На 8 август, православните христијани го одбележуваат денот на Преподобната маченичка Параскева, позната во народот и како Летна света Петка. Почитта кон оваа светица е широко распространета меѓу македонскиот народ, кој ја смета за заштитница од различни несреќи и болести, па затоа често и ја нарекуваат мајка Параскева.
Денеска, на овој ден, својот именден го празнуваат сите со имиња како Петко, Петкана, Параскева, Пенка и други. Ова е првиот од трите празници посветени на света Петка, и денес се чествува Преподобната маченица Параскева Римјанка.
Во житието за неа се вели дека нејзините родители биле Римјани, а дека таа се родила како единствена ќерка по долги и искрени молитви кон Бога. Параскева се замонашила рано, а настрадала заедно со голем број христијани во време на царувањето на Антонин. Императорот присуствувал на нејзиното мачење, а кога светицата била фрлена во котел со врело масло и катран, нејзиното тело останало неповредено, а од течноста му прснало во очите на императорот, по што тој ослепел. Параскева, по ова му се помолила на Бога и императорот оздравел, а гледајќи го ова чудо голем број луѓе потоа ја примиле христовата вера. Поради тоа била исечена со меч, а подоцна моштите ѝ биле пренесени во Цариград. На иконите света Петка Римјанка држи чинија со очи.
Додека овој ден не е означен со црвени или црни букви во православниот календар, сепак се смета за значаен празник, особено популарен кај жените. Верувањето е дека треба да се посвети на молитва и дека христијаните треба да избегнуваат тешки физички активности. Порано, се сметало дека во овој ден не треба да се вршат домашни работи како месење, перење, изнесување на пепел или шиење.