Арсовска: Градот Скопје ќе функционира како и досега, но со личности со повеќе интегритет

– Градот Скопје ќе функционира како и досега, меѓутоа јас верувам дека со личности коишто ќе имаат нешто повеќе интегритет од овие кои што видовме дека единственото нешто што ги интересира се политички мотивирани заднини, изјази денеска скопската градоначалничка Арсовска.

– Сметам дека и тие самите доволно кажаа за она што се случувало во изминатиот период. Малку контрадикторни, од една страна имале целосна слобода да реализираат бројни проекти коишто ги набројуваат, а од друга страна укажуваат на некаков недостиг на комуникација, истакна Арсовска одговарајќи на новинарско прашање за оставката на директорот на „Паркови и зеленило“, кој е петти директор на јавно претпријатие на Град Скопје што поднесе оставка по најавеното раскинување на соработката на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со скопската градоначалничка.

На граѓаните им е јасно, додаде таа, дека тие беа таму да си ја работат својата работа одговорно и чесно.

– Но, доколку нивните партиски лидери се тие коишто ќе им диктираат како да постапуваат во животот, јас морам да кажам дека е голема штета за граѓаните коишто очекувале нешто повеќе од нив, рече Арсовска.

Во однос на прашањето дали ќе има нови в.д. директори на испразнетите места, Арсовска рече дека има законски рокови во коишто се она што треба да се направи ќе биде завршено.

– Сите тие луѓе треба да бидат луѓе коишто и понатаму ќе продолжат одговорно и чесно, со интегритет да си ја извршуваат својата функција, да не слушаат луѓе коишто сакаат преку нив да си ги исполнуваат своите политички амбиции и верувам дека ќе го постигнеме тоа во следниот период и резултатите ќе бидат евидентни, одговори градоначалничката Арсовска.

Конгресот го избра новиот состав на Централниот одбор на СДСМ

На 30-от Конгрес којшто се одржа денеска беше избран и новиот состав на Централниот одбор на СДСМ, соопштија од опозиционата партија.

Од таму информираат дека новиот Централен одбор го сочинуваат поединци кои се почитувани во својата заедница, кои знаат да го почитуваат членството и граѓаните и кои ќе работат во најдобар интерес на сите граѓани.

Внесуваме нова енергија во нашите редови. Ги отвораме вратите за сите кои се блиски до социјалдемократски идеи и вредности, соопштија од СДСМ

Мицкоски: Очекувам до следната летна или есенска сезона да има нови 100 до 120 електрични автобуси за јавен градски превоз

Премиерот Христијан Мицкоски очекува до следната летна или есенска сезона во земјава да има нови 100 до 120 електрични автобуси кои ќе сообраќаат во јавниот градски превоз во градовите кои имаат организирано таков превоз.

-Во моментов го скенираме пазарот и анализираме за колкав најбрз период можат да дојдат помеѓу 100 и 120 автобуси, но истовремено и начинот на плаќање да биде со одреден грејс период и на неколку полугодишни рати за да не биде товар на ликвидноста на Буџетот. Потоа тоа, би било пренесено до сите општини кои имаат организиран јавен градски превоз заедно со придружната инфраструктура како што се полначите за електрични автобуси за кои пресметавме дека ќе ни бидат потребни околу 50-тина, рече Мицкоски во одговор на прашање по денешното пуштање во употреба на новата спортска сала во ООУ „Наум Охридски“  во скопското село Булачани.

Нагласи дека најголем дел од електричните автобуси би биле наменети за Градот Скопје.

За проблемот со недостигот на нафта поради кој ЈСП Скопје два дена имаше редуциран превоз рече дека Градот Скопје е тој што управува со Јавното сообраќајно претпријатие и додаде дека како Влада тоа што требаше веќе го направиле.

-На ЈСП Скопје му дадовме 250 тони нафта на заем. Преку Бирото за јавни набавки е договорено да се проследи барањето на Град Скопје за итна набавка на нафта по пат на преговарање. Сега очекувам да се консолидираат. За се останато доколку ценат дека треба советничката група на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи, очекувам да бидат повикани и да бидат објаснети политиките на Градот Скопје, порача Мицкоски.

Исчезнат жител на Младо Нагоричане

Чиетиресет и едногодишник од селото Младо Нагоричане бил пријавен за исчезнат вчеравечер од неговата мајка.

– На 22.11.2024 година во 20.30 часот во СВР Куманово М.Н.(62) од село Младо Нагоричане пријавила дека од домот се оддалечил нејзиниот син В.Н.(41)., информираат од Секторот за внатрешни работи.

Оттаму додаваат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Популарно