Исповед на скопјанец: Желбата за брза заработка ми се одби од глава како кошмар

Имав стан во центарот на Скопје, во близина на Зелениот пазар, каде што поминав дел од детството. Откако се иселивме оттаму, тој остана празен повеќе години.

Но, еден пријател ми даде интересен предлог: - Зошто станот не го издаваш за една ноќ?

На почетокот не го разбрав што сака да каже, но бргу ми стана јасно на што мисли. Станот да го претворам во љубовно гнездо. Предлогот не ми изгледаше лош. Зошто да не искористам малку и да заработам на сметка на туѓата љубов.

Составив оглас и го објавив на интернет: „Најмувам стан за краток престој, цена 30 евра од ноќ, дискреција ГАРАНТИРАНА“.

Ова „гарантирана“ го ставив од шега, но изгледа токму тоа беше најпривлечно. Не поминаа неколку часа и првиот повик стигна. Глас на човек од околу четириесетина години: - Ми треба станот за утревечер, дали е слободен? Не сакам никој да знае кога ќе дојдам и со кого ќе дојдам.

Но, тоа што не сакаше да се знае со кого ќе биде таму, малку ме подзамисли. Човекот се јавил токму поради тоа што му гарантирав дискреција. Со тоа како да си ставив белег - станот го најмувам за љубовџии кои бегаат од јавност.

Тоа и се случи. Го пречекав пред зградата. Дојде сам, му го дадов клучот и се договоривме следниот ден да го остави во поштенското сандаче. Кој му дојде потоа во станот, не знам. Не ме интересираше дали се швалерисуваат или се вистински пар. Заминав колку што можев побрзо, да не им пречам кога сакаат да се скријат од туѓите погледи.

Ден потоа дојдов на истото место. Клучот беше во сандачето. Кога се качив горе, сè беше средено, креветите повторно наместени. Единствено две чаши стоеја неизмиени, а на едната од нив, траги од кармин. Тие добро си поминале, а јас имав добра заработка.

Телефонот продолжи да ѕвони и следните денови и месеци. Се јавуваа и мажи и жени, некои постари, некои помлади. Сите имаа иста цел - да дојдат во станот со партнер. Најмногу ги имаше пред викенд. Се јавуваа во среда, за да се осигурат дека станот ќе го имаат во петок навечер.

Сепак, не можев да додржам и правилото за гарантирана дискреција почнав самиот да го прекршувам. Наместо да си заминувам, останував во близина на зградата и чекав да видам која девојка ќе се појави. Како што очекував, тоа беа најчесто нивни колешки. Ги препознавав зашто повеќето од нив работеа во околните фирми.

Почнав добро да заработувам, но никому не кажував од каде се парите. За оваа моја авантура не ѝ кажав ниту на Ана, мојата девојка со која тогаш бевме во врска околу една година. Таа не ни знаеше дека овој стан постои. Се плашев дека ако ѝ кажам, ќе помисли дека сум станал макро. Си го продолжив својот бизнис.

Сепак, горчливата страна на светот на прељуби почна да се наѕира. Станот го најми човек на возраст од околу 50 години. Не ми беше познат. Беше дотеран како да е шеф во некоја од локалните фирми. Десетина минути по него се појави девојка. Беше слаба, симпатична и толку младолика што не можев да ѝ дадам повеќе од 20 години. Се плашам дека немаше ни толку.

Мислев дека само си правам филмови, дека не е можно таа да му е партнерка за оваа пауза за секс. Но, таа беше дојдена за него.

Девојката не можеше да го погоди влезот, па педестгодишникот излезе и ја пречека лично. Таа кога го виде, послушно ја наведна главата и како учениче што задоцнило на час тргна по него. Тој не ја ни допре. Само ѝ ја остави вратата подотворена и ја чекаше внатре, далеку од очите на другите.

Се згрозив. Сакав да излезам пред него и да му го земам клучот. Никој отстрана не можеше ни да претпостави што се случува. Јас знаев. Се чувствував како да сум негов соучесник. Сепак, кукавички премолчев.

Половина час подоцна истата девојка излезе од зградата. Плачеше. Сакав да тргнам кон нејзе, но што ќе ѝ кажев? „Мој е станот каде што пред малку беше расоблечена“. Немаше поента. Повторно, останав закопан на место. Таа со трчање бргу се изгуби кон автобуската станица и се качи во првиот автобус што ѝ дојде. Кратко по неа, излезе и тој. Си завршил „работа“ и полека се измеша меѓу луѓето на тротоарот.

Бев лут на себе. Сакав да ѝ кажам на Ана што видов, но не го сторив тоа. Оваа епизода требаше да ми биде предупредување. Да престанам, да го повлечам огласот. Но, помислив на парите и продолжив.

Педесетгодишниот повторно ми се јави за две недели, па дури и се претстави: - Сашо, момче, овде е Дарко, ајде во среда да ми оставиш клуч. Така и направив.

Му го предадов клучот и тргнав да си одам. Не сакав да бидам повторно соучесник во неговото изживување врз девојка која може ќерка да му биде.

Се оддалечив од зградата. Сепак, не додржав и се свртев кон влезот, сакав да видам која е неговата следна жртва. Задоцнив. Девојката веќе на половина врата беше внатре. Успеав само да видам - долга црна коса, фармерки и патики. Да, беше млада, но не истата од минатиот пат. Претходната имаше руса коса. Иако одвај ја видов, нешто ми беше многу познато на неа. Ме фати немир.

Седнав во паркот спроти зградата и чекав. Се измачував додека ја формирав сликата за девојката што влезе внатре. Се убедував себеси дека грешам, дека не е таа, дека ми се присторило. Но, патиките, косата, фармерките - добро ги видов. Не можев да не ги препознаам. Се обидував да си најдам милион причини зошто би дошла тука, само да не ја поврзам со „господинот“ кој распиштолен ја чека горе. Не можев да најдам одговор.

Тој половина час мислам дека траеше половина век. Станав зол, посакував повторно да се појави истата девојка од минатиот пат, расплакана и да си замине, само да си олеснам себеси. Станав гневен на часовникот што се движи толку бавно.

Дојде мигот да го голтнам горчливиот залак. Од зградата излезе Ана.

Престанав да дишам, ми се стресоа нозете. Ми зовре крвта, сакав да се стрчам кон неа, да се развикам, да го истурам гневот. Но, повторно, што ќе ѝ кажев? „Не плачи, не си ти виновна“, „Зошто ми го правиш ова?“, „Јас му дадов клуч да биде горе со тебе“. Ништо немаше смисла.

Ана не плачеше. Таа го чекаше Дарко, кој беше зафатен со „исплатата“ што ми ја оставаше во поштенското сандаче. Тој како да знаеше дека гледам, па штом дојде до неа ја прегрна под половината, стиснувајќи ја провокативно за задникот. Ана исто така го прегрна, му прошепоти нешто и двајцата излегоа на тротоарот од каде што се разделија и се изгубија меѓу луѓето.

Стаписан стоев уште долго време.Веднаш го избришав огласот од интернет.

Следниот ден се обидов да ја добијам Ана. Но, таа како да исчезна. Цела недела не ми одговараше на повиците. Како јас да сум виновен. Тоа ме налути, па ѝ пратив порака: „Те видов кога излегувавте со Дарко“.

Мислев дека ќе триумфирам и дека плачејќи ќе дојде кај мене и ќе бара да ѝ простам. За одговорот не чекав многу. Ми одговори: „Знам. Беше како глушец кој се вртка без глава долу. Не ме барај. Врската одамна ни беше во бездна, но ти не сфати, беше занесен. Толку е, раскинуваме!“

По ова го прекинав и „бизнисот“. Испратив луѓе да го исчистат станот и за кратко време го продадов, за да ја тргнам во заборав таа епизода од животот. Од поштенското сандаче никогаш не ги земав парите од последната услуга.

Како растевме, што преживеавме и каде сме денес: 2Бона го објавија ‘94 - прв чаптер!

По неколку месеци интензивна работа, македонското дуо 2БОНА на стриминг платформите го пласираа “Chapter 1” - првиот дел од албумот со наслов ‘94 – проект кој дава старт на летото на 2025 година и внесува свежина во регионалната музичка сцена.

2Bona го претставуваат првиот чаптер од новиот албум ‘94 кој што раскажува моќна музичка приказна за генерацијата која остави трага.

Албумот „94“ е инспириран од годината на раѓање на Кун и Тони, и претставува интимен, но истовремено енергичен белег на генерациите што растат помеѓу дигиталниот свет. Секоја песна носи дел од нивното лично и музичко созревање, измешано со современи битови, улична естетика и емотивни текстови.

Во овој прв дел може да се слушнат и видат 6 песни и 6 видео записи за истите - “Еверест”, “Ради реда”, “Лето”, “Еурека”, “Сука” и “Мозаик”

Мнозинството од песните од овој чаптер се колаборации со македонски артисти вклучувајки ги Тајзи, Барбара Поповиќ и младите артисти на Горила ТВ - Шаро, Инсерта, Фико, Муфи и Вански.

Во продукцијата учествуваа продуцентите Лазар Цветковски, Иле Спасев, Марио Јелиќ - Кун и Филип Андреев кои овој албум го обележаа со уникатен и квалитетен звук. 

„Со ‘94’ сакавме да ја раскажеме нашата приказна – како растевме, од каде почнавме, што преживеавме, и каде се наоѓаме денес. Овој албум не е само за нас, туку за секоја генерација која се бори да остави белег,“ – велат Кун и Тони. 

Албумот е достапен на сите стриминг платформи, вклучувајќи Spotify, Apple Music, YouTube Music и Deezer

Со „94“, 2Бона сакаат да пренесат јасна порака дека музиката може да биде и вистинска уметност но, и глас на генерацијата. 

Уживајте во првиот Chapter 1:

Баланс меѓу работа и живот: Кога можете да побарате скратено работно време?

Во брзиот свет во кој живееме, балансирањето помеѓу професионалните обврски и личниот живот станува сè поважно. Скратеното работно време е еден од начините како вработените можат да го постигнат овој баланс - а тоа не е само добробит за работниците, туку и за општеството во целина.

Кога имате право на скратено работно време?

Во Македонија, правото на скратено работно време е регулирано со Законот за работни односи. Вработениот има право да побара скратено работно време во следниве ситуации:

  • Трудничко или породилно отсуство (и по неговото завршување, заради продолжување на грижа за детето).
  • Родител на дете до 3-годишна возраст или дете со посебни потреби.
  • Лица со утврдена инвалидност или хронична болест, ако тоа го препорачува лекар.
  • Грижа за болен член на потесното семејство, според лекарски доказ.

Секое барање мора да биде поткрепено со соодветна документација, а работодавачот е должен да го разгледа и да даде одговор во законски рок.

Кои се бенефитите од скратеното работно време?

За вработените:

  • Подобро ментално здравје - Помалку работни часови значат повеќе време за одмор, семејство, пријатели и хобија.
  • Зголемена продуктивност - Истражувањата покажуваат дека луѓето кои работат пократко, често се поефикасни во работното време.
  • Поддршка за родители - Мајките и татковците имаат реална можност да бидат повеќе присутни во животот на своите деца.
  • Поголема флексибилност - Работниците можат полесно да менаџираат приватни обврски (на пр. лекари, училишни активности и сл.)

За работодавачите:

  • Повисока лојалност од вработените - Кога компанијата покажува разбирање, вработените се помотивирани.
  • Помал отсутен кадар - Скратеното работно време често резултира со помалку боледувања и стрес.
  • Позитивен имиџ на пазарот на труд - Компаниите кои нудат флексибилност се попривлечни за нови таленти.

За општеството:

  • Поддршка за семејства и раѓање деца - Младите семејства полесно се одлучуваат на потомство кога имаат реална поддршка.
  • Инклузија на ранливи групи - Лица со здравствени предизвици полесно остануваат или се враќаат на работа.
  • Намалување на иселувањето - Со подобри работни услови, граѓаните имаат повеќе причини да останат и да придонесуваат дома.

Како да побарате скратено работно време?

  • Проверете дали спаѓате во некоја од законски утврдените категории.
  • Соберете ја потребната документација (на пр. лекарско мислење, извод од матична книга на родени итн.)
  • Поднесете барање до работодавачот во писмена форма.
  • Чекајте одговор од работодавачот, кој е должен да одговори во разумен рок.

Скратеното работно време не е само привилегија тоа е алатка за подобар живот. Со негова примена, се гради порамнотежено општество во кое човекот не е само работна сила, туку и родител, граѓанин и поединец со лични потреби. Со повеќе поддршка и информираност, и работниците и работодавачите во Македонија можат да добијат не губејќи продуктивност, туку градејќи стабилност.

Се уште не можете да ја пронајдете вашата идеална кариера, прочитајте и за: Водич за избор на професија според вашите вештини и интереси

Како си поминавме на Brainster Job Fair?

Со задоволство учествувавме на второто издание на Brainster x Brainster Next факултет Job Fair – настан кој не само што го исполни просторот со ентузијазам, туку и со надеж за нови почетоци. 💯

Веднаш се почувствува возбудата кај посетителите: безброј млади и талентирани кандидати, полни со идеи и мотивација, кои се подготвени да направат храбар чекор напред во својата професионална приказна. 🤩

Разговаравме со нив за нивните размислувања околу пазарот на труд, за праксите и можностите кои ги гледаат за себе – а ние, како KARIERA.mk, со задоволство споделивме совети и насоки за тоа како да ја пронајдат вистинската можност и како ние можеме да им помогнеме на тој пат.

Посебно ни беше драго што на саемот се сретнавме со голем број наши соработници и реномирани компании кои, исто како и ние, беа таму со истата мисија – да отворат врати за нови таленти и да ја збогатат професионалната сцена со свежа енергија и нови перспективи. 👏

Голема благодарност до Brainster за одличната организација и за тоа што повторно создадовте платформа за поврзување, инспирација и раст. 💌

Со нетрпение ги очекуваме следните настани и новите прилики да бидеме таму каде што младите таленти го прават првиот чекор во својата кариера. 🚀

Популарно