За невработените бесплатно до возачка дозвола за категориите ,,Ц‘‘ и ,,Д‘‘

Државата ќе ги подобрува вештините на невработените за да најдат работа, но и ќе им помага и да почнат сопствен бизнис. Мерките кои годинава се под мотото “Шанса за сите“ предвидуваат дел од невработенте да се преквалификуваат. На пример, државата ќе обезбеди обуки за полагање на Ц и Д категорија. Ќе обезбеди и поддршка од 9.000 денари месечно за лицата кои ќе ќе одат на обуки кај познати работодавачи. Пари ќе има и за работодавачите кои ќе прифатат да примат невработени на обука. Посебен фокус се лицата кои ќе се преквалификуваат за ИТ вештини.

Најголем дел од парите ќе бидат наменети за лицата кои ќе почнат сопствен бизнис. За ова се предвидени над 7 милиони евра и со неа ќе бидат поддржани над 1300 нови бизниси.

Оперативниот план на Владата за оваа година тежи рекордни до сега 22,7 милиони евра, а дел од нив ги обезбеди УНДП. Планот годинава ќе опфати околу 12.000 лица.

Утрово се регистрирани 26 нови случаи на коронавирус во земјата- вкупно 285 дијагностицирани пациенти

Утрово се регистрирани 26 нови случаи на коронавирус во земјата- вкупно 285 дијагностицирани пациенти

Почина 1 пациент, 9 пациенти се излекувани и испишани од болничко лекување.

Информираме дека утрово на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина еден пациент на 79 години, од Дебар. Пациентот е дијагностициран позитивен на Ковид-19 на 23 март, а со влошена здравствена состојба хоспитализиран на клиниката во Скопје на 25 март.

Денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се испишани 9 пациенти (8 од Дебар и 1 од Скопје) кои на два контролни теста на Ковид-19 имаа негативен резултат. Нивната здравствена состојба е добра и тие заминаа дома.

Во изминатите 24 часа се регистрирани 26 нови случаи на коронавирус во земјата. Целосен преглед за состојбата по градови ќе испратиме дополнително бидејќи дел од потврдените се со работа во Скопје, но место на живеење во друг град, а анкетите се се уште во тек.

Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во земјата денеска до 12.00 часот изнесува 285 лица.

Министерството за здравство прави огромни напори навремено, транспарентно и точно да ја известува јавноста и да комуницира со медиумите. Со оглед на зголемениот обем на работа и информации и се поголемиот број на тестирања во повеќе лаборатории кои ги доставуваат своите извештаи до Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство известува дека од утре 31 март, ИЈЗ ќе ја доставува статистиката на денот за бројот на новозаболени до 15:00 часот за што Министерството за здравство веднаш ќе испрати информација до медиумите.

Во овие моменти е неопходно е да имаме точни, проверени и прецизни податоци и за таа цел го поместуваме времето за известување. Прес конференциите остануваат да се одвиваат на редовна основа за сите дополнителни информации и прашања од страна на медиумите.

Нашата служба за Односи со јавност е максимално посветена да одговори на секое прашање во најкус можен рок и тоа ќе продолжи да го прави и во иднина.

Сепак, замолуваме за разбирање доколку во одреден момент недоволно брзо одговараме. Тоа е најчесто така затоа што службите во здравствените институции кои треба да ги дадат информациите, се преоптоварени со своите активности и не можат со очекуваната брзина да ни ги достават бараните информации.

Битолчанец преку слики и текст раскажува како игледа еден ден во карантин

Малку за карантинот и за сите вас кои “Не сте против луѓето, ама оти баш во Епинал?”

1. Слика бр.1: Вака изгледа вообичаен оброк.Се доставува пред врата, приборот е пластичен за еднократна употреба.

2. Слика бр.2: Средства за дезинфекција, вреќи за ѓубре и сл. Оставени во собите, со цел гостите самостојно да ја одржуваат хигиената во истите.

3.На секој спрат има полиција која стриктно нагласува дека никој не смее да мрдни од соба (во спротивно ќе има ригорозни казни).

Малку упростено… Секој онај кој е во карантин во тие 14 дена ќе нема апсолутно никаков контакт со надворешниот свет… Ни роднини, ни кувари, ни чистачки, ни дилери во казиното. 😉

Уште малку доупростено за сите “стручни лица”. Многу побрзо ќе се заразите од некој при чекањето ред на 20 сантиметри пред банка, маркет, на пазар и слично од колку од овие кои ве “загрозија и ви го окупираа светиот бастион во срцето на градот”.

Ќе се заразите и од оние кои ќе ја кријат болеста од страв и срам од јавната осуда,наместо да се поддржат истите и да знаат дека кој и да заболи треба да добие поддршка и помош… Дај боже никој да не заболи, но тоа не е можно.

п.с. Во тој хотел, а веројатно и во Молика, единствените два во Битола кои исполнуваа услови и се пријавија да сместат повратници (се пишува повратници, а не заболени како што стручно веднаш ги оцрнивте) има по некој ваш комшија, школски другар, познаник. Фино би било да им однесете по некоја вода, овошје или витамини. Оставете на рецепција, полицијата ќе им ги достави во собите. Гарантирам дека живи ќе излезите од таму, без последици. Себичност, неинформираност, шпекулации… Тоа е полошо и побрзо убива од Короната.

Извор: Фејзбук статус на Горан Пинза

14 полицајци од полициска станица Петровец во домашна изолација?!

Вкупно 14 полицајци од станицата во Петровец се во домашна изолација откако е утврдено дека дел од нив имале контакт со лица позитивни на ковид-19, дознава Алсат.

Според информациите што ги добивме 7-мина од полицајците се со висок ризик бидејќи биле во директен контакт со лица со позитивен наод. Другите седум се со среден ризик.

Дополнително, дознаваме дека од сообраќајната полиција има уште 2 позитивни на коронавирус, со што вкупната бројка заразени во овој сектор на полицијата изнесува 5 лица.

Популарно