Ден на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј

Со повеќе настани денеска во земјава се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во Рим и во Ватикан каде што ќе се поклони на гробот на Свети Кирил, во рамки на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“, а имаше и аудиенција кај папата Франциск.

Во пресрет на Денот на 24 Мај, владина делегација предводена од министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, вчера положи цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј, на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

По повод Денот на сесловенските просветители, на Православниот-богословски факултет „Св. Климент Охридски“ беа одржани Првите Кирилометодиеви научни средби. Научните средби се во организација на Институтот за национална историја и Православниот-богословски факултет „св. Климент Охридски“ со цел одбележување на патрониот празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и зачувување и афирмирање на вековните македонски историски и црковни традиции. 

Со низа манифестации и настани, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, се одбележува во Охрид. Чествувањата ќе бидат заокружени вечер во црквата „Св. Софија“ со концертот „Уметниците во чест на Свети Кирил и Методиј“ на растечката генерација музичари од класата на м-р Даниел Чуркоски, Елица Рашкова и Викторија Митеска Малезан. Предвидена е и беседа за свети Кирил и Методиј на проф. д-р Красимира Илиевска. Во „Св. Софија“ ќе биде прикажан документарниот филм „Кирилицата – Кодот на Македонија“ од проф. д-р Илија Велев.

Светите Кирил и Методиј иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, Црквата одредила и заедничко празнување на 24/11 мај. На почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување Св. Кирил на 27/14 февруари и на Св. Методиј на 19/6 април, но подоцна се увидела потреба за нивен заеднички празник. Родени се во Солун, во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија.

За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Замолил да му испратат луѓе кои божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј.

Тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината. Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година и денес неговите мошти почиваат во римската црква „Свети Климент“. Методиј починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград. По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, други протерани на југ. Светите Климент и Наум делото на своите учители го продолжиле на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.

Во согласност со Законот за празниците во земјава, 24 Мај - Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.

Полицијата попладнево упадна во Академијата за судии и јавни обвинители

Министерството за внатрешни работи попладнево влегло во Академијата за судии и јавни обвинители, каде во моментов се вршат проверки на евентуални злоупотреби на системот за полагање испити.

Според неофицијални информации станува збор за проверка на индиции за злоупотреби поврзани со полагање испити и тестови.

Повеќе информации се очекуваат од Министерството за внатрешни работи.

МВР: На 1 и 2 август да не се користи делницата Прилеп - Крушево

Граѓаните кои сакаат да присуствуваат на одбележувањето на државниот празник 2 Август, Денот на Републиката, Илинден, на 1 и 2 август 2024 година да ги користат патните правци: Прилеп - Битола - по регионален пат Р1305 до Демир Хисар кон Крушево и Кичево по регионален пат Р1305 до клучка Сладуево (Демир Хисар) по регионален пат Р1306 до Крушево.

Како што информира денеска Министерството за внатрешни работи, треба да се користат овие патни правци поради изведување градежни работи за санација на регионалниот пат Р-1306, делница Прилеп - Крушево, кој е затворен за сообраќај во делот од село Горно Коњари до село Кривогаштани. 

Таравари: Комплетно реновирана невролошката амбуланта на Детска клиника, обезбеден и нов апарат- ехосонограф

На Клиниката за детски болести комплетно е реновирана невролошката амбуланта. Ова беше повод за денешната посета на министерот за здравство, д-р Арбен Таравари на оваа клиника.

- Обновата на овој можеби најфреквентен дел од Клиниката за детски болести ќе резултира со значајно поефективна работа, задоволен персонал и квалитетна услуга за најмладите пациенти кои тука се третираат. Приоритет на Министерството за здравство е континуирано унапредување на условите за работа и инвестирање во современа дијагностичка апаратура. За таа цел, во изминатиот период е обезбеден нов апарат - ехосонограф, односно ултразвучен премиум колор доплер апарат, кој  овозможува квалитетна, навремена и точна дијагностика, потенцираше Таравари во рамки на посетата на оваа клиника.

Невролошката амбуланта при Клиниката за детски болести е единствен центар за специфична дијагностика и третман на пациенти со невролошки заболувања од новороденчиња до адолесценти.

-Обновени се три консултативни амбуланти, ехосонографски кабинет и два ЕЕГ кабинета, каде месечно се прегледуваат во просек по илјада пациенти, информираше д-р Реџеп Мемеди, директор на Клиниката за Детски болести.

Популарно