Највисоката жена на светот успешно се врати во Турција со авион

Румејса Гелги, највисоката жена во светот, која минатата година првпат се качи на авион откога компанијата „Туркиш ерлајнс“ ја приспособи внатрешноста на авионот за да може да се смести и удобно да патува, успешно се врати од САД во Турција.

Румејса, по потекло од Турција, на почетокот на минатата година е запишана во Гинисовата книга на рекордите со висина од 2,15 метра како највисока жена во светот. Таа го држеше и рекордот како највисока тинејџерка.

Таа потоа рече дека „секој недостиг може да се претвори во предност доколку се прифатите себеси онакви какви што сте“.

Најчесто се движи во инвалидска количка или со помош на други помагала, а нејзината висина е резултат на Виверовиот синдром, кој, меѓу другото, предизвикува и брз раст.

Дури минатата година Румејса првпат се качи на авион затоа што и како мала била превисока за да се смести на редовно авионско седиште.

Во септември таа отпатува во Сан Франциско благодарение на турската национална авиокомпанија, која отстрани шест седишта за Румејса да може удобно да се смести.

По пристигнувањето во Калифорнија, таа на „Инстаграм“ напиша дека патувањето било „беспрекорно од почеток до крај“.

А за враќањето на Румејса, „Туркиш ерлајнс“ ги препакува седиштата, така што највисоката жена на светот безбедно се врати дома.

Холивуд се плаши од вештачката интелигенција

Иднината на Холивуд личи на „дипфејк“ или лажен Рајан Рејнолдс, кој ви продава електричен автомобил „тесла“.

Во видео, кое веќе е отстрането, но се споделува на „Твитер“, актерот со дебели очила со црни рамки, чија уста се движи независно од неговото лице, зборува за електричните возила: „Што мислите, колку би чинело да поседувате ваков автомобил, кој изгледа проклето неверојатно?“

На скалата на веродостојност видеото што првично се појави во мај беше означено како неавтентично. Тогаш неговиот креатор, јутјуберот и финансиски советник Кевин Пафрат, откри дека тоа го направил како трик за да го привлече вниманието на Илон Маск, што всушност и се случи: извршниот директор на „Тесла“ одговори на твитот на Пафрат: „Убаво“.

На други профили на „Твитер“ луѓето бараа од актерот Рејнолдс да поднесе тужба. Наместо тоа, неговата продукциска куќа одговори со слично откачено видео во кое Маск (со седа коса) го фали џинот направен од „Авиешн“, компанија во која Рејнолдс е косопственик. И тоа видео оттогаш е избришано.

„Финансиски советник го поддржува Маск на ‘Твитер’“ е далеку од ударна вест, но оваа комуникација укажува на многу поголем проблем: вештачката интелигенција (AI) им овозможува на сите да лажираат познати лица. А актерите, пак, стануваат сè посвесни за можноста оваа технолгија да почне да задира во нивната работа.

Тешко е дури и да се замисли каде ќе биде AI за три години, предупредуваат познавачите на оваа проблематика.

Со оглед на тоа што Здружението на американските писатели веќе штрајкува, делумно поради слична закана, во претстојните преговори меѓу Синдикатот на актерите и филмските студија, најверојатно, ќе се спомнат лажниот Брус Вилис и лажниот Рајан Рејнолдс како најнови чекори кон иднината во која доминира вештачката интелигенција.

Помпата за технологијата значи дека таа ќе биде во центарот на разговорите, особено имајќи предвид дека договорот се преговара само еднаш на секои три години, објаснува Данкан Кребтри-Ајрленд, главен преговарач за актерскиот еснаф (САГ) и Федерацијата на телевизиските и радиските уметници (САГ-АФТРА).

„Со оглед на тоа колку напреднала вештачката интелигенција во последните 18 месеци, тешко е дури и да се замисли каде ќе биде за три години“, вели Кребтри-Ајрленд.

Во писмото во кое ги повикува своите членови да го одобрат штрајкот, актерскиот еснаф (САГ) наведува дека бара договор што ќе ги заштити членовите од губење приход „поради нерегулирана употреба на генеративна вештачка интелигенција“.

Крајниот рок е вторник, 6 јуни, а на 7 јуни САГ-АФТРА почнува преговори со Алијансата на филмските и телевизиските продуценти (AMPTP), која ги претставува студијата. Ако актерите се решат на штрајк, тоа би било првпат од 2000 година.

Авторката на „Сексот и градот“ не ги добила хонорарите што ги заслужила

Кендис Бушнел се пожали дека не ги добила парите што ги заслужила за „Сексот и градот“ по огромниот успех на серијата, базирана на нејзината истоимена колумна во „Њујорк обсервер“.

Авторката на истоимениот бестселер вели дека видела само мал дел од стотиците милиони долари што ги заработи серијата. Таа ја критикува серијата дека не ѝ платиле доволно по хонорарот од 60.000 долари.

64-годишната Кендис напиша колумна за „Њујорк опсервер“, која беше адаптирана во најпродавана антологија.

Но, кога книгите му биле продадени на Ејч-би-о за она што потоа стана мултимилионски серијал – шест сезони и два филма со Сара Џесика Паркер во главната улога – на авторката наводно ѝ биле исплатени само 60.000 долари за правата.

Во интервју за весникот „Сандеј мирор“ таа вели: „Не ги добив хонорарите што ги заслужив. Знаев дека тоа не е добра зделка, но бев под притисок од разни причини. Дури и мојот покоен татко во една пригода пред 15-ина години ми рече: Посакувам да учествуваше поцелосно во економскиот успех на ова дело“.

Кендис се надева дека продолжението на серијата, со наслов And Just Like That… („И, едноставно, така…“), кое неодамна се врати во втора сезона – ќе продолжи да се прикажува со успех.

Но, таа се прашува што се случило со својата верзија што ја вгради во книгата во ликот на Кери Бредшо пред да забележи дека Сара Џесика Паркер успеала да го направи тоа на свој начин и станала омилена меѓу фановите на серијата.

„Што се случи со Кери? Сè се вртеше околу мистер Биг – јас не ја замислив така приказната. Мојата цел, мојата порака до жените не е да го бараат господин Биг. Треба да бидат свој сопствен мистер Биг. Сè е во пронаоѓање љубов, а тоа не е мојата порака до жените. Мојата порака е самоактуализација. Но, Кери е омилена кај фановите. Таа го направи тоа на свој начин – и добро за неа“.

Меколи Калкин на прошетка со двата сина и свршеницата

Меколи Калкин и неговата свршеница Бренда Сонг беа фотографирани во Барбенк, Калифорнија.

Актерот (42), кој како мал се прослави со улогата на Кевин во божиќниот класик „Сам дома“, и актерката од „Долфејс“ (35) ја потврдија својата свршувачка претходно оваа година, а во понеделникот беа забележани со нивните два сина.

Меколи и Бренда се запознаа на снимањето на филмот Changeland од 2019 година.

Двојката првпат поттикна шпекулации за романса кога филмот сè уште беше во продукција во септември 2017 година кога беа видени на фармата Нотс Бери во Буена Парк, Калифорнија.

Меколи, главниот протагонист во „Сам дома“, комедија што нема кој не ја знае или кој не ја гледал, беше најплатеното дете актер во историјата.

Тој го глумеше осумгодишниот Кевин Мекалистер, кој мора да ја заштити својата куќа од двајца крадци кога случајно ќе биде оставен сам дома од семејството.

Популарно