СЗО ја одобри првата вакцина против мајмунски сипаници

Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави дека ја одобрила првата вакцина против мајмунски сипаници произведена од Баварски Нордик.

– Првата претквалификација на вакцината против мајмунски сипаници е важен чекор во нашата борба против оваа болест, како во контекст на моменталната појава на болеста во Африка, така и во иднина, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Мајмунските сипаници се вирусно заболување предизвикано од вирус кој е сличен на вирусот на сипаници, но не се шири меѓу луѓето толку ефикасно и има помала стапка на смртност од малите сипаници.

Минатиот месец, СЗО ги прогласи мајмунските сипаници за глобална јавно-здравствена криза по втор пат во две години откако болеста се прошири од ДР Конго во соседните земји.

Прогласувањето на јавна здравствена криза од меѓународен интерес, највисокото ниво на тревога на СЗО, може да го забрза истражувањето, финансирањето и мерките за јавно здравје и меѓународната соработка за контрола на болеста.

Болеста почна да се шири во ДР Конго во форма на ендемичен вид познат како „клад I“. Изгледа дека новата варијанта „клад Iб“ полесно се шири преку близок контакт, вклучително и сексуален контакт. Болеста се прошири од Конго во соседните земји, вклучувајќи ги Бурунди, Кенија, Руанда и Уганда, што предизвика одговор на СЗО.

Повеќе од 17.000 сомнителни случаи на мајмунски сипаници и 517 смртни случаи се пријавени во Африка од почетокот на оваа година, што е зголемување од 160 отсто во споредба со истиот период минатата година, соопшти Африканскиот центар за контрола и превенција на болести. Инфекцијата ја пријавија 13 земји.

Друга варијанта на вирусот, „клад IIб“, се рашири низ светот во 2022 година, главно преку сексуален контакт меѓу мажи, што предизвика СЗО потоа да прогласи јавно здравствена криза која траеше 10 месеци.

Недоволниот сон во бременоста влијае врз невро-развојот кај детето

Бремените жени кои не спијат доволно може да предизвикаат поголема опасност од подоцнежен невро-развој кај детето, посочува ново истражување на Медицинскиот универзитет на Анхуј во Хефеј, источна Кина.

Кај мајките кои во бременоста спиеле во просек помалку од седум часа навечер, влијанието врз невролошкиот развој на бебето бил особено очигледен кај момчињата. Тоа, пак, има последици околу емоционалните, бихејвиоралните, моторните, когнитивните или говорните вештини кај бебињата и е поврзано со нивоата на Ц-пептид во крвта од папочната врвца, како и со лачењето инсулин, се вели во трудот.

Краткото спиење при бременоста претходно беше поврзувано со повисока нарушена толеранција на гликоза, отпорност на инсулин и гестациски дијабетес, што само по себе може да влијае на развојот на бебињата, според истражувачите.

- Со расветлување на врската меѓу сонот на мајката во бременоста и невро-развојот на децата, нашиот труд ги охрабрува семејствата и носи знаење што може да обликува поздрави навики за време на бременоста и за благосостојбата на следното поколение, изјави д-р Пенг Жу, одговорен за истражувањата.

Научниот труд сепак не може да докаже дека лишувањето од сон директно предизвикува доцнење во невро-развојот. Сепак, се знае дека гликозата кај мајката за време на бременоста може да влијае на секрецијата на феталниот инсулин, што е познато дека има влијанија на невролошкиот систем кој штотуку почнува да се обликува.

Пристигнаа 11.520 вакцини за Ковид - вакцинацијата во Скопје ќе се одвива во една поликлиника

Министерството за здравство информира дека се обезбедени нови количини вакцини против ковид-19.

Станува збор за 11.520 дози кои во текот на неделава ќе бидат дистрибуирани до здравствените домови. За таа цел, сите заинтересирани граѓани кои сакаат да примат вакцина против ковид-19, може да се обратат до најблискиот здравствен дом. Во Скопје, вакцинацијата ќе се одвива во поликлиника Бит Пазар. 

Инаку, вакцините се наменети за возрасни и адолесценти над 12 години.

Потсетуваме дека вакцинацијата претставува најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението од заразни заболувања.

Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата со ковид-19.

Не го чувајте чоколадото во фрижидер

Чувањето чоколадо во фрижидер придонесува тоа да придобие лош вкус. Според стручњаците и познавачите, тоа е лошо од неколку причини, пишува порталот „Индекс“.

Имено, чоколадото лесно може да ги апсорбира вкусовите на другите намирници во ладилникот, па тоа, се чини, е главна причина за губење на слаткиот вкус. Промената на бојата е уште еден проблем што се јавува кога влагата во фрижидерот влијае врз шеќерот во чоколадото, којшто се јавува на површината и тоа добива „бледа“ боја.

Се препорачува чоколадото да се чува на место каде што температурата е меѓу 12 и 18 Целзиусови степени.

Популарно