На полноќ погледнете кон небото и посакајте желба

Според преданието, во Богојавленската ноќ се отвора небото и се верува дека секоја желба може да се исполни. Точно на полноќ треба да се погледне во него и да се замисли желба, која каква и да е мора да биде јасна.

OXYGEN VOLUME 13

Денеска е зимскиот Крстовден, ден кој се слави во пресрет на Богојавление и е прв ден по Божиќ кога православните верници постат.

Богојавление е празник востановен во спомен на Христовото крштевање во реката Јордан. Кога наполнил 30 години, Исус дошол на реката Јордан за да го крсти Јован Крстител, кој ги подготвувал луѓето за доаѓањето на Месијата и ги крштевал оние кои се покајале на брегот на Јордан.

При крштевањето на Исус Бог се јавил три пати. Тој момент претставува објавување на Богочовекот и воведување на Христос во месијанската мисија.

Овој настан се слави како Богојавление. На овој ден во сите храмови се осветува вода, која народот потоа ја зема во својот дом.

Се верува дека водата има лековита моќ и затоа секогаш се држи во куќата покрај икона како спасителски лек. Само на денот Богојавление со оваа вода може да се попрска секое ќоше од куќата.

На Богојавление домаќинките обично спремаат пивтии, бидејќи се смета дека токму на Богојавление им е местото на трпезата. Како и за многу празници, и за овој се врзани многу верувања околу временската прогноза.

Се верува ако дува северен ветер, ќе биде здрава година, а ако дува јужен, годината ќе биде со болести. Родната година ќе биде ако биде облачно и ако паѓа снег тој ден, а ведрото време , претскажува убаво и сушно лето.

Илче од Охрид по лекувањето на Клиниката за детски болести, здрав и расположен си заминува во мал групен дом

Илче од Охрид по десеттина дена лекување и нега на Клиниката за детски болести успеа со плеснување на рачињата и едно големо браво да се збогува со тимот лекари кои се грижеа за него, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

„Илче здрав и расположен си заминува во мал групен дом. Неговата состојба кога беше хоспитализиран беше тешка, а денеска со надеж дека Илче ќе има шанса за подобар живот го испраќаме седнат расположен за игра и насмеан да влезе во новото семејство.Огромна почит за сите здравствествени работници, тимот психолози, дефектолози, лекарите и сестрите кои цело време се грижеа за него“, иформираше Филипче.

Единаесетгодишниот Илче е дете со церебрална парализа, кое беше напуштено од двајцата родители и префрлено пред десетина дена на Детската клиника во Скопје.

Илче на Клиниката беше донесен во екстремна потхранетост, со контрактури и за медицинска проценка, иследување и третман, откако со недели не јадел ништо повеќе од чаша млеко дневно, а неподвижен и беспомошен лежел на чергиче во една соба во куќа во Охрид.

Во Тетово во населбите кои трет ден се без вода, се уште се санираат дефектите

Населбата Блок 70 е една од најпогодените во Тетово каде во одредени станбени згради трет ден граѓаните воопшто немаат вода поради големите дефекти во мрежата и прекин во водоснабдувањето поради санација на цевководите.

-Не може да се функционира нормално без вода, некои станови што се од погорните катови од зградите поради немање на хидрофор и цистерна останаа без вода три дена. Потребно е да се донесат цистерни со вода од ЈКП Тетово за да се снабдат луѓето со вода, велат жителите од Блок 70.

Од 8 часот утрово продолжија активностите за отстранување на дефектот во водоводна цевка Ф300 во паркот кај Шарена џамија со цел целосно нормализирање на водоснабдувањето по серијата проблеми во мрежата овие три дена поради што речиси целиот град остана без вода за пиење. По неколку часа ископ на местото најдено е местото каде е пукната цевката и започната е процедурата за промена со нова.

-Дојдени сме до дефектот, треба да се промени салонитна цевка во должина од три метри со цевка од друг материјал.  Со отстранување на дефектот вчера на цевката Ф300 на улицата „Цветан Димов“ се нормализира снабдувањето со вода во градот.  Проценките се дека во 85 проценти во градот е нормализирано снабдувањето. Се уште нема вода во 15 отсто од градот, тоа се населбите Блок 70 и дел од Пржова Бавча, како и објектите на улиците „Браќа Миладинови“ и „Ѓорче Петров“. Санирањето на дефектот ќе продолжи во текот на работниот ден, изјави Љуљзим Шаќири раководител на водотехничка лабораторија при „Водовод и канализација“.

Тетово трет ден се соочува со прекини во водоснабдуавњето откако два дефекта се појавија на Ф300 водоводни цевки кои се втора категорија по големина значајни за проток на големи количини вода. Во средата и четвртокот околу 90 проценти од градот се соочи со прекин во водоснабдувањето. 

Еве ја одлука на „ВИЗ ЕР“ за суспендирање на летовите

Нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“, која има голем број бази на територијата на поранешна Југославија, вклучувајќи ја и нашата држава, очекува ограничувањата за патувања и забраните за влез воведени од владите без претходно предупредување, да влијаат на неговата работа во наредните пет месеци. Како што пренесува порталот exyuaviation.com, превозникот е принуден привремено да суспендира над дузина рути од Скопје, Белград, Тузла, Охрид, Приштина и Подгорица, поради ограничувањата за патување наметнати на државјани од овие пазари од други европски држави.

-Во претстојниот период од пет месеци ќе има многу неизвесности и индустријата ќе мора да научи како да биде флексибилна во прилагодувањето кон новите мрежни рути и прилагодувањето на капацитетот, вели извршниот директор на „Виз ер“, Јозеф Варади.

Тој истакнува дека неговата авиокомпанија веќе почнала со стратегија за ублажување на ефектите од пандемијата. Ги наведува проширувањето на флотата „ербас А321“ во Белград, воспоставувањето на прва руска база во Санкт Петербург заедно со рестартирање на базата во Киев, лансирањето на 14 нови рути меѓу Украина и Италија, продолжувањето на летовите од пазарите како што се Унгарија и Македонија, како и потфатот кон Блискиот Исток.

Во наредниот период, „Виз ер“ планира да лансира девет нови рути од Белград, да ја воведе својата прва годинешна услуга за Хрватска и да почне со нови летови за Црна Гора.

-Имаме кастрење на капацитетите на постојните пазари, но истовремено создадовме и нова мрежа на рути и оперативни бази, така што отвораме шест или седум нови бази исто како што рековме, вели Варади.

Авиокомпанијата сега лета со 77 отсто од нивото во 2019 година. Превозникот истакна дека дури и со коронавирусот, се очекува да го зголеми својот капацитет за приближно девет проценти оваа година.

-Најлошата состојба за нас е кога не работиме. Во моментот кога работиме, работиме само врз основа на паричен придонес. Треба да ги водите вашите деловни активности на долг рок и ликвидноста и готовината се клучни компоненти на вашиот деловен модел. Сите знаеме дека кај летањето на кратки дестинации преовладува најниска цена, а сега ние сме со најниска цена, така што мислам дека нашата конкурентна позиција штотуку се подобри, изјави Варди коментирајќи ја стратегијата на „Виз ер“, која многу се разликува од нејзините конкуренти за време на актуелната криза.

Тој додава дека пред десет години кога последната економска криза го погоди светот, едноставно не биле доволно силни и не биле доволно големи за да ја искористат ситуацијата. Сега вели дека имаат финансиски капацитет да обезбедат корист и да бидат еден од победниците во оваа ситуација.

Популарно