Вселенскиот брод „Прогрес МС-28“ лансиран во орбитата

Вселенскиот брод „Прогрес МС-28“ полета од Бајконур и беше лансиран во орбитата. Летот до Меѓународната вселенска станица се очекува да трае околу два дена.

Вселенскиот брод треба да се поврзе со модулот „Ѕвезда“ в сабота.

„Прогрес МС-28“ до Меѓународната вселенска станица ќе испорача 2.621 килограми товар, вклучително 950 килограми гориво, 420 литри вода за пиење, 50 килограми компримиран азот во шишиња, како и околу 1.201 килограми разновидна опрема и материјали.

Тоа е трето лансирање годинава на вселенско летало „Прогрес МС“и петто лансирање на ракетата од космодромот Бајконур.

Македонец на докторски студии по физика во САД истражува примена на квантна физика во финансиски сектор

Кавадарчанецот Илија Николов, кој е на докторски студии по физика во САД, ја истражува примената на квантна физика во финансиски сектор. За овој 28 – годишен докторант денеска е објавена статија на универзитетската веб страница.

– Како дел од докторските студии по физика на Браун универзитетот, летово стажирам во голема инвестициона фирма во Бостон, Масачусетс. Со своите знаења од квантната физика вршам физибилити студија за примената на квантните компјутери во финансискиот сектор. Во мојот фокус е безбедонста на системите, поради тоа што во иднина, квантите компјутери ќе имаат моќ да ги пробијат постоечките енкрипциски заштити, како и подобрување на перформансите на постоечките алгоритми со вештачка интеленгија, базирана на квантни невронски мрежи, појаснува Николов за МИА.

Тој неодамна учествуваше на светски конгрес за квантната физика во Соединетите Американски Држави.

– Презентирав во делот за млади научници и научници во рана кариера, појаснува Николов

Корисниците на „Ајфон“ низ цел свет предупредени за можни напади со шпионски софтвер

Сопствениците на телефони „Ајфон“ (iPhone) во десетици земји низ светот се предупредени за потенцијални напади од шпионски софтвер.

Компанијата-производител „Епл“ (Apple) ги предупреди засегнатите корисници да не откриваат дополнително лични податоци, бидејќи тоа потенцијално може да им помогне на хакерите да избегнат откривање. Корпорацијата издаде предупредување до корисниците во 98 земји за потенцијалните закани. Се нагласува дека состојбата е сериозна и ги повикуваат корисниците да го имаат предвид ова предупредување. Не се дадени подробности за можните напади.

Ова е второ вакво предупредување годинава. Претходното беше објавено во април, за корисници во 92 земји.

„Епл“ тврди дека неговиот режим за заклучување може да го спречи шпионскиот софтвер, но може да влијае на нормалната функционалност на уредите.

На корисниците им се препорачува да внимаваат на знаците за можно присуство на шпионски софтвер, како што се бавна работа или непознати апликации на уредот.

За да се ублажи непосредното влијание, рестартирањето на уредот може привремено да го запре шпионскиот софтвер. Дополнително, на корисниците им се препорачува, ако го немаат најновиот потребен софтвер – рачно да ги преземаат и инсталираат надградбите.

Популарно