицето, стои во соопштението.

Популарно