И за 0,08 грама марихуана во Македонија се оди во затвор

Кривични пријави за недозволена трговија со дрога „летаа“ изминатиов период од МВР на адреса на лица кај кои полицијата пронашла дури и под еден грам марихуана, предизвикувајќи чудење и смеа меѓу граѓани. Иако за јавноста беше интересна дури и смешна веста дека полицијата кај прилепчанец запленила 0,08 грама марихуана, или кумановец бил фатен со 0,5 грама марихуана, а од негов сограѓанин пак биле запленети 0,26 грама марихуана, сепак во сите овие случаи, полицијата на осомничените на товар им става дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, за кое е предвидена казна затвор од 1 до 10 години.

alfi 1

Недореченоста на Кривичниот закон, во кој не е регулирано колку може да биде количината за лична употреба, а која е количината за продажба, создава реален проблем во пракса, објаснува адвокат Јанаки Митровски.

- Во Република Македонија постои илегална пракса која ја практикуваат застапниците на обвинението, а е прифатена од кривичните судови, секоја заплена над 5 грама наркотици да се гони по член 215 дури и кога нема ниту доказ ниту индиција за продажба. Овој недостаток во Кривичниот законик (КЗ), Јавното обвинителство го покрива со Упатство за внатрешна употреба, што е недозволиво и преставува неодржлива правна ситуација, односно упатството на ЈО има правна супремација, односно приоритет над КЗ. Иако ставот 3 од член 215 предвидува привилегирана форма на делото, КЗ е недоречен, односно не одредува која количина на наркотици е количина за лична употреба, што преставува реален проблем во пракса, и е злоупотребуван од страна на ЈО - вели адвокатот Митровски.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека постапуваат по сè што е незаконски и нелегално и тие не мерат дали нешто за што напишале пријава е многу или малку.

- Судот цени врз основа на пријавата и на доказите, Министерството за внатрешни работи постапува и поднесува пријави за се што е незаконско - велат од МВР.

Дел од експертите ваквите информации што ги пласираат истражните органи, ги нарекуваат популистички, карактеристични за политиката на оваа власт.

- Во рамките на генералната политика на владата дека се е бројка и колку повеќе бројки, толку повеќе наводни резултати, зборува и односот на Министерството за внатрешни работи. Колку повеќе бројки, толку повеќе вештачка слика за наводна успешност и реализација и селективност, таму кај што сме успешни покажуваме бројка, меѓутоа таму каде што немаме никаква реалзиација и немаме никаков резултат, тие резултати и бројки ги криеме како змија нозе - вели универзитетската професорка Фросина Ременски.

Таа објаснува дека никој не е против евидентирањето на дневните настани и реализација од страна на полицијата, но според неа популизмот на МВР, укажува на недостиг на чуство за позначајните кривични дела, но и во селективен пристап, посебно ако во нешто се вмешани луѓе од, или блиски до власта.

Коментари

Популарно