После 2 месеци отворена е кинеската провинција Хубеи: Локално ширење на Ковид-19 повеќе нема

Кинеските власти потврдија дека веќе втор ден во низа немаат забележано ниту еден случај на локално пренесување на коронаворусот, а сите нови случаи се однесуваат на лица кои допатувале од странство.

Во текот на вчерашниот ден, кинеските власти ги отворија границите на провинцијата Хубеи која се наоѓаше во тотален карантин од јануари. Токму Хубеи, односно градот Вухан беа главното жариште на Ковид-19, по што вирусот се прошири буквално насекаде низ светот.

Што се однесува до новите случаи, вчера се забележани 67 што е пораст во однос на претходниот ден кога беа регистриран 47. Околу 90% од случаите од странство се кинески државјани, а во најголем дел станува збор за студенти кои се враќаат од странство.

Главниот предизвик за кинеските власти сега е да спречат овие нови случаи од странство, да не ја прошират заразата во државата. Поради тоа, властите од Пекинг спроведуваат строги мерки – секое лице кое доаѓа надвор од Кина мора да биде сместено во централизиран карантин.

Секако, најголем успех е елиминацијата на вирусот во оваа провинција. Станува збор за територија со околу 60 милиони жители (од прилика колку и популацијата на Италија). Јавниот транспрот повторно е пуштен во употреба, луѓето започнаа да излегуваат на улиците, а многумина од нив и натаму поради претпазливост носат маски.

Градот Вухан во истата провинција кој беше епицентарот на вирусот ќе остане во карантин уште околу две седмици – планот на кинеските власти е мерките во градот да започнат постепено да се укинуваат од 8-ми април.

Коментари

Популарно