Блерим Река: Од денеска како министер за европска надеж

„Од денес со Владата на надеж, како министер за европска надеж. Честитки за Косово!“, напиша Блерим Река откако беше изгласана новата косовска Влада, а поранешниот кандидат за претседател на Македонија се најде во истата како министер за Европа.

Косово доби нова влада како коалиција на движењето Самопоредување и Демократската алијанса на Косово. Албин Курти е новиот премиер, со 15 министерства. 86 пратеници гласаа за неговата влада и десет беа воздржани.

За Српска листа се предвидени две министерства: Далибор Јевтиќ ќе го предводи Министерството за заедници, а Иван Милојевиќ ќе го предводи Министерството за развој.

Во кабинетот на Курти ќе има двајца вицепремиери и 33 заменици министри.

„Во мојот кабинет ќе има 15 министри, а не 21, како порано. Ќе имаме 33 заменици министри, не 80-ина како порано. Ќе потрошиме помалку на привилегии и повеќе за проекти“, рече Курти.

Владата, вели тој, ќе биде влада на економски развој, а нејзиниот фокус ќе биде на нови работни места, но и судството, односно запирање на корупцијата.

Вицепремиери, според предлогот, се Авдулах Хоти од ДСК и Хаки Абази од Движењето Самоопределување.

Покрај Река, Антон Куни е избран за министер за одбрана, Лумир Абдиџику како министер за инфраструктура, Бесијан Мустафа како министер за земјоделство, Хикмете Бајрами министерка за образование, Агим Велиу за министер за внатрешни работи, Влора Думоши како министерка за култура, млади и спорт.

Глаук Коњуфца ќе биде министер за надворешни работи, Албулена Хаџиу министерка за правда, Бесник Блисими министер за финансии, Розета Хајдари министерка за економија, Арбен Витиа министер за здравство, Блерим Реџа министер за европски интеграции и Емилија Реџепи министерка за администрација.

Курти најави пред претставниците на Собранието дека тој, меѓу другото, ќе бара од Србија одговорност за сторени воени злосторства и компензација за воена штета.

Тој исто така рече дека е подготвен за дијалог со Белград, но „со поширок политички консензус“.

Тој најави воведување на задолжителна воена служба и донесување на закон за конфискација на незаконски стекнат имот.

Коментари

Популарно