За провинцијализмот, и за Скопје

s_provicijalizam
Ме вознемири помислата дека, можда, сме на прагот на уште една внатрешна, длабока поделба, онаа на скопјани и провинцијалци. Се натажив што призвуците на поделбата овој пат доаѓаат од круговите на младите, токму оние, кои во времево на целосна информациска глобализираност и отвореност, станаа граѓани на светот, барем во виртуелна смисла. Но, целава приказна си има длабоки економски и социолошки корени. Ќе се обидам да испратам некои пораки до младите, само со цел да придонесам за нивно спојување, за нивно сплотување, за сопирање на делбите.

Поаѓам од неспорниот факт дека повеќето луѓе нерадо ги напуштаат своите средини, своите домови. Причината за тоа е психолошка, имено тежнеењето да не се одвојуваме од сопствената, сигурна територија што ја доживуваме како наша природна средина. Сепак, внатрешните пориви, талентите, амбицијата или мотивите за постигнување, многу често не можат да бидат остварени во сопствената средина, па луѓето заминуваат, поблиску или подалеку, во неизвесна борба за остварување на своите соништа. Постојат и други, индивидуални причини за заминувањата, на пример невклопеноста во сопствената средина, авантуризмот, па дури и поривот за потврда на личните илузии. Тоа се случува секаде, вклучително и во најразвиените земји. Македонија никогаш не била исклучок во тој поглед. Секогаш имало млади луѓе кои заминувале на школување некаде надвор. Дел од нив никогаш не се вратиле дома; други, поносталгични, си дошле назад во својата земја. Тоа што загрижува денес е што луѓето масовно ги напуштаат родните места единствено од економски причини, просто поради тоа што нашата внатрешност (провинција) минува низ децениска деградација и економско пропаѓање. Дали нашите млади заминуваат надвор од Македонија, или само во Скопје - за нашите помали градови е еднакво погубно. Заминувањето на секој млад човек, особено неговото трајно заминување, е само нов чекор кон несопирливото замирање на градовите од нашата внатрешност.

Заради неуспехот на политиката за рамномерен развој на земјата, нешто што се потенцираше во периодот на независноста и транзицијата, нашите помали места станаа загушливи за индивидуалниот развој на младите. Скопје, неминовно, како единствен центар на новата динамика, преку ноќ прерасна во метропола, ама метропола на македонската беда. Со оглед на тоа што две третини од економската активност на државата се одвива токму тука, роеви полнолетни адолесценти од внатрешноста секоја година го фаќаат патот кон Скопје - единствената дестинација која пружа какви-такви, најчесто минимални шанси за егзистенцијален опстанок и контакт со прогресот. Нормално, огромната понуда од работна сила ја собори цената на трудот, и тоа е стварност со која безмилосно се соочуваме. Околу тоа што треба да прави државата за да го сопре ваквиот тренд, напишани се бројни трудови, стратегии и анализи, но, освен минимално во областа на децентрализацијата, не гледам дека некакви помрднувања кон подобро реално се случуваат. Значи, Скопје и натаму ќе продолжи да биде магнет за македонските мигранти, ќе страда од прекумерна населеност, вишок на работоспособна популација, беспоштедна борба за работа и власт, а категоријата Скопјани ќе ја добие конотацијата што ја имаат и безбројни други градови во светот. Скопјани ќе бидат сите, не само оние по корен, туку сите што тука создаваат некаква вредност.

За несреќата на присилното населување на Скопје, младите никако не смеат взаемно да се обвинуваат. Тие треба да знаат дека, едноставно, македонските политички гарнитури неодговорно го одбрале тој, за земјата катастрофален правец, па наместо да овозможат барем приближен развој на помалите градови со оној на Скопје (како Словенците, на пример), дозволиле нашата внатрешност да ги задржи особините на провинција, како синоним за неразвиеност и нешто помалку вредно. Но, според мене, има уште една причина за пежоративното толкување на овој социолошки поим.

Провинцијализмот на Македонија никако не треба да се поврзува со местото на потекло. Провинцијализмот во Македонија е резултат на нашата длабока (во многу нешта балканска) граѓанска некултура, и на нашиот бескраен примитивизам. Некултурата и примитивизмот се секаде околу нас: во Скопје, во Прилеп, во Охрид, во Конопиште, во Богданци...Тие се видливи со голо око, а се резултат на традиционалната инертност и левантински менталитет. Ѓубрето околу нас, плуканиците по улиците, валканите јавни тоалети, смрдеата на неискапени луѓе, неиспраните алишта, мрсните коси, неуредените селски и градски дворови - сето тоа е огледало на примитивизмот на овој народ. Да не зборувам за неписменоста, неспособноста да се изговори една просто проширена реченица (подмет, прирок и додатоци) без неизоставна граматичка грешка, и за долната комуникација меѓу луѓето. Што, пак, да кажам за вредносниот систем што се гради токму врз тие основи? Основните вредности доживеаја салто мортале, а повисоките изгубија човечки лик. Јас така гледам на оваа ера на растечки провинцијализам. Затоа, провинцијализмот никако не го врзувам за градовите и местата од кои доаѓаат луѓето во Скопје, туку за општиот примитивизам што го владее овој наш простор. Во Скопје само малку повеќе се вложува за маскирање на сеприсутната простотија, па малите градови делуваат појадно.

Не сакам да се занимавам со историјата на Скопје како град. За неа знам повеќе од многу други зашто и по мајка, и по татко, барем век и половина водам потекло од овој град. Но во 21-от век, за мене тоа веќе не е битно. Во сите светски метрополи е релативизирано значењето на потеклото на нивните жители. Луѓето таму се делат по други основи и критериуми, економски, статусни и иновативни, односно според нивото на нивната контрибуција за развојот на заедницата. Сакам и Скопје да биде таков град. Постарите не го направија тоа, ама од младите со право очекувам активизам. Токму поради нивниот лесен пристап до информации за се’ и сешто, а најмногу за естетиката, етиката, културата на живеење, културата на урбано однесување и културата на комуникацијата. Нема да ми пречи што Скопје, наместо триста, има скоро седумстотини илјади жители, доколку неговите граѓани се потрудат овој град да заличи на убавите светски градови. Со својата хигиена, со неоскрнавени паркови, со фасади неогрдени со одвратни графити, со балкони и тераси, на кои наместо скапан и дотраен мебел, ќе бидат засадени бокори убаво цвеќе.

Во период кога властите се исклучително активни во визуелната провинцијализација на Скопје, јас сакам да верувам дека позитивната промена ќе ја направат младите. А верувам и дека култивирањето на овој сегашен, вграден примитивизам, ќе придонесе и за култивирање во сите останати сфери. За тоа култивирање е потребна голема енергија. Ние, повозрасните, веќе ја немаме, ама младите ја имаат. Ние само ќе се вклучиме како силна поддршка, како значаен глас, како актери на споредна, но забележителна улога. Ќе бидам пресреќна ако се случи посериозна граѓанска акција на овој план. За доброто на сите. За убав, достоинствен град, за млади што ќе ги почитувам многу пати повеќе и што ќе ги сметам за вистински Скопјани.

А што се однесува до фаќањето богати типови со тнр., простете ми, голтање од првата вечер, за дијалектите, владеењето со ноќниот живот и сличните дребни ставри - тоа се веќе прашања на личен избор. Ама, сигурна сум дека општото култивирање, и искоренувањето на нашиот иманенетен провинцијализам и малограѓанштина, битно ќе ги редуцира и таквите, непријатни феномени.

Извор: http://danesezaboravi.blogspot.com

Остана ли човек во државава?

Сашко Коцев своето прво обраќање на овогодинешната „Бубамара“ го започна со реченицата „имаме толку многу материјал, што веќе не е смешно“ и во право беше. На толку многу глупости, човек повеќе и не може да се смее, посебно кога станува збор за неговата држава. Од надвор, сигурно ни се смеат и со право.

Фото мотажа

Кога пред неколку години почнав да пишувам колумни, се случуваше од недостаток на настани или потреси да прашувам луѓе за совет која да биде темата на мојот следен текст, а имаше и моменти кога пишував за спорт, љубов, среќа.... и тогаш дојде „шарената, ја викаа револуција“. Теми колку сакаш. СДСМ, ДПМНЕ, Шарени, Тврдокорни, СЈО... па Талат, Влада на Заев, промена на име .... и здосади. Веќе не е интересно, но дечкиве тек почнале. Не планираат да запрат се додека не паднат од власт и останат запомнени како убедливо најлошите до сега, во многу силна конкуренција.

Па видете што се можат да направат за само неколку дена и тоа на разни полиња. Прво го имаш она залижаното дете шо им глуми потпарол, кој во дебатна емисија ти изјавува „Чуму ти идентиет, ако немаш пари?“. Истиов „син на мајка“ на секоја пресконференција, намерно (веројатно по наредна) по 4 пати у една реченица кажува Северна Македонија. Не, тоа никаде не е потпишано во преспанскиот договор и никој не може да делува врз него. Тој нема државна функција и може слободно да вели Македонија, но....  Ама, ок, нему идентиетот не му треба, ако нема пари, а ако има пари, шо му е гајле. На таа пара, шо ќе му е идентиет. Па и ако му затреба, ќе си купи Западно Европски. Ок доста за него и онака има многу за набројување. Стево (поранешен Стевчо) го следат! Барем он така вика. Заев вика (не кажа од кај му се информациите) дека Стево се фура, за подоцна и Оливер да го потврди фурањето на „прецедников у најава“. Ех, ама Стево не се откажува. Не го следеле само него, туку и свештеници, така рекол Оливер пред некој месец! Е сеа и Стево викаше дека нема да го смениме името и дека за тоа треба задолжителен референдум и консензус и.... Или можда тоа Стевчо беше... Кој ли беше коа беше со „шарените“ и кога нарече голем дел од народот овци? И уште побитно, кај му е Југото и дали уште пали?

И додека ние се занимаваме со нив, Димитров иде у Бугарија и гласно пред министерката на Грција одлепува: Македонскиот јазик нема допирни точки со јазикот кој го зборуваат Македонците во Грција! Пази, ликов не е Стево, не е кандидат за нешто, туку министер за надворешни работи на Македонија. Сега северниот Димитров, потекнува од фамилија од Егејска Македонија! Па добро бе, како се гледа у огледало! Не, не ради бемката, ради совеста ми е муабетот. И таман си викам за тоа ќе пишувам ,батали Стево и Оливер со Југото, опааа интерпелација за внатрешниов. Шо ми требаше па пуштив да ја гледам седницата. Драма! Никој никого ништо не слуша, сите дојдени со напишани говори, си ги читааат, па си реплицираат со други напишани говори и така во круг. За на крај само 20 пратеници да гласаат ЗА интерпелација! 20?! Озбилно ДПМНЕ? Па зошто ја поднесовте интерпелацијата? Мислевте СДСМ ќе му врачи отказ на министерот со (случајот со) пајакот? Читајте си говори и он сам ќе се откаже? Ок, бидна и тоа, па вечерта дојде ред на Заев да чита и се случи ... Човекот кој ни смени име и идентитет, сега со еден говор ја смени и историјата на Евреите. Они да ти славеле Холокауст. Традиционално!!! Колку треба да си ѓон, да не се ни слушаш што читаш? Колку не треба да ти е гајле? Али уште полошо, колку треба Евреите у публика да се ѓонови, па никој да не изреагира? Ало бре, остана ли човек у државава? Емоции, чувства, здрав разум... нешто?!!! 

Се будам утрово и мислам сите за Заев ќе зборат, коа оп СЈО си играле базен! Опааа отиде империјата. Ко у некој нискобуџетен амерички мафијашки филм. Ејјјј поплава. Дотрајана е инсталацијата, а ние имаме буџет „само“ 8 милиони евра годишно, па доказите така ни стојат на земја покрај парното! Не, не сите, тие од Империја само! Т.е. има и други два, ама тие веќе се процесуирани и ги стаивме таму само да ви замачкаме очи! И најјакото, за овие „специјалниве“ се сретнаа Заев и Мицкоски да преговараат и да решаваат. Тоа е најголемата одлука шо треба да ја донесат! Озбилно ми иде да се смеам, ама од мука не можам!

Автор: Пацифист

Заев сака, но не може да и даде на Бугарија

„Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет. Но, етничката и идентитетска разлика не е единствената меѓу нас. Поважна и посериозна е разликата во нашите светогледи“, напиша вчера премиерот Заев и додаде: Јас работам на доближување на ставовите околу разликите, и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки. Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза. Доста беше омраза!

Не знам од каде да почнам.... Ајде од почетокот. Први Август 2017 година. Денот на потпишување на договорот и изјавата на Заев дека со овој договор Бугарија го „признала“ Македонскиот јазик. Ммммм...НЕ! Единствено место каде се спомнува македонскиот јазик е последниот пасос во кој се вели:
„Потпишан во два оригинални примероци, секој од нив на официјалните јазици на Договорните страни – македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија и бугарски јазик, согласно Уставот на Република Бугарија, при што и двата текста имаат еднаква важност. “
Значи, согласно уставот на Република Македонија, што значи дека јазикот целиот свој легитимитет го влече од уставот, кој е менлива категорија и постои едвај 30тина години. За разлика од уставот, македонскиот јазик е официјален јазик векови наназад. 
Токму догооворот за добрососедство и лагите што тогаш ги ширеше Заев, се јасен аргумент дека премиерот знаел што го очекува и дека и сега знае што следува. 

Следно, „Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет“. Јазик не се признава. Јазик  постои и се кодифицира(стандардизира). Тоа што оваа влада постојано повторува дека македонскиот јазик е признат во 1977 година во Атина е само уште лага, со која повторно им се дава оружје на бугарските тврдења дека станува збор за бугарски дијалект. Во 1977 година во Атина со резолуција е усвоена латиничната транскрипција на македонската кирилица. Толку! Не се работи за никакво признавање, затоа што такво нешто не постои! Како тоа некој да ви признае јазик? Кој е тој што го може тоа?

„Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет“, колку и гордо да звучи, нема никакво значење во спорот со Бугарија и Заев го знае тоа. Софија секојдневно повторува дека тие немаат проблем со тоа што ние денеска сме Македонци и зборуваме македонски јазик, туку со нашето минато. На Бугарија во моментов не и гајле дали сме ние Македонци, туку што тоа биле нашите предци. „Македонија и македонскиот народ се творба на Тито. Излажани Бугари, а македонскиот јазик е само дијакт на бугарскиот“. Тоа е ставот на Софија и во ништо не се оспорува со „гордата“ изјава на премиерот. 

„Етничката и идентитетска разлика не е единствената меѓу нас“. И со оваа реченица Бугарија нема никаков проблем. Како што реков и пред малку, Софија признава дека сега сме различни народи, со различен идентитет. Тие ја сакаат историјата. Тоа многу отворено го кажа нивниот министер, кога рече дека убаво што Заев прифаќа заедничка историја, само уште да признае дека е бугарска. 

„Јас работам на доближување на ставовите околу разликите“. За некој да работи на доближување на ставовите, прво треба да има став, а Заев го нема. Дури и кога личи дека го има, ЛАЖЕ! ЛАЖЕШЕ дека нема да се смени устав со цел да се смени уставното име! ЛАЖЕШЕ дека со „Преспанскиот договор“ е бетониран идентитетот, но ја изгубивме пола историја (историја +традиција +култура+јазик = идентитет). ЛАЖЕШЕ дека со договорот со Бугарија, Софија го „признала“ македонскиот јазик. ЛАЖЕШЕ дека не постои „Тиранска платформа“. ЛАЖЕШЕ дека сме добиле датум за прговори со ЕУ, барем 12 пати. ЛАЖЕШЕ дека има писмени гаранции за почеток на преговори со ЕУ. ЛАЖЕШЕ дека Бугарија во втората светска војна била само администратор во Македонија. ЛАЖЕ и сега! Заев нема став, затоа што тој не се обидува да го реши спорот со Бугарија за доброто на Македонија, туку за свое добро. Во ситуација кога земјава е задолжена над 60% од БДП (високозадолжена земја), по што му е јасно дека повеќе нема да може да се задолжува и многу скоро ќе остане без пари за плати и пензии, единствен спас му се европските фондови. Во ситуација кога Македонија е 7ма по смртност од Корона, а ситуацијата до прва ќе се влошува, Заев знае дека многу скоро (на пролет) ќе мора на избори. По сите порази, на сите полиња, Заев знае дека неговата политичка кариера завршува со тие избори. Но, не е тоа главниот проблем на премиерот. Она што него навистина го плаши е прогонот кој што му следува. При "All in“ има само две можни. Ги собираш сите чипови (успеси) од масата или губиш се, па дури и слободата. 

Заев во моментиве е давеник, налик Груевски пред неколку години. Разликаата е што Груевски бараше спас кај народот (кој го пљачкаше со години), а Заев очекува да му помогнат странци. Она што сеуште не го разбрал е дека, кога ќе ја изгуби довербата кај народот, странците нема да го есапат. Завршено е! Сега дури и да прифати дека до вчера сме биле Бугари, а јазикот ни е препишан од бугарски буквар од 1943 година, никако не може да му понуди гаранција на Борисов дека тој договор ќе биде почитуван од наша страна. При таков договор, диру ни почеток на преговори со ЕУ нема да му донесе победа на изборите, а тоа Софија го знае. Затоа, сега потписот на премиерот не вреди ништо во Бугарија. Од таму и изјавата на Каракачанов дека изјавите на Заев се празни зборови, му требаат дела. Делата Заев не може да ги понуди! Единствено што може да направи е дополнителна штета во односите со Бугарија со уше некој анекс договор, за кој нормално ќе ЛАЖЕ што подразбира. Ова не значи дека давеникот ќе престане да прета и да се бори за воздух и по цена на други жртви, но крајот е блиску, а СДСМ никако не може да го запре. 

По сите понижувања и неуспеси кои како народ ги доживеавме под оваа владејачка гарнитура, добрата вест е дека за неколку месеци ќе заминат во историјата (во онаа црната). Лошата вест, доколку драстично не се променат работите, е дека Мицковски ќе биде новиот премиер. Сегашниот лидер на ДПМНЕ кој не направи ама баш ништо, да го спречи Заев во своите антимакедонски политики, премиерската позиција ќе ја добие на тацна. Слично како што ја доби и претседателската функција во својата партија. ДПМНЕ под лидерство на Мицкоски не доби ниту едни избори, не оствари ниту една победа! Ако толку може како партиски лидер, колку (ич) ќе може како премиер?

Можеби малите партии (од кои се издвојува Левица) ќе можат да го искористат вакумот, но сеуште е рано да зборуваме за премиер кој не е челен на СДСМ или ДПМНЕ. 

Автор: Пацифист

(Фото) Му се слошило на работа, западнал во кома, а брзата помош го однела... ДОМА

На социјалните мрежи во Фејсбук групата "Стари Скопјани" се најде статус каде еден од членовите на истата група раскажа за случка која се случила во неговото семејство.

Имено, неговиот зет за време на работа му се слошило и се онесвестил. Неговите колеги повикале брза помош, но тие наместо веднаш да го хоспитализираат тие го транспортирале само до ДОМА.

"Состојба тогаш: не зборел, не бил при свест, не мрдал не бил контактибилен. Тој е на возраст од 40 години,а работи во близина на ГОБ "8ми Септември", ( па нели требало прво да го однесат на некакво снимање, преглед и сл, па така барем беше во наше време. Од како го донеле дома му ставиле инфузија и си заминале и ја повикале ќерками од работа. Сега мојот зет лежи во КОМА, не сум по таа струка за да знам што му е, но само лежи без никакви знаци. Денес дојдоа еднаш од брзата помош да му сменат инфузија и оставија некое кесе, па ќерками ми напиша на ливче што се треба да купам од аптека, изгледа ќе треба сами да го боцкаме. Понатаму ќе ве известам како ќе течат работите, но еве како се спремни оние од екипата на Филипче да помагаат на болните во време на пандемија."

Популарно