Погледнете зошто губењето на сетилото за мирис може да е симптом на Ковид-19

Поминаа четири дена од инфекцијата за која постоеше сомнение дека е коронавирус, кога Оливија Хејнс сфати дека не може да мирисне ниту да вкуси ништо, пренесува „Тајм“. Нејзината сува кашлица и треска на кратко се смируваа и апетитот се врати, па самата си зготви шпагети болоњез. Таа првично помисли дека не го зготвила добро јадењето бидејќи било блуткаво. „Искрено, ми беа потребни три оброци за да сфатам дека не можат да сетам ниту вкус ниту мирис“, изјави таа телефонски за „Тајм“ од нејзиниот дом во Лондон, каде се самоизолираше. „Луѓето не зборуваа за тоа (како симптом), па затоа не го барав“.

Со оглед на тоа дека сè повеќе луѓе ширум светот се инфицираат од новиот коронавирус, се зголемува и бројот на луѓе кои пријавуваат губење на мирис, а некогаш и вкус, тврдат лекарите. „Во последните 48 часа, или можеби 72, слушнавме за околу 500 пациенти кои го изгубиле сетилото за мирис“, вели д-р Нирмал Кумар, претседател на ЕНТУК, здружение на британски специјалисти за уво, нос и грло. Вообичаено, вели Кумар, добиваат околу еден извештај за изгубено сетило за мирис или вкус месечно. Сега, има многу повеќе. „Никогаш не било толку често како што е сега“, вели тој. „И ова е само мал број од многуте“.

Кумар не е единствен. Во Јужна Кореја, каде што тестирањето за Ковид-19 широко се применува, околу 30 отсто од пациентите со лесни симптоми пријавиле аносмија, технички термин за губење на сетилото за мирис. Лекарите од Кина, САД, Иран, Италија и Германија – сите места со значителни жаришта на Ковид-19 – исто така забележаа пораст на извештаите за аносмија поврзани со потврдени случаи на коронавирус, се вели во писмото објавено во петокот од ЕНТУК и Британското оторинолошко здружение. Во писмото, потпишано од Кумар и испратено до јавните здравствени власти, се бара лекарите кои лекуваат лица со аносмија да добијат лична заштитна опрема додека ги третираат тие пациенти.

Симптомот, вели Кумар, се појавува и кај наизглед здрави луѓе, што укажува дека губењето на сетилото за мирис може да биде витален показател за тоа дали некој го носи вирусот и без да знае – особено во Велика Британија, каде тестовите за вирусот се достапни само во болници и тоа за најсериозните случаи, оставајќи многу луѓе со благи симптоми, несигурни дали се заразени од коронавирус или обичен грип. „Многу пациенти кои го пријавуваат ова имаат благи Ковид-19 симптоми, понекогаш малку кашлица, а понекогаш и треска, но има пациенти кои не пријавуваат други симптоми“, вели тој. „Тоа е драматичен показател. Во мојата пракса, пациентите околу мене го покажуваат тоа. Затоа, има многу преносители наоколу “.

Кумар и другите лекари ги повикуваат властите на глобално ниво да го додадат губењето на сетилото за мирис на списокот на симптоми што би индицирале самоизолација. „Чувствувам дека треба да го додадеме ова во правилата за самоизолација, затоа што овие млади луѓе го шират наоколу“, вели тој. Иако сè уште нема научни студии за врската помеѓу Ковид-19 и аносмијата, Кумар шпекулира дека отапувачкиот ефект е предизвикан од вирусот што се меша со мукозната мембрана во горниот дел на секоја носна шуплина, каде се наоѓаат рецепторите за мирис. „Очигледно постојат многу шпекулации во моментов“, вели Кумар. „Но, овие вируси, кои се очигледно многу, многу мали честички, одат во горниот дел на носот. И тука влијаат на рецепторите за мирис, кои се многу деликатни органи “.

Многу луѓе, кои го изгубиле сетилото за мирис првично се обратиле на Твитер за одговори, особено оние кои немале други симптоми на Ковид-19. Еден од нив беше наставник во училиште по име Роберт, од северниот дел на Англија, кој додека јадел бонбони за време на викендот сфатил дека не може ништо да вкуси или помириса.

Роберт, кој побара да биде наведен со псевдоним, заминал на работа во понеделникот, не знаејќи дека неговото губење на сетилото за мирис може да укаже на Ковид -19. (Тој немал други симптоми.) Иако училиштата во Велика Британија сега се затворени за повеќето деца, тој сепак морал да надгледува мала група деца на вработени во суштинските дејности, како лекари и медицински сестри. „Јас дури и не помислив дека е можно тоа да е поврзано“, вели тој.

Неможејќи да добие тест за коронавирус поради ограничувањата за тестирање во Велика Британија, Роберт се обрати на Твитер во понеделникот вечерта. Во идеална ситуација, никој не треба да се потпира на социјалните медиуми за медицински совет, но со оглед на тоа колку брзо се движи оваа пандемија и колку сè уште има непознаници за коронавирусот, многумина сметаат дека немаат друг извор. На Твитер, каде што многу луѓе – вклучително познати личности и британската министерка за здравство, Надин Дорис (која беше тестирана позитивно на вирусот), објавија дека го губат сетилото за мирис, Роберт прочитал дека може да има врска помеѓу неговите симптоми и Ковид-19. Тој веднаш решил да се изолира и да му каже на својот работодавач. Во Лондон, каде сè уште се бори со лошите симптоми по 10 дена инфекција, Хејнс се обидува да се мотивира да јаде без сетилото за вкус. „Во ситуација кога и онака не сте гладни и се обидувате да ставите нешто во стомак, навистина е очајно“, вели таа. „Особено кога сакате само утеха во храната“.

Над 400 приватни специјализанти стапија во штрајк

Над 400 приватни специјализанти изутринава стапија во генерален штрајк и не ги извршуваат работните обврски на скопските клиники и останатите болници и амбуланти низ државава. Тие бараат зголемување на надоместот што им се исплаќа  во изнес од 26 илјади денари, на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, здравствено осигурување, како и решавање на статусот што сега им е со договор на дело. Штрајкот ќе го прекинат, како што најавија, само доколку добијат писмена гаранција за исполнување на барањата. 

- За жал, се решивме на овој чекор бидејќи Министерството за здравство нема слух за решавање на нашите проблеми,  изјави доктор Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина, трета година. 

Таа потсети дека по протестот во март, имале средба со министерот за здравство на која им било ветено дека нивните барања ќе се најдат на седница на Влада., но  дека засега немаат никаков одговор. 

Како што соопшти Илиоска Чешлароска, добиле повик од претставник во Министерството за здравство и им било кажано дека денеска во 14 часот  ќе се одржи средба во Влада.

-Петмина наши претставници ќе бидат на таа средба, но, немаме информација кој се ќе присуствува и дали ќе бидат прифатени нашите барања. Штрајкот продолжува, се додека не добиеме писмена официјална гаранција дека барањата ќе бидат исполнети, нагласи Илиоска Чешлароска.

Тамара Пејоска, специјализант на пластична и реконструктивна хирургија, прва година, рече дека работно максимално се посветуваат, а се ставени во разочарувачка деградирачка позиција. На протестот беше нагласено и дискриминирањето при остварување на мајчинство и породилно отсуство, бидејќи тогаш се укинува надоместот. Сите овие луѓе, беше кажано на протестот, имаат желба да останат во државата, да работат и да се грижат за пациентите.

ИЈЗ: Нови 44 случаи на голема кашлица од 5 до 11 април, вкупно 443 заболени

Нови 44 случаи на голема кашлица се пријавени од 5 до 11 април, со намалување од 10,0 отсто споредено со претходниот седмодневен период. Најголем дел од случаите се пријавени во Скопје. Пријавени се случаи и во Битола - четири и по еден случај во Куманово, Кратово и во Крива Паланка. Возраста на заболените се движи од еден месец до 75 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Од новите 44 случаи, два се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

- Заклучно со 11 април, во Северна Македонија се регистрирани вкупно 443 случаи на голема кашлица, со инциденца од 24,1/100 000 жители. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје - 355 или 80,1 отсто со зафаќање на шеснаесет различни општини. Од територијата на ЦЈЗ Куманово се пријавени 25 лица, од ЦЈЗ Битола 19, 17 лица од ЦЈЗ Тетово, од ПЕ Гостивар - пет и од ЦЈЗ Кочани и ПЕ Кратово по три случаи. По два случаја се регистрирани во Крива Паланка, Дебар, Струга, Пробиштип, Велес и во Струмица, а по еден случај е регистриран од Кичево, Прилеп, Кавадарци и од Гевгелија, пишува во извештајот.

Од вкупниот број регистрирани случаи - 433, 263 или 59,4 проценти не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просек на поминато време од последната доза вакцина до заболување, изнесува 12,9 години.

Од заболените, хоспитализирани се 60 лица и тоа 49 од нив на возраст до четири години.

Дадени се вкупно 39.031 доза вакцина што содржи компонента против голема кашлица во периодот од 18 јануари до 11 април. 

Овие намирници го зајакнуваат имунитетот и ги ублажуваат симптомите

Иако пролетта носи многу прекрасни работи и позитивна енергија, луѓето кои страдаат од алергии се на мета на алергиите и така започнува нивната агонија. Алергиите се резултат на преосетливост на имунолошкиот систем, што предизвикува ослободување на штетни хистамини. Тие можат да влијаат врз целото тело, особено на кожата, очите, носните прооди и белите дробови.

Симптомите на алергија се јавуваат кога вашето тело реагира на алергените во телото со производство на хемикалијата наречена хистамин која помага да се потисне алергенот. Имуниот систем предизвикува алергиска реакција преку производството на антитела на имуноглобулин Е (IgE) кои предизвикуваат широко распространети симптоми.

Пример симптоми

- течење на носот, сугреб, чешање, затнат нос

- исип на кожата, црвенило, сувост, лупење или чешање

- печење или чешање во устата и усните

- отекување на јазикот, усните, грлото или лицето

- гадење и повраќање

- грчеви во стомакот

- кашлица

Овие се најдобрите прехранбени продукти кои треба да ги вклучите во својата исхрана за да се справите со алергиите:

1. Белиот лук

Природен антибиотик кој помага во борбата против инфекции, вируси, дури и алергии. Дневното консумирање или цедење на сок од две сурови чешки од овој моќен антиоксидант може да го засили имунитетот.

2.Лимон и лимета

Одлични за засилување на имунитетот и се користат за разни заболувања, вклучувајќи ги и алергиите, бидејќи се полни со витамин C и антиоксиданти кои го засилуваат имунитетот. Водата со лимон го прочистува телото од нечистотии. Помешајте сок од лимон со маслиново масло како дресинг за салата.

3. Зелените лисни зеленчуци

Спанаќ, кељ, зелка и рукола се одличен извор на важни витамини, минерали, антиоксиданти и ензими кои помагаат во детоксикацијата и намалувањето на воспалението.

4. Храна богата со пробиотици

Пробиотичката храна (кефир, кисело млеко, кимчи, јогурт, сирење, мисо и комбуха) го подигнуваат имунитетот и може да помогнат во регенерацијата на оштетената цревна мукоза.

5. Кокосово млеко

Најдобрата алтернатива на кравјото млеко, бидејќи не содржи млечни производи, лактоза, соја, ореви и житарки.

6. Путер од бадеми и семки

За луѓе алергични на кикиритки и путер од кикиритки, путерот од бадеми е безбедна и здрава алтернатива која обезбедува здрави незаситени масни киселини, влакна, минерали како и рибофлавин и магнезиум, па дури и некои антиоксиданти.

7. Ленено семе, чија, семе од тиква и сончогледово семе

Одлични извори на здрави масти и влакна.

8. Коприва

Листот на коприва природно ги контролира хистамините, затоа се препорачува од страна на се повеќе лекари да се земе лиофилизиран препарат пред почетокот на сезоната на поленова грозница. Може да се користи и како чај или во форма на тинктура, вклучувајќи и хомеопатски лекови.

Популарно