Опаѓа бројот на заболени и починати - Дали Италија веќе го достигна пикот?

Вкупно 651 нови смртни случаи беа регистрирани вчера во Италија од Ковид-19, што е речиси 20 проценти намалување на смртноста во однос на претходните 24 часа, кога 793 лица починаа од вирусот – со што вкупниот број на смртни случаи изнесува 5.476 од вкупно 59.138 случаи. Дневната стапка на нови инфекции исто така забави, со пораст од девет проценти, споредено со просек од околу 15 отсто во изминатите две недели.

Здравствените власти предупредуваат дека битката сè уште не е добиена, но италијанските власти по првпат внимателно изразија надеж за скоро повлекување на коронавирусот.

– Бројките објавени денеска се помали од вчера. Се надевам, и се надеваме дека намалувањето ќе биде потврдено деновиве. Но мораме и натаму да бидеме внимателни – изјави синоќа шефот на Цивилната заштита Анџело Борели.

– Не смееме претерано да се занесуваме, ниту да даваме преголема важност на денешните податоци, но тоа е знак на кој гледаме позитивно. Првите строги мерки на изолација се донесени на 11 март. Очекувавме резултати по две до три седмици. Значи, следната седмица секако ќе биде пресудна и очекуваме потврда дека трендот е сега обратен – истакна Францо Локатели, челник на италијанските санитарни власти.

И во Јужна Кореја денеска е забележен најмал број на нови случаи со Ковид-19 од 29 февруари, што укажува дека најверојатно се намалува епидемијата во најпогодената азиска земја по Кина.

Корејскиот Центар за контрола на болести и превенција (КЦДЦ) денеска потврди 64 нови инфиоцирани лица со новиот коронавирус, со што вкупниот број се искачи на 8,961 лица, а едно лице почина, со што цифрата на смртни случаи изнесува сто.

Јужна Кореја 12. Ден по ред бележи околу 100 инфицирани лица или помалку во споредба со 29 февруари, кога беа потврдени 909 случаи.

Коментари

Популарно