Во рамки на проектот „50 години евергрин“ во Македонија, македонската јавност ги избра 20-те композиции - македонски хитови кои ќе се закитат со епитетот евергрин.
- Одбрани беа 120 композиции, ако некој е виновен тоа сум јас во старт. Тие 120 композиции, кој било од вас да ги одбереше ќе беа речиси истоветни, со мали измени во зависност од сопствениот вкус. Сето останато беше оставено на јавноста, на македонската публика да ги одбере, рече Костиќ.
Тој се осврна и на барањето од етаблираниот композитор Славе Димитров повеќе негови композиции како „Чија си“, „Моче со мандолина“, „Има една мома многу убава“, да бидат изземени од овој избор, како и за условените високи хонорари од некои изведувачи.
- Организаторот се придржува до сите правни нормативи во Македонија и во светот за изведба на авторска творба и за надоместок како што тоа е прошишано со закон. Нам, вам и на публиката им е ускратено правото да чујат неколку прекрасни песни и можеби една мене драга, која ја изведуваше групата „Македонија“, чиј автор е композиторот Димитров, кој забрани да биде изведена од само нему познати причини без каков било директен повод. И луѓе кои како Владо Јаневски побараа толку пари што е недоблесно, пред се, за оваа јавност, која го создала, да побара 2.000 евра за изведба на песна за која што не знаевме дали воопшто ќе се појави. Бевме приморани од таа листа од 120 песни да бидат изоставени, рече Костиќ кој прочита и дел од писмото од Димитров со наметнувањето забрана за изведба.
Душко Ѓошевски, менаџер на проектот, појасни дека биле приморани на тоа поради закани од авторот оти ќе покрене судска процедура. Инаку, Ѓошевски потенцира дека наишле на многу добар одѕив. Во текот на едномесечното гласање граѓаните можеа да гласаат на веб страницата на Теа модерна и на мобилните оператори, а заради регуларност биле применети евровизиските правила. За изведувачи за кои се гласало за повеќе песни, одлучиле да направат избор да бидат претставени со една композиција, која добила најмногу гласови.
Диригентот Бисера Чадловска, која ќе го предводи Симфонискиот оркестар при МОБ на манифестацијата рече дека ќе се користат постоечките аранжани, но песните ќе добијат на звук.
- Денеска ги дознавме песните и сега пристапуваме на прибирање на нотните материјали, кои ни се потребни за изведба на концертот, рече Чадловска.
Во 20-те најслушаните композиции на сите времиња се вброија „Тајно моја“ од Тоше Проески, „Сите мои слики“ од Ареа, „Галебе“ од Верица Ристевска, „Како Вардар“ од Зафир Хаџиманов, „Ивана“ од Кемал Монтено, „Високи штикли и црни чорапи“ од Конкорд, „Еден бакнеж“ од Нина Спирова, „Моја гитара“ од Банкрот блуз бенд, „Дал да плачам“ од Бис Без, „Кажи нешто драга“ од Драган Мијалковски, „Неправда“ од Лева патика, „Сонце за три светови“ од Мики Јовановски - Џафер, „Кажи зошто ме остави“ од Никола Боби Автовски, „Се што сакав по тебе“ од Симеон Гугуловски, „Остани во мене“ од Калиопи, „Осамен“ на Трајче Манев, „Срце тетовирано“ од Трифун Костовски и Александар Митевски, „Љуби ме и главата горе“ од Зафир и Сенка Хаџиманов, „Кога те нема“ од Хелена Благне и „Роза сина“ од Д.Поповски и З. Милосављевиќ.
Организаторите најавуваат изненадувања во однос на изведувачите, бидејќи дел од нив се во одминати години, некои се починати, a некои групи веќе не постојат.
Дваесетте евергрини ќе бидат изведени на 26 октомври во Универзалната сала во Скопје. Билетите ќе бидат пуштени во продажба в понеделник.