Алармантни бројки: Само 50% од децата во некои скопски општини се вакцинирани против морбили

По случајот со морбили кај 12-годишно дете од Долно Коњаре во Општина Петровец, епидемиолошките служби и Институтот за јавно здравје ќе реагираат со пребарување на невакцинирани лица, со кампањи и одење на терен, како и во училиштата на таа територија, најавува проф. д-р Кети Ставриќ, имунолог и член на Комисијата за имунизација.

Во гостување на ТВ Сител, проф. д-р Ставриќ вечерва рече дека тоа ќе се прави за да се спроведе директна вакцинација и да се вакцинираат сите деца кои не се вакцинирани, но и да се поканат под итно на вакцинација децата на помала возраст кои ја имаат пропуштено.

Во однос на тоа колку е голем ризикот 12-годишното дете да ја проширило  заразата, посочи на релативно нискиот опфат со имунизација во Скопје. 

-Постои многу висок ризик децата кои не се вакцинирани да дојдат во контакт со ова дете кое веројатно било и во болници, лаборатории, бидејќи се правеле анализи. Тие што не се вакцинирани, доколку дошле во контакт со него може да заболат, рече Ставриќ.

Како што нагласи, се уште се бориме да го подигнеме опфатот со вакцинација од над 90 проценти, а само опфат од 95 проценти може да не заштити.

-За жал,  опфатот се уште е низок, со првата доза е 73 проценти. Скопје е проблематично бидејќи има одредени општини како Аеродром и Центар  каде се загрижувачки бројките и се вакцинирани можеби 50 проценти од децата, рече Ставриќ.

Посочи и на случајот со морбили во Пробиштип и предноста што таму опфатот на вакцинација беше  95  проценти.

-Од примањето на првата доза од вакцината треба да поминат барем три недели за да одреагира организмот со создавање на антитела кои ќе го заштитат, потсети Ставриќ, истакнувајќи дека покрај доенчињата како најризични, висок е ризикот и за трудниците и постарите лица.

Недоволниот сон во бременоста влијае врз невро-развојот кај детето

Бремените жени кои не спијат доволно може да предизвикаат поголема опасност од подоцнежен невро-развој кај детето, посочува ново истражување на Медицинскиот универзитет на Анхуј во Хефеј, источна Кина.

Кај мајките кои во бременоста спиеле во просек помалку од седум часа навечер, влијанието врз невролошкиот развој на бебето бил особено очигледен кај момчињата. Тоа, пак, има последици околу емоционалните, бихејвиоралните, моторните, когнитивните или говорните вештини кај бебињата и е поврзано со нивоата на Ц-пептид во крвта од папочната врвца, како и со лачењето инсулин, се вели во трудот.

Краткото спиење при бременоста претходно беше поврзувано со повисока нарушена толеранција на гликоза, отпорност на инсулин и гестациски дијабетес, што само по себе може да влијае на развојот на бебињата, според истражувачите.

- Со расветлување на врската меѓу сонот на мајката во бременоста и невро-развојот на децата, нашиот труд ги охрабрува семејствата и носи знаење што може да обликува поздрави навики за време на бременоста и за благосостојбата на следното поколение, изјави д-р Пенг Жу, одговорен за истражувањата.

Научниот труд сепак не може да докаже дека лишувањето од сон директно предизвикува доцнење во невро-развојот. Сепак, се знае дека гликозата кај мајката за време на бременоста може да влијае на секрецијата на феталниот инсулин, што е познато дека има влијанија на невролошкиот систем кој штотуку почнува да се обликува.

Пристигнаа 11.520 вакцини за Ковид - вакцинацијата во Скопје ќе се одвива во една поликлиника

Министерството за здравство информира дека се обезбедени нови количини вакцини против ковид-19.

Станува збор за 11.520 дози кои во текот на неделава ќе бидат дистрибуирани до здравствените домови. За таа цел, сите заинтересирани граѓани кои сакаат да примат вакцина против ковид-19, може да се обратат до најблискиот здравствен дом. Во Скопје, вакцинацијата ќе се одвива во поликлиника Бит Пазар. 

Инаку, вакцините се наменети за возрасни и адолесценти над 12 години.

Потсетуваме дека вакцинацијата претставува најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението од заразни заболувања.

Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата со ковид-19.

Не го чувајте чоколадото во фрижидер

Чувањето чоколадо во фрижидер придонесува тоа да придобие лош вкус. Според стручњаците и познавачите, тоа е лошо од неколку причини, пишува порталот „Индекс“.

Имено, чоколадото лесно може да ги апсорбира вкусовите на другите намирници во ладилникот, па тоа, се чини, е главна причина за губење на слаткиот вкус. Промената на бојата е уште еден проблем што се јавува кога влагата во фрижидерот влијае врз шеќерот во чоколадото, којшто се јавува на површината и тоа добива „бледа“ боја.

Се препорачува чоколадото да се чува на место каде што температурата е меѓу 12 и 18 Целзиусови степени.

Популарно