Амди Бајрам Јуниор и невестата Везира Агушева денеска на вториот ден од нивната свадба славјето го продолжија во спортскиот центар Борис Трајковски каде со околу 2000 гости се веселеа со традиционална ромска музика и ѕвездите од српската естрада меѓу кои Кеба и Верица Шерифовиќ, пишува Вечер.
Младоженците чекореа по црвен килим минувајќи под срциња од балони каде според традицијата, невестата изведе бавен танц.
Веселбата на вториот ден од неколкудневната ромска свадба започна попладнево со традиционалната ромска игранка на која имаше околу пет илјади илјади луѓе во спортската сала во Шуто Оризари, а продолжи со ноќната веселба.
-Денот беше прекрасен, младенците се среќни и јас сум многу среќен за нив. Играта која ја изведе невестата е најубавиот чин на свадбата, а моментално има околу 2000 гости, додека на игранката присуствуваа околу 5000 луѓе, вели дедото и пратеник Амди Бајрам.
Покрај музиката на Кеба, гостите ги забавуваа бројни српски естрадни ѕвезди, меѓу кои Верица Шерифовиќ, Амела Вуковиќ, Елена Марковиќ, Бернат, придружувани од оркестарот Плави Ѕвезди. Свадбата ќе продолжи и во наредните два дена.
Во недела според обичаите, младоженецот и фамилијата Бајрам во 15 часот ќе оди да ја бара раката на невестата а потоа од куќата на невестата ќе продолжат до порта Македонија, каде ќе биде свечената венчавка. Последниот ден во 10 часот наутро Бајрам Јуниор со своите другари ќе оди во домот на невестата на традиционалниот ромски обичај мекици и јајца, додека во 19 часот семејството Бајрам ќе ги пречека сватовите Агушеви на Џумалук. Имено, како што ни откри дедо Бајрам, младенците ќе прават свадба и во Турција на Бекуш и Босфор, каде заедништвото ќе го прослават на брод заедно со 450 гости. Тоа им е подарок од дедото Амди Бајрам.
Извор: Вечер (фото Ѕ.Плавевски)