ЕК бара информации од Јутјуб, Снепчет и ТикТок за начинот на препорачување содржини на корисниците

Европската комисија испрати барања до Јутјуб, Снепчет и ТикТок да и достават дополнителни информации за дизајнот и начинот на функционирање на нивните системи за давање препораки на корисниците.

Барањето е испратено согласно Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДГА), кои ги обврзува онлајн платформите да преземат мерки за намалување ризиците кои произлегуваат од нивните системи за препораки, вклучително и оние кои може да влијаат на менталното здравје на корисниците и кои се поврзани со ширењето на штетни содржини.

Комисијата бара од Јутујуб и Снепчет да и достават детални информации за параметрите што ги користат нивните алгоритми за препорачување на содржини на корисниците, како и нивната улога во засилувањето на одредени системски ризици, вклучително и оние поврзани со граѓанскиот дискурс, менталната благосостојба на корисниците и заштитата на малолетници. Барањата првенствено се однесуваат и на мерките за спречување на ширењето на илегални содржини и на промовирањето на нелегални дроги и говор на омраза.

Од ТикТок, пак, ЕК бара да и достави повеќе информации за мерките што ги презел за избегнување на манипулациите и злоупотребите на услугата од страна на злонамерни актери, како и за намалување на ризиците поврзани со изборните процеси, плурализмот на медиумите и граѓанскиот дискурс, врз кои може да влијаат одредени препораки до корисниците.

Трите платформи имаат рок за доставување на бараните информации најдоцна до 15 ноември. Врз основа на добиените одговорите, Комисијата ќе донесе одлуки за нејзините следните чекори поврзани со овие прашања.

Согласно член 74 став 2 од ДСА, за доставени неточни, нецелосни или погрешни информации на одредени барања од нејзина страна, Еврокомисијата може на онлајн платформите да им изрече парични казни. Санкции се предвидени и за недавање одговор на барањата до крајниот предвиден рок.

Белата ајкула-дух пронајдена во близина на островот Сазан во Албанија го воодушеви светот

Белата ајкула-дух пронајдена во близина на островот Сазан во Албанија, е првиот пример на леукизам кој некогаш бил забележан кај овој вид и истата го воодушеви светот, објавија албанските медиуми.

Леукизам е ретка состојба која предизвикува делумно губење на пигментацијата на кожата и крзното кај животните,  но за разлика од албинизмот, не ги погодува и очите.

-Ајкулата „дух“ која беше откриена на албанскиот брег е позната како ајкула со груб агол (Oxynotus centrina). Овој редок примерок е пронајден во близина на островот Сазан, изолирана воена база, на длабочина од околу 200 метри. Ајкулата се разликувала поради ретка генетска состојба наречена леукизам, која го нарушува производството на меланин и предизвикува намалена пигментација, наведуваат медиуми.

Според „Livescience“, ова е првпат да се документира леукизам кај овој вид и кај целото семејство на ајкули, Oxynotidae.

Таквите аголни ајкули обично имаат темно сиво-кафеава или црна боја со темни дамки на нивните страни за да им помогнат да се вклопат во нивната околина.

Ајкулата-дух е со совршено здравје, што го потврдуваат и објавените фотографии. Некои истражувања сугерираат дека недостатокот на пигментација може да ги направи поединците повидливи и за предаторите и за пленот, потенцијално намалувајќи ги нивните шанси за преживување, изјавил фотографот Андреј Гајиќ од Sharklab ADRIA.

Тој смета дека ова откритие, заедно со други податоци од здрави ајкули со нарушувања на пигментот, имплицира дека овие абнормалности немаат значително негативно влијание врз способноста на длабоко морските ајкули да се хранат, избегнуваат предатори или да се размножуваат. 

Претерување со шеќер и сол е штетно по здравјето

Познато е дека за да се одржи и  подобри здравјето на срцето, постојат одредени намирници што треба да се избегнуваат во исхраната.

Така, д-р Лирој Лот од Њујорк сподели листа намирници коишто се лоши за кардиоваскуларниот систем. Лекарот наведува оти, во таа смисла, конзервираниот зеленчук и овошје се некаде на врвот на списоков, поради големата количина сол и шеќер. Тој истакнува дека далеку попрепорачливи се свежите овошја и зеленчук. Исто така, треба да избегнувате конзервирана храна воопшто, токму поради големата содржина на натриум (сол), којашто може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања, висок крвен притисок и мозочен удар.

На листата на американскиот доктор се најде и белиот ориз. Тоа е рафинирана житарка што брзо се претвора во шеќер во телото, што значи и повеќе маснотии. Во овој поглед, не треба често да се јаде ниту бел леб, бидејќи тој е исто така рафиниран јаглехидрат.

Сирупите за слатки и замрзнатите колачи се, исто така, на листата поради високата содржина на шеќер. Лекарот советува да избегнувате и преработено месо што, обично, е богато со сол и заситени масти. Во таа смисла, солта е штетна за срцето бидејќи го зголемува крвниот притисок.

Кога станува збор за напитоците, д-р Лот особено го нагласува пивото. Според објаснението, овој пијалак го оштетува срцето на неколку начини. Претерувањето, имено, може да го оштети самиот срцев мускул.

Патем, и Лот и здравствените власти воопшто ги советуваат граѓаните - и мажи и жени да го ограничат внесот на алкохол.

На овој список се и енергетските пијалаци. Нивната содржина на кофеин потенцијално ги зголемува отчукувањата на срцето и крвниот притисок. Дури и кечапот и другите сосови може да претставуваат опасност поради високата содржина на шеќер и сол. 

Кајмакоски повторно стана татко - пејачот сподели слика од ќеркичката и го откри името

Пејачот Даниел Кајмакоски стана татко по третпат.

Радосната вест ја сподели на Инстаграм, каде ја претстави својата ќерка Емилија.

„Најголемата авантура во мојот живот штотуку започна“, напиша гордиот татко.

Кајмакоски и неговата сопруга Марина сега уживаат во проширеното семејство, кое покрај малата Емилија го сочинува и нивниот син Стефан.

Популарно