Денеска се празнува Преподобна Параскева (Петка)

МПЦ-ОА и верниците во земјава денеска го слават денот посветен на  Преподобна Параскева (Петка), во народот познат и како Петковден.

Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води.

Петковден како домашен празник со служби посветени на Св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености го празнуваат голем број македонски семејства.

Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка…

Се празнува во секој крај. Секаде има свои обичаи, но сите носат вино, лепче и пченица во црква.

Во народните верувања се вели дека на овој ден не се работат тешки рачни работи, посебно жените не треба да месат леб и да перат, зошто се вели дека ќе им трнат рацете цела година.

Денеска е Зачнување на св. Ана

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 9 декември.

Денеска е Зачнување на св. Ана.

Денес Црквата ги слави светите Јоаким и Ана, родителите на Марија, која се удостои, како избрана од целиот човечки род, да го роди самиот Бог. Уште попрецизно, Црквата се сеќава со радост на зачнувањето на онаа што подоцна ќе ја слават сите родови како Богородица. Во таа смисла, светите Јоаким и Ана. Црквата ги нарекува богоотци.

КАТОЛИЧКИ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Франциска Кабрини.

Според службените статистики од 1876 до 1914 година, 14 милиони Италијанци поради неповолните животни услови, ги напуштиле родните градови и заминувале во странство, а најчесто во Америка. Покрај тешката работа, единствената утеха на луѓето, им биле италијанските свештеници. Во тешките услови Господ, им ја испратил света Ивана Кабрина.

Таа неуморно работела со своите сонародници, охрабрувајќи ги во новата татковина. Затоа ја нарекувале Мајка на италијанските иселеници, бидејќи живеела за нив. Поради нејзиното несебично работење и светост, папата Пио Дванаесетти, 28 години по нејзината смрт, ја прогласил за светица.

Денеска се слави Св. великомаченица Екатерина

Денес ја славиме Св. Великомаченица Екатерина, а именден празнуваат: Катерина, Ката, Катица…

Житието раскажува дека светата великомаченица Катерина потекнува од царско семејство од градот Александрија.

Живеела кон крајот на третиот и почетокот на четвртиот век. Мајка ѝ била христијанка, но поради тоа што христијаните биле прогонувани, таа тоа свое верување не го кажувала јавно. На 18-годишна возраст Катерина била ретко убава, паметна и образована девојка со познавање на филозофијата, литературата, а особено ги совладала медицинските науки.

Многу богати кнезови сакале да се оженат со неа, но на сите што ја убедувале да се омажи им одговарала дека ќе се омажи тогаш кога ќе ѝ најдат момче што ќе биде рамно на неа со богатство, убавина и образование. Но такво момче немало. Имало и богати и образовани, но убави и мудри како неа немало.

Во близината на градот живеел еден праведен човек кој Катерина ја упатил во тајните на христијанството. Тој ѝ зборувал за чудесното раѓање на Исус од Пресвета и пречиста Дева Марија, која поради својата светост и чистота станала мајка на Спасителот, а подоцна била однесена на небото каде што ангелите ја служеле и ѝ се поклонувале како на царица. Подоцна Катерина ја сонувала Божјата мајка со својот син и го прифатила христијанството со сета своја душа и разум.

Еднаш кога царот и останатите пагани принесувале жртви и се молеле на паганските идоли Катерина му се обратила со зборовите. „Царе, нели ти е срам што се молиш пред гнасните идоли. Зошто не го запознаете вистинскиот Бог, кој слегол на земјата и зел човечка форма поради нашето спасение. Тој не сака жртви, туку само да живееме според неговите заповеди“. За ова Катерина требало да биде жестоко казнета, но поради нејзината убавина царот посакал да ја придобие за жена, ветувајќи ѝ раскошен живот и богатство, но и да ја оттргне од христијанството.

Но, Катерина сето тоа го одбила со гнасење. Кога царот помислил дека е недостојно за еден цар да се расправа со една жена, повикал педесетина мудреци кои требало да ја разубедат убавата девојка. Но, мудрата Катерина сите нив и многу народ убедила во вистинската Христова вера и ги придобила за христијанството. Поради тоа била осудена на смрт и пратена на губилиште. Главата ѝ била отсечена со меч на 18-годишна возраст на 7 XII/24 XI 305 (според други 310) година.

Преданието раскажува дека подоцна ангелите ѝ го однесле телото на Синајската планина.

Од денес започнуваат Божиќните пости, што претставуваат всушност тие?

Од денес почнуваат Божиќните пости кои траат 40 дена, пред големиот празник Рождеството Христово Божик, на 7 јануари.

Православната црква запишала дека Божиќниот пост е востановен за верниците да можат, во пресрет на Рождеството Христово, да се исчистат себеси со покајание, молитва и пост, и со чисти срца, душа и тело, благоговејно да го пресретнат Синот Божји што се јави во светот, принесувајќи му го, наместо обични дарови и жртви, чистото срце на верниците и желбата за последување на Неговото учење.

Постот не значи монотона исхрана или гладување, туку урамнотежена исхрана со растителна храна. Секој пост има правила, во кои денови се пости стого, а во кои денови е дозволено масло, вино и/или риба. Верниците строго се придржуваат на црковните правила.

Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божикниот пост, посни се и сите славски трпези.

Во текот на целиот божиќен пост не се јаде месо, бело месо и јајца. Маслото и виното се дозволени во сите денови освен среда и петок, кога се пости „на вода“. Риба се јаде секоја сабота и недела, како и на Воведение на Пресвета Богородица, дури и ако празникот паѓа во среда или петок.

Со Канонот на Православната црква се предвидени еднодневни и повеќедневни пости. Еднодневните пости се во среда и петок, Водокрст на 18 јануари, Отсекувањето на главата на св. Јован Крстител на 11 септември и Крстовден на 27 септември. Повеќедневни пости се велигденските, петровденските, богородичните и божикните пости.

Божикниот пост, како и останатите повеќедневни постови, датира од првите векови на христијанството и се споменува во делата на светите отци од 4 и 5 век. Првобитно постот траел седум дена, а одлуката христијаните пред празникот - Раѓањето Христово да постат 40 дена е донесена на Соборот во Цариград во 1166 година.

Популарно