Интервју со сестрата на Игор, Тања Џамбазова: Срце гладно нови предизвици

Тања Џамбазова - Интересна жена со комплексен опис на многуте професии што ги владее, повеќе од 20 години не живее во Македонија

4D20BA2D8A279E46AE1A0E386BFEA6F5Валентина Тодоровска

Допишувањето со Тања започна неодамна, додека најмалата од семејството Џамбазови беше во Индија (држеше предавања на светската конференција „Things that matter“ врзани за технолошки иновации), за вчера по и-мејл да испрати поздрав од Малдиви. Сите што ја познаат Тања знаат дека се работи за интересна жена, со опсежен статус на професија и дека кревката градба е само „камуфлажа“. Едните велат дека е уметница, граѓанин на светот, другите дека се грижи за планетата Земја, ама и за луѓето, животните и идеите. Всушност темата е комплексна и голема, но тоа секогаш било така во фамилијата на Џамбазови.

Кина, Африка, ама и Америка, Европа... Во што ја наоѓаш и препознаваш егзотиката во земјите каде што патуваш и живееш?

- Сакам да видам како луѓето од различни култури го поминуваат ова малку време што го имаме на Земјата, што им е важно, каде наоѓаат мир и што им носи пеперутки во стомакот. Бегам од градови зашто сите се исти. Невидливите градови на Калвино. Одам во мали места, во села, а во ретки моменти пијам ракија од шише со автомеханичар во Куба. Или појадувам со фармер во Исланд. Сум шетала со човек кој убива болни или повредени коњи во Јужна Африка. Да, имав драгоцен разговор со теа мастер во Тибет, споредував животни филозофии со пријатели од Зимбабве... Патувам секаде каде што можат да се најдат луѓе со големо „Л“.

96F7DB28130CEF47B28F31FE891F76EAПоминаа повеќе од 20 години откако го напушти Скопје, веднаш откако заврши архитектура. Кога ќе се сетиш на минатото, својот град, што ти доаѓа првин на ум? Што, можеби, сонуваш?

- Игор. Игор. Игор. Тато. Мојот најдраг тато од кого научив дека во животот можеби треба малку и на себе да се мисли. Борче. Мама. Биби, мојата втора половина, чувачот на сите мои тајни. Мојот столб Тања Нацевска. Јуриј Гагарин. Фидан Бојлија мачорот. Кучето скитник Линда кое по една година дневно дружење, шинтерот го уби пред мои очи. Високата пунџа и беспрекорната кошула на учителката Љупка. Училишна торба поголема од мене. Диско „Мусандра“. Гастон, ах Гастон. Тања Ефремова и „вранглерки“. Креативноста на тетка Милена. Игор. Снимањето на „Волшебното самарче“. Алумина и пластика. Зелничето на баба. Пакување половина куќа за регуларниот тримесечен годишен одмор во Градиште. Рибарење во 5 наутро. „Охридско лето“. Фризерската соба во театар. „Бриџ“ со дедо. Скијање со чичко Мирче. Белата капа и жолто-бел-црн костим за капење на тетка Кача. Таа и мама - кафенце, цигари и многу смеење (со тато и чичко Мирче како главен извор за инспирација). Јана и Уна. Игор. Театарски претстави. Многу убави театарски претстави. Нова година кај Палчо, првата средба со вермут: 7 лустери, 6 лустери, 5 лустери, 4 лустери… Мирисот на театарската сцена. Чичко Душко. Лариса. Ручеци кај баба и дедо. Лиле на Диме. „Леб и сол“. Лидија Георгиевска. Горазд Поповски. Игор Баци и Зако. Маврово. Архитектонски факултет и Живко Поповски. Игор. Пеење серенади под балконот на војничката зграда кај Зоолошка. Група „Раскољников“. Милиот Сергеј. Ајвар! Млечник и кох од мама. Горан Адамовиќ. Штокче. „Буре барут“ и Дејан.

Не знам дали како трајна дестинација може да се наведе твојот моментален дом во Сан Франциско....? Како и да е, што работиш конкретно и што дојде на местото на архитектурата?

- Цел живот барам нешто трајно, само се' уште не сум нашла што било такво. Единствено трајно е дека се' е променливо. Сан Франциско е една од многуте непланирани станици на моето патешествие без почеток, ни крај. На архитектурата и' ставив крај во Лондон во 2000 година. Немав стомак за тоа, ниту доволно талент. Има толку многу талентирани архитекти на светов, па и еден просечен е премногу. А јас не сум добра во која било просечна улога... Да објаснам што работам денес не е лесно. Измислувам и се реинвентирам секој ден. Во последните 13 години работам во компанија која прави дизајн софтвер. Измислив работна позиција која дозволува да го користам најдоброто во мене: театар, креативност, познавање луѓе, технологија, кршење мраз со нови идеи. И си измислив титула: јас сум Tecxnologos whisperer. Звучи апсурдно, ама е многу точно: правам и учам висока, нова технологија на разбирлив начин . По секоја презентација, луѓето ми бараат автограм и ме молат да се сликаат со мене... Лани, пак, започнав да работам со најпознатите светски музеи како што е Smithsonian, реконструирам египетски мумии во музеј во Шведска, работам со д-р Лоуис Леакс, внуката на д-р Ричарц Леакс, потоа, со индиската влада за зачувување на Чандигар од Корбизије, наскоро имам проект со УНИЦЕФ за заштита на светски културни значајни места, во контакти сум со Ирис ван Херпен за „хај енд фешен“ и користење на 3Д-печатач и ласер кутери...

Знам дека актерскиот ген не те прескокна, а во твојот случај се работи за неминовност, ми се чини. Дедо, мајка, брат, сите етаблирани и големи...

- Зборување за глумење, театар, ме боли. Мама и тато ме направиле таква, да ме бидува за многу работи – но, тоа што мене ме движи се животните и глумата. Додека бев во Македонија, не ни помислив да станам глумица, не сакав, не можев да живеам опкружена со коментари дека добивам ролји само затоа што сум сестра на..., ќерка на..., внука на... Немаше да има шанса за објективно мерење успех, па кога си отидов, несвесно правев се' за да имам можност да бидам на сцена. Во Виена играв во Дие Фремден - аматерски театар на странци, во билингвален театар зборував германски и француски, глумев и во претставата за Михаил Булгаков, каде што ја играв неговата жена. Ме имаше и на отворена сцена во Париз. За Лондон немаше шанси - жена му на Раде Шербеџија, Ленка, веднаш ми го кажа тоа... Инаку, одев во конзерваториум, не за да научам да глумам, туку да влезам во круговите, а професорите кај кои зедов часови не разбираа зошто сум таму, а не негде на сцена. Еден професор во крајната оценка ми напиша вака: „Оваа глумица е подготвена и треба да игра!“ Ме насмеа. И многу ме натажи. Но, можеби така требало да биде во мојот живот – да имам интересен пат.

427154375537FA45B9B95CCB99357306Ти никогаш не си го користела презимето, корените, препознатливост, како адут, напротив. Зошто?

- Не знам. Мислам дека е некоја неоснована или барем непоимлива потреба да покажам дека можам да се снајдам без помош на другите, да одам по пат кој не е однапред асфалтиран. Ме бидува за калдрма која не знам каде води. Одбрав професија за која не знаев ништо, отидов во места во кои не познавав никого. Човек е поподготвен за живот кога не планира со помош на другите и кога прави сам свои фундаменти. Така знае дали се работи за фундаменти од дрво, армиран бетон или жив песок, и знае колку тежина да стави. Таа индивидуалност и гордост ми е сигурно наследство од мама. Тие што ја знаат отпорано знаат дека никогаш го нема користено фактот дека Петре и' е татко. Никогаш ништо не му побара, ниту, пак, очекуваше. Дури ни во најтешки моменти.

Ти и Игор сте големи индивидуалци, тоа е веројатно така во сите уметнички семејства, каде што има доволно „простор за дишење“ и дејствување. Како контактирате вие двајцата? Тој повеќе се движи во локални рамки, ја обожава Македонија, ти си илјадници километри подалеку, ама со иста цел...

- За Игор слушам повеќе од интервјуа или од други луѓе отколку од него. Тој е мојата насмевка, животна инспирација, грижа и солза. Не ни е важно колку често се слушаме или гледаме. Знаеме дека сме тука еден за друг и молчаливо ги гледаме изборите што ги правиме и како ги решаваме животните костеци во кои ќе се најдеме. Се познаваме длабоко за работите кои се важни, ама сме странци за работите што се тривијални или ‘nonise’. Многу би сакала кога би знаел каде и како живеам, и кога би доаѓал да ме види. Само изгледа дека сите мои избори немаат шанса со Слепче, неговиот одбран рај...

За крај, ги остави животните. Сериозна си на „оваа тема“, голем дел од времето го поминуваш во резервати. Поради слобода, допирот со природата, грижата околу нив или поради нивната наивност, безусловна љубов?

- Поради љубов. И начинот на кој ја даваат без страв, без план, прекор, очекување. Го сакам чувството дека сум сакана и дека некому му требам... Инаку, не јадам месо една година и не сум била посреќна и пополна со енергија како сега. На оние што ме сакаат им ја препорачувам книгата „Јадење животни“ од Џонатан Сафрон Фоер. Ако можете да јадете месо потоа, ви завидувам.

Мојот брат - громобран

Игор е неуморен, прави, а не зборува. Не е доволно да ти даде господ талент, треба нешто да се направи со тоа. И зад книги, и зад музика и шоуа стои многу работа, големи истражувања, читања и мислења. Тој се качува и паѓа, но не го запира. Мозокот му врие со идеи, со мисли, но ги става во ноти, на хартија, на сцена, на телевизија. Мојот брат е генијалец во секаква смисла, а најфасцинантно и апсурдно е што е скромен и кроток. Игор никогаш не се однесувал ниту замислувам дека е нешто поважен од другите. Има приземјување на громобран. А најмногу го почитувам поради тоа што живее искрено со себе и со тоа што го прави среќен.

Филмови

Лани снимав три филма во Сан Франциско - во едниот ме направија руски емигрант во Канада. Во другиот сум учителка по пијано од Источна Европа. Во третата ролја ја играм жената на Бертол Брехт, Хелена...

Скопје

Ретко доаѓам, на пет-седум години. Македонија боли. Секое следно патување за Скопје наоѓам помалку од Скопје, од мојата Македонија, од средината која ме направи ова што сум денес. Некаде исчезнаа тие ветрови, тие сонца, води, музики. Не сакам да знам дека не е повеќе како што беше. А кога доаѓам, во тие ретки гостувања, се знае - секогаш правам една работа: од аеродром ме носат прво на бурек.

Утрински.мк

Коментари

Популарно