Коронавирусот досега одзеде шест животи во Србија

Во текот на ноќта во Србија починаa уште двајца пациенти кај кои е потврден Ковид-19.

Станува збор за К. С. (80), кој бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести, а претходно страдал од кардиомиопатија, хипертензија, хронично белодробно заболување и дијабетес, пишува „Блиц“.

Во вториот случај се работи за жена Б.П. (62) која била хоспитализирана во Клиничкиот центар во Ниш. Таа била на респиратор и под постојана грижа на медицинските тимови.

Според последните информации на српското Министерството за здравство, во Србија се регистрирани вкупно 384 потврдени случаи со Ковид-19, а починале 6 лица.

Училиштата и градинките во Словенија ќе останат затворени и по 17 април

Министерството за образовани на Словенија донесе одлука градинките и училиштата, кои не работат поради епидемијата на коронавирусот да останат затворени и по 17 април.

Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, ова за Телевизија Словенија го потврди портпаролот на Владата Јелко Кацин.

– Ако епидемијата исчезне во следните 14 денови тогаш ќе почнеме да размислуваме за постепено враќање во нормален живот, но градинките дефинитивно нема да бидат од оние објекти кои први ќе се отворат – изјави Кацин.

Училиштата и градинките беа првите установи кои во Словенија беа затворени по појавата на коронавирусот во земјата.

Косовската Влада финансиски ќе ги помогне фирмите кои трпат штети од епидемијата

Вршителот на должноста министер за финансии на Косово Бесник Бислими ѝ предложи на владата пакет итни фискални мерки, за поддршка на претпријатијата кои трпат штети од епидемијата на вирусот Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.

Бислими на денешната прес-конференција најави дека ќе се покријат трошоците на оштетените фирми за плати на вработените, во износ на минималната плата од 170 евра во наредните два месеци и за оваа намена Владата ќе издвои 41 милион евра.

Во истиот период, корисниците на пензии пониски од 100 евра, а кои немаат други приходи, ќе бидат помогнати со по дополнителни 30 евра, а на малите и средните претпријатија ќе им бидат покриени 50 отсто од надоместот за изнајмени деловни простории, информира министерот за финансии.

Тој изјави дека преземените мерки за заштита од коронавирусот предизвикале застој во производството и дека има пад на економската активност во три категории – кај граѓаните, бизнис-заедницата и буџетот на државата.

– Капацитетот е многу ограничен и задолженоста е многу висока поради исплатите. Мерките на Влдата и во економските активности се одразија по автоматизам и на царинските и даночните приходи во висина од 7,5 до 12,5 отсто. Можно е да имаме 200 милиони евра помалку доходи, изјави Бислими, порачувајќи дека целта на мерките не е целосна компензација на штетите, туку нивно минимизирање.

Заразените со Ковид-19 од северно Косово се лекуваат во Србија

Две лица од северно Косово, на возраст од 43 и 47 години, едно од северниот дел на Косовска Митровица и едно од Лепосавиќ, вчера резултираа позитивни на новиот коронавирус, по што се хоспитализирани во Клиничкиот центар во Ниш, јави дописникот на МИА од Приштина.

Болниците во два града во Србија, Ниш и Крагуевац, се центри кои според протоколите кои се сега во сила во таа земја се одредени за пациентите од Косово.

Епидемиологот Александар Антонијевиќ потврди за порталот „КоССев“ дека присуството на Ковид-19 кај двете лица е потврдено вчера при испитувањето на нивните примероци во институтот „Торлак“ во Србија, каде што се испраќаат сите примероци на лица од општините со мнозинско српско население во Косово, за кои постои соменавње дека се заразени со новиот коронавирус.

Во Институтот досега се извршени тестирања на примероци од 13 лица, а за уште три резултатите се очекуваат во текот на денешниот ден.

Со позитивен наод на новиот вирус досега во косовските области со мнозинско српско население резултирале вкупно три лица. Првиот случај, 62-годишна жена од село во општина Липљан, која исто така е хоспитализирана во болницата во Ниш, е потврден завчера, на 26 март.

Според здравствените власти во Приштина, во Косово, без споменатите три случаи, заклучно со вчерашниот ден се регистрирани 91 лице заразено од коронавирусот.

Од 13 март, кога беа потврдени првите два случаи, во земјата се евидентирани едно лице излекувано од заразата и еден починат.

Популарно