МВР со детали за авионската несреќа: Најдени метална електронска кутија, мобилни телефони, на местото на падот на авионот

МВР, односно полицајците од Полициската станица Петровец кои заедно со мештани од селото Кожле кои го најдоа патничкиот авион „PAJPER PA 34“, што вчера падна кај селото Кожле, општина Петровец пронашле делови од авиoнот, крило со еднo тркало, метална електронска кутија, два мобилни телефона, билети за патување и една италијанска патна исправа .

air3

Министерството за внатрешни работи соопшти дека стручна екипа составена од Јавен обвинител, претставници од Судска медицина, истражители од Комитет за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, како и полицајци денеска се на местото на несреќата каде се врши увид, и идентификација на починатите лица, со цел обезбедување на докази на причините за авионската незгода и смртта на шестмината патници.

Екипите тргнале на местото на несреќата околу 6 часот утрово, но поради лошите теренски услови пристигнале во 10 часот, а во 10:30 часот започнале со обезбедување на локациите за крим-техничко одбележување на трагите.

Губењето на авионот го пријавил дежурен полициски службеник од РЦ за ГР „Север“ во Единицата за известување и команда при СВР Скопје во 17:36 часот.

Според првичните информации од Контролата на летање известено е дека авионот бил приватен од типот „PAJPER PA 34“ со германски регистарски ознаки и дека истиот полетал од Тревизо, Република Италија, а крајната дестинација му била Приштина. Над Република Македонија требало да изврши прелет и бил пријавен на Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје за дополнување на гориво.

По еден час, жител на село Кожле во СВР Велес пријавил дека во атарот на селото слушнал експлозија.

Авионот беше пронајден околу 20 часот од страна на полицајци од Полициската станица Петровец и мештани од селото кај местото Јеловица.

„Веднаш по известувањето во 18:45 часот е активиран Одделот за специјални полициски операции, од каде се ангажирани 50 полициски службеници со 10 моторни возила од Единицата за специјални задачи како и 120 полициски службеници со 15 моторни возила од Единицата за брзо распоредување. По пронаѓањето на авионот од страна на полициски службеници од ЕСЗ е извршено обезбедување на периметарот на местото на настанот и известен Јавен обвинител од ОЈО Скопје кој излегол на местото на настанот, по што извршено е првично фотографирање, но поради немање на услови за вршење на увид, истиот согласно насоките од јавниот обвинител е планиран да продолжи во утринските часови“, соопштуваат од МВР.

Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции презема мерки и активности за утврдување на сите поединости околу авионската несреќа и целосно документирање на настанот.

Во несреќата загинаа сите шесмина патници, пет мажи и една жена, сите со италијанско државјанство, а двајца од нив имале косовско потекло. Според првичните информации тргнале кон Приштина, каде загинатите Косовци кои биле браќа, планирале да отворат спортски аеро-клуб.

Коментари

Популарно