По пет месеци реконструкција на воениот базен во скопската населба Аеродром, скопјани можат да уживаат во старите и новите содржини што овој рекреативен центар сега ги нуди.
-Базенот беше доста запоставен, а ние од февруари месец почнавме со работа. Го затекнавме во доста лоша состојба, но веднаш се фативме за работа, а резултатите може да се видат и денес. Не застануваме овде, ова не е финалниот проект, планираме уште да вложиме и еден ден ова да биде пример за тоа како треба да изгледа еден базен. Се надевам дека ќе успееме во тоа, во соработка од општината Аеродром и граѓаните на оваа општина на Скопје и Македонија ќе може да уживаат во тоа, истакна директорот на базенот Владимир Латковиќ.
-Инвестицијата е вредна околу од 9 милиони денари. Базенот Бисер е целосно реконструиран за оваа година, реконструирано е коритото и ресторанот. Покрај рекреативниот карактер, оваа година ќе имаме и спортски. Ќе има часови по ватерполо, пливање, одбојка на плажа...сите оние неопходни елементи кои се потребни ги има во базенот, подвлече градоначалникот Ивица Коневски.
Базенот во Аеродром ќе понуди и летни школи за пливање, ватерполо тренинзи, необични спортови во вода и постојана анимација за посетителите.
Покрај пливачките летни школи, натпреварите во одбојка и тимски игри, менаџментот на базенот од оваа година ќе стави акцент на организација на работењето со граѓанскиот сектор. За таа цел се воведени повеќе капацитети за опуштање на посетителите, поставени се повеќе ареи за седење и одмор, како и креирање на детско игралиште за најмалите.
Картата чини 200 денари, за децата до 12 години ќе биде 100 денари, а за најмалите- дечињата до 6 години влезот ќе биде бесплатен. Базенот ќе работи секој ден, до крајот на септември, од 8 до 1 часот по полноќ.