Утре е Водопост-на овој ден мајките никако не смеат да заборават да го направат следново

Празникот Водици го менува денот, но датумот не. Се празнува на 19 јануари. Меѓутоа обичаите сврзани со празнувањето на овој Свет ден се врзани за три дена: 18 јануари – Водокрст или Водопост, 19 јануари – Богојавление (Водици) и 20 јануари – Собор на Свети Јован Крстител.

Постојат многу обичаи кои се почитуваат за Водопост, но она што е потребно е да се молиме на Бога и да го поминеме денот во пост.

Денот пред Богојавление, верниците одат во црква, палат свеќа, се крстат и ја читаат „Оче наш“. Постот е задолжителен и ригорозен. Кој може, овој ден треба да пости само со леб и вода!

Во православните храмови на Водопост се крсти вода, но и на Богојавление. Оваа света вода се пие само со почит и молитва. Се дава на деца со вера дека ќе ги излечи и заштити.

На овој ден, со молитва во срцето, мајките ќе направат знак на крст со масло на челото на детенцето, а крстената вода ќе ја чуваат во домот и ќе ги мијат децата преку целата година – ако е потребно.

Од Божиќ до Богојавление, наместо со „Добар ден“, соседите се поздравуваат со „Христос се роди“, а на Богојавление или Водици со „Бог се јави“.

За луѓето што се родени на овој ден се верува дека на нивните слаби рамења ја носат сенката на Светиот Крст и затоа се посебно одговорни за своите постапки пред Бога.

Водопост е ден кога треба да се опуштите и да се подготвите за Водици. Време е да престанете да обрнувате внимание на лоши мисли и гласини.

Денес е Недела на блудниот син

Во овој ден го празнуваме враќањето на блудниот син. Има некои коишто живеат мошне блудно уште од млада возраст, и во пијанство и во нечистотија, и откако ќе паднат во длабочината на тие зла, доаѓаат до очај, кој, пак, е пород на гордоста. 

И затоа не сакаат да дојдат до грижа за добродетелите, туку уште подлабоко запаѓаат во злото. Светите отци човекољубиво имаат одговор за таквиот човек, и сакајќи да го одвлечат од очајанието таквиот, му ја принесуваат тука оваа приказна која страстите на очајот ги истргнува од корен, а луѓето ги упатува кон добродетелите.

Покажувајќи дека никој од гревовите не може да го надмине Божјото благоутробие и Неговиот човекољубив разум. Во приказната, еден татко има двајца синови. Постариот постојано прибива во заповедите Божји и никогаш не ги престапува, додека помладиот го засакал гревот, и се откажал од заедницата со Бога заради своите срамни дела и на лукавиот демон му служел, робувајќи им на страстите, и не можел да се насити. Бидејќи гревот е ненаситна работа, која станува навика и извор на привремени задоволства. Тој може да се спореди со рогчињата со кои биле хранети свињите. 

Најпрвин тие се чинат дека може да се вкусни, но се покажува не се хранливи, туку се премногу суви и не заситуваат. Блудниот син едвај си дојде на себеси, кога полн со глад за добродетелите дојде при својот татко велејќи „Татко, згрешив пред небото и пред тебе и не сум достоен да се наречам твој син“. Сепак, татко му го прима во покајание, без да го укорува, туку го прегрнува и го бакнува, покажувајќи ја својата божествена и родителска љубов. Го облекува, символизирајќи го крштението, му става прстен на раката, кој е символ на Сесветиот Дух. 

Исто така му става сандали на нозете, не како заштита од змии и скорпии кои би можеле да го убодат при неговото патување кон Бога, туку повеќе како средство да им ги скрши главите на таквите суштества. И, на крај, во изобилен знак на радост, тој го коле угоеното теле, Својот Единороден Син, и Отецот му ја дава Причеста – Неговите Тело и Крв.

извор:zenskimagazin.mk

Денеска е спомен на Свети Мелетиј, архиепископ Антиохиски

Македонската православна црква денеска го одбележува споменот на Свети Мелетиј, архиепископ Антиохиски, Свети Алексеј митрополит Московски и преподобна Марија…

Свети Мелетиј, архиепископ Антиохиски

Овој голем и свет маж беше извонреден толкувач и заштитник на Православието. Сиот негов живот беше посветен на борбата против ариевата ерес која што не Го признаваше Синот Божји за Бог и хулеше на Пресвета Троица. Еретиците трипати го оддалечуваа од неговиот архиепископски престол на прого нство во Ерменија. Битката меѓу православните и еретиците се водеше толку огорчено, што еднаш кога свети Мелетиј му зборуваше в црква на народот за Божествената Троица во единство, неговиот сопствен ѓакон, еретик, притрча и му ја затвори устата на владиката со рака. Не можејќи да зборува со јазикот Мелетиј зборуваше со знаци. Имено, ја подигна раката нагоре, ги отвори прво трите прста и му ги покажа на народот, потоа ја склопи раката и подигна еден прст. Учествуваше на Вториот Вселенски Собор, каде што уживаше особени почести од страна на царот Теодосиј. На тој Собор Бог покажа чудо преку овој свет архијереј: кога Мелетиј им ја докажуваше на ариевците догмата за Света Троица, тој прво подигна три прсти, раздвоено, еден по еден, па потоа ги склопи во едно. Во тој миг пред сите присутни од неговата рака блесна светлина како молња. На тој Собор свети Мелетиј го утврди Григориј Богослов на Цариградскиот престол. Порано тој го ракоположи свети Василиј Велики за ѓакон, а го крсти свети Јован Златоуст. По завршувањето на Соборот го заврши и својот овоземен живот во Цариград. Неговите мошти се пренесени во Антиохија.

Денеска e Свети Ѓорѓи Кратовски

Свети Ѓорѓи Кратовски е заштитник на градот Кратово, со силен култ не само во Кратовско туку и на многу поширок простор.

На 24/11 февруари Светата православна црква го празнува денот на Свети Ѓорѓи Кратовски кој на овој ден 1515 година во Софија бил мачен, а потоа спален, на 18 годишна возраст. По занает бил кујунџија и останал како заштитник на златарите и кујунџиите.

Житието вели дека Свети Ѓорѓи Кратовски е роден во 1497 година во Кратово од родители Димитрија и Сара. По желба на родителите по завршувањето на училиштето пошол на кујунџиски занает кој во Кратово во тоа време бил популарен и поради рудниците. Набргу станал познат мајстор. Во тоа време турските власти собирале т.н. данок во крв, за пополнување на војската која напредувала кон Европа, правејќи војници – јаничари. За таа цел барале млади и способни деца. Знаејќи дека во Кратово нема да остане долго незабележан решил да замине во Софија, надевајќи се дека поголемиот град нуди повеќе можности да остане незабележан. Така преку Ќустендил, Радомир и Перник пристигнал во Софија. И тука поради способностите набргу се стекнал со углед и бил забележан и од Турците. Му биле понудени благодетите на царските власти под услов да ја смени верата и да го прифати исламот. Но Ѓорѓи Кратовски без размислување го одбил поради што бил ставен во затвор. Ја бранел верата Христова поради што бил мачен, а потоа и спален на 24/11 февруари 1515 година. На 8 јуни (нов стил) моштите на Св. Ѓорѓи Кратовски биле пренесени во црквата и овој ден светата православна црква го празнува како втор празник поврзан со името на овој светец.

На иконите Св. Ѓорѓи Кратовски е претставен како голобрадо момче во кошула со крст во десната рака и маслинова гранка во левата. Над ореолот има напис: „Свети Ѓорѓи кој настрада од Селим.“ Неговиот лик бил насликан во црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Патралица – кривопаланечко во манастирот „Студеница“ и др. места. Во црквата „Света Богородица“ во Скопје бил претставен со крст во десната и книга во левата рака. Од 17 век е сликан во национална носија. Култот на Св. Ѓорѓи Кратовски од Македонија се проширил и во Србија, Бугарија и Русија.

Од рана возраст со света желба на Господа си Му се предал, со сета душа Христа Единиот си Го засакал и Него, Кој е вистинскиот Бог во Троица почитуван, пред нечестивите Турци си Го проповедал. Со венец маченички си се украсил, славен, и кон небеските жители си се придружил. премудри Георгиј, моли го Христа Бога да ја чува татковината Твоја и да ги спаси православните и градот, кои секогаш ги прославуваат Твоите подвизи.

Популарно