Има ли правда за 34- годишната Наташа Величковска која со нејзиното малолетно дете три години трпи малтретирање, претепување и закани по живот. Кога ја раскинав врската со Бобан, мојот живот се претвори во пекол, а институциите не ме штитат од насилникот, Чраскажува Наташа. Има купишта документи, од полициски извештаи, лекарски уверенија и судски пресуди, но залудно. Под присила морала да ја повлече изјавата дадена во кумановскиот суд дека била и киднапирана и силувана. Случајот е вратен во судот во Крива Паланка, но сега таа е обвинета.
-Од автобус ме симна со закани, вели нема жива да се вратам ако случајно посведочам дека сум силувана и киднапирана. Децидно реков во судот дека сум малтретирана и тепана но, немам повратен одговор од таму, делото е вратено тука каде јас сум обвинета дека лажно сум го пријавувала, а јас цело време сум дома затворена. Ми упадна и пред малолетното дете, ме тегнеше, кубеше и ме тепаше, пак завршив во болница, ноќе, пред очите на детето, вели Наташа.
Од ударите на насилникот сега има оштетен слух, а од сексуалното злоставување, до сега четири пати била на абортус. Надвор излегува само со нејзиниот татко кој, за да го заштити семејството, држи палки до влезните врати. Горд на својата партиска определба и охрабрен од локалните власти, насилникот кој е вработен во општина Крива Паланка, се однесува како шериф и ни се заканува на сите- вели таткото на Наташа.
-Наредните четири години душата ќе им ја извадиме на ќерка ти и на мажот, затоа што пак сме ние на власт и да ви биде јасно дека од мене нема да се спасите. Пред тоа во една прилика, во присуство на полицајци ми вели- да видиш Симче што е ВМРО. Ама буквално една ноќ немам преспиено како човек, ролетната секогаш ми е полуотворена и сум буден на најмал шум. И палките, еве ги, до вратата ми стојат, реквизити, вели таткото.
Синоќа пред вратите на ова семејство затропала полиција. Ја предупредиле Наташа да не објавува никакви информации на Фејсбук и да не комуницира со медиуми. Таа не знае каде веќе да бара спас од оваа тригодишна агонија. Се обратила и до градоначалникот да му укаже дека неговиот вработен го злоупотребува службеното возило за да ја следи, но и тука не наишла на разбирање.
-Со службеното возило дури до село ме следеше, шоферот на градоначалникот и тој, Бобан Стојановски, името не го кријам, јавно ќе кажам. Го злоупотребува возилото за да дојде, постојано и тука во маалото, луѓето гледаат, не се слепи. Го паркира возилото пред продавница и ќе седне за да се напие. Јас реагирав кај градоначалникот но, тој ми рече дека не е должен да ги решава љубовните проблеми на граѓаните, раскажува Наташа. Одговорно тврдам дека службените возила не се користат за приватни цели, а ако жената има доказ за спротивното, нека пријави, ќе следат санкции и бркање од работа.- вели градоначалникот Арсенчо Алексовски.
Наташа е една од ретките жени која имаше храброст да ја раскаже својата животна приказна како жртва на насилство, како што вели таа, ако се остварат заканите што и ги упатува насилникот, институциите ќе бидат виновни што не презеле ништо да го санкционираат.
Извор - Телма