Државата треба да им исплати по 13.300 евра оштета на четири сексуални работнички

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда Д.Х. и други против Северна Македонија бр. 44033/17 со која утврди дека државата ги изложила сексуалните работници на нехуман и понижувачки третман додека биле лишени од слобода во полициска станица, оставени цела ноќ без храна, вода и пристап до тоалет. Исто така, Судот утврди повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи без да биде прикриен нивниот идентитет и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови.

Во ноември 2008 година, Министерството за внатрешни работи со спектакуларна полициска акција наречена ,,Сузбивање на улична проституција,, приведе 23 сексуални работници, активистка на здружение на граѓани и неколку случајни минувачи кои беа затекнати покрај кејот на реката Вардар. Од сите приведени, 23- сексуални работници без да бидат информирани за причините за лишување од слобода, беа задржани цела ноќ во полициската станица Бит Пазар, а утредента беа однесени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде беа тестирани за крвно и сексуално преносливи болести, па беа пуштени на слобода.

За цело време додека беа лишени од слобода, на сексуалните работници од страна на полициските службеници им беа упатувани погрдни зборови и беа изложени на понижување и исмевање. Сите 23 приведени сексуални работници, ноќта ја поминаа во мала просторија, без пристап до храна, вода и тоалет, а дел од нив биле во апстиненцијални кризи со дијареја и повраќање. 

По само неколку месеци од настанот, со поддршка на Здружението ХОПС, 13 сексуални работници поднесоа тужба за заштита на нивните лични права пред граѓанскиот суд во Скопје кој во два наврати утврди повреда на правата и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Откако Апелациониот суд конечно ја преиначи пресудата, четири од жртвите борбата ја продолжија пред Европскиот суд за човекови права. 

Оваа пресуда, иако со задоцнување, е потврда дека државата има обврска да ги почитува правата  на сите и со темелна и ефикасна истрага да ги испита наводите за нехумано и деградирачко постапување, особено кога истите доаѓаат од ранлива група на граѓани. Како што утврдил и ЕСЧП, жртвите лишени од слобода, во ситуација која единствено е под контрола на властите е одговорност на Државата, а според ЕСЧП Владата не  презентирала доволно докази кои убедливо докажуваат дека полициските власти ги земале предвид основните потреби на апликантите, вклучувајќи го и обезбедувањето храна, вода и пристап до тоалет за време на престојот во полициската станица. Дополнително, објавување на фотографии од полициската станица од кои може да се утврди идентитетот на жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи претставува повреда на правот на приватен живот. 

Поради ова, ги повикуваме надлежните институции навремено да ја спроведат одлуката на Европскиот суд за човекови права, да ги заштитат правата на сите жртви на полициската акција од 2008 година и да преземат мерки во иднина институциите, особено Министерството за внатрешни работи, да се воздржи од дејствија со кои ги повредуваат правата на сексуалните работници, како и мерки за ефикасна заштита на нивните права од страна на надлежните судови. 

РКЕ одлучи: Нафтата и бензинот поскапуваат

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46 % во однос на одлуката од 30.12.2024 година.

Малопродажната цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,073 ден/кг и сега ќе 45,711 ден/кг. 

Од 9.1.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 78,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 80,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 45,711 (денари/килограм)

ДУИ со честитка за Божиќ, но и загриженост од недостигот на волја за соживот

Во духот на празничните денови, се воздржуваме од остра реторика, но не можеме да останеме неми пред агресијата на државата врз нашите колективни вредности. 

Длабоко сме загрижени и разочарани од упорната омраза, од недостатокот на волја за соживот, од упорните обиди да се потисне албанскиот јазик и да се девалвираат Албанците во овој наш заеднички дом. 

Оние што мислат дека ќе израснат рушејќи ги своите соседи, своите сограѓани, се во голема заблуда – никој не станал поголем со тоа што го омаловажувал другиот, напротив..  

Разочарани сме и од молкот на тие сограѓани што гледаат, а не реагираат. Ова не е прашање само за Албанците, ова е прашање за вредностите на оваа држава. 

Она што ние како Албанци го имаме за свето – нашиот јазик, нашето достоинство, нашето рамноправно учество во оваа земја – не може да биде постојана мета на агресија без последици по државата во целина. 

Во пресрет на Божиќните празници, на сите православни верници им посакуваме мир, хармонија и топлина во нивните домови. 

Вистинските вредности не се мерат со тоа колку ќе се намали другиот, туку со тоа колку можеме да растеме заедно, во почит и разбирање. 

Соживотот не е слабост, туку сила. Различностите не се пречка, туку богатство. 

На сите граѓани им посакуваме празници исполнети со добрина и надеж за подобро утре за сите нас.

ДУИ

Итната помош со зголемен број повици за сообраќајки и хронично болни лица

Во 2025 година, Скопје влегува со зголемен број сообраќајни несреќи и раст на повиците кон Итната медицинска помош. Како што попладнево изјавија за МИА од Итната медицинска помош во Скопје, најчесто повиците се за сообраќајни незгоди, како и хронично болни пациенти, чии јавувања се последица на временските промени и загадениот воздух во главниот град на државава.

Меѓу собраќајните незгоди има некои со потешки последици, па и со смртен исход.

Здравствени работници во изјава за МИА апелираат да не се вози под дејство на алкохол за време на претстојните празници,да се внимава при управување со возилата поради времето, особено во вечерните часови кога има услови за замрзнување на коловозот.

За претстојните божиќни празници, Итната помош ќе работи нон - стоп, а Единицата за домашна посета од седум до 21 часот.

- Известуваме дека Службата за ИМП со домашно лекување и итна стоматолошка помош при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, во текот на божиќните празници на 6 и 7 јануари, ќе работи со следново работно време - Службата за ИМП ќе работи 24 часа, а единицата за домашна посета ќе работи од седум до 21 часот, информираа од оваа јавна здравствена установа.

Ординациите за здравствена заштита во трета смена, недели и празници, ќе работат континуирано во двата дена и тоа во поликлиниките „Ѓорче Петров“, „Бит Пазар“, „Чаир“, „Шуто Оризари“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и „Драчево“.

Популарно