Познатиот македонски драматург и поранешен директор на Театарот за деца и младинци, познат колумнист и режисер Братислав Димитров-Бато, објави колумна на тема војна помеѓу „стари скопјани“ и „провинцијалци!“
Се чини „војната“ меѓу старите скопјани и дојдените провинцијалци во главниот град е вечно актуелна.
- Изби крвава војна (по кој знае кој пат!) помеѓу „стари скопјани“ и „провинцијалци!“ Драги Македонци, престанете само со делење. Конечно почнете со другите две „математички“ операции: Собирање и множење! - е главната поента на Бато.
Во колумната, меѓу другото, пишува:
Денес е 1. Жетвар (јуни) 1971 година, трет ден на светиот дух. За мене е прв ден пред „студентските прашања” каде што сум еден од илјадниците бруцоши кои за прв пат во животот се запишуваат на некаков факултет. Цела претходна ноќ никој од нас не успеал да склопи око поради возбудата од денешниот револуционерен настан! ...
„Провинцијалците” доаѓаа на факултет од сите краеви на Македонија со куфери, торби и разни кеси, полни со соништа и планови. Во нив имаше и грижливо исплетени шалови, волнени чорапи, капи, тегли со ајвар, слатко, џем... Чергичиња, веленца, ножиња, лажици, виљушки, влечки, фотографии, споменари, писма, разгледници и дописни картички... Доаѓаа во големиот град со мали но драгоцени фрагменти од нивните тамошни животи за да им даваат (за почеток) некоја сигурност во долгите и осамени ноќи во новата и „мистериозна” средина. Нивните најблиски ги испраќаа со загрижени погледи, народни мудрости, едвај стокмени пари и големи надежи дека сепак ќе успеат! Нормално, во такви важни мигови се тркалаа солзи и во обете насоки бидејќи во старите добри времиња (за среќа!) ние сè уште не бевме „к у л”.
Кон крајот на својата колумна Бато се осврна на своите коелги од другите градови:
Станаа големи глумци и никогаш не престанаа да бидат прекрасни луѓе: Менка Бојаџиева, Веби Ќерими, Јусуф Гулевски (екс Абдулаи), Петар Мирчевски, Ѓорѓи Тодоровски Трупче и Лазар Бараков. Зошто ја пишувам оваа колумна? За да го одработам мојот дел (како „стар Скопјанец”) и да ви соопштам една едноставна и сурова вистина: Поделбата на „сељаци” и „градски дечки” е класичен фашизам! Плус, секој град, па макар бил Лондон, Париз или Рим, без тој свеж прилив на „провинцијалци” со време сигурно би станал декадентен и начисто би пропаднал!
Поентата е многу проста. Градот е твој, онолку колку што ќе му дадеш. И уште поважно, Македонците имаат доволно делби. За почеток, да прекинеме со оваа колку да разбиеме малер и монотонија!