Џоел Рич со британски шарм го освои срцето на Џони Деп

Светските медиуми пишуваат дека Џони Деп е во врска со негова поранешна адвокатка, но тоа не е Камил Васкез, како што се шпекулираше.

Британката Џоел Рич, која го застапуваше Деп во Британија пред две години во судскиот процес за клевета против весникот „Сан“, го освои срцето на холивудскиот актер. Тимот на Деп ја загуби судската битка, но, очигледно, поразот не влијалел на неговите чувства кон адвокатката, пишува „ТМЗ“.

Рич е омажена, но моментално е во процес на развод. Таа и нејзиниот отуѓен сопруг имаат 2 деца.

Рич не беше дел од тимот на судењето во Вирџинија што извојува победа над поранешната сопруга на Деп, Амбер Херд, но таа беше присутна во судницата за поддршка, според „Ју-ес викли“ кој прв ја објави сторијата.

Познато е која музичка ѕвезда ќе настапи на Супербоул

Американската поп ѕвезда Ашер ќе настапи на полувремето на Супербоул, најгледаниот натпревар во НФЛ лигата, кој на 11 февруари идната година ќе се одржи во Лос Анџелес.

Осумкратниот освојувач на наградата „Греми“ рече дека се радува на настапот на НФЛ спектаклот.

-Ова е голема чест конечно да го симнам настапот на Супербоул од мојата листа на желби. Одвај чекам да му прикажам на светот шоу какво што досега од мене не е видено, порача Ашер.

Најголемите американски ѕвезди традиционално настапуваат на полувреме на најважниот натпревар во НФЛ лигата во годината.

Изминатиот февруари спектакуларен настап имаше Ријана која настапи во поодмината бременост, што беше и нејзин прв самостоен настап во последните седум години.

На Супербоул претходно настапуваа и Мадона, Колдплеј, Бијонсе, Еминем, Мајкл Џексон и многу други познати музички имиња.

Мајкл и Кетрин прославуваат роденден на ист ден

Славниот холивудски пар Мајкл Даглас и Кетрин Зета Џонс се родени на ист ден, а единствената работа што ги дели е разликата од 25 години меѓу нив.

Мајкл и Кетрин, кои се во среќен брак повеќе од две децении, се подготвуваат за двојна прослава бидејќи и двајцата го одбележуваат својот роденден на 25 септември.

Таблоидите потсетуваат дека денес ѕвездата родена во Велс наполни 54 години, а нејзиниот сопруг 79.

Љубовната приказна на Мајкл и Кетрин почна во 1998 година кога тој ја виде велшката убавица (која тогаш имаше 29 години) во улогата на енигматичната Елена Монтеро во филмот „Маската на Зоро“. Тој подоцна му кажа на својот публицист да организира средба помеѓу нив.

„Ја запознав во бар и бев тотален џентлмен“, му рече Мајкл на Џонатан Рос за време на гостувањето во неговата емисија во 2016 година. Актерот – кој имал 54 години кога се запознале – не можел да чека, па решил самиот да направи потег подоцна таа вечер дрско велејќи ѝ на актерката: Знаеш, јас ќе бидам татко на твоите деца“.

Но, Кетрин не била заљубена во актерот од „Ниски страсти“ (Basic Instinct). Таа одговорила: „Слушам многу за тебе и гледам многу за тебе и мислам дека е време да кажам добра ноќ“.

Сепак, шармот на холивудскиот актер беше пресуден, парот се сврши на новогодишно патување во домот на Мајкл во Аспен, Колорадо, во 1999 година, а следната година тие се венчаа.

Тие го пречекаа и синот Дилан Мајкл, кој имаше само три месеци кога присуствуваше на свадбата на своите родители.

Кетрин претходно се осврна на нивниот јаз во годините и во интервју за „Волстрит џурнал“  во 2021 година рече: „Мојот сопруг е 25 години постар од мене; тоа не е тајна… Константата се љубовта и почитта“.

Во друго интервју во 2022 години, овој пат за британски „Телеграф“, таа објасни: „Ние сме многу добри еден со друг, се почитуваме и никогаш не чувствувам дека тој е 25 години постар од мене. Се сеќавам кога некои луѓе велеа: кога ќе имаш 50, тој ќе има 75 години.“

„Тоа е само математика“, додаде таа.

Даглас и Зета-Џонс во Кан 2023 година.

Џорџ Клуни ја огласи на продажба куќата покрај езерото Комо

Џорџ Клуни го продава својот имот покрај езерото Комо за речиси 150 милиони долари (100 милиони евра).

62-годишниот актер ја купи вилата „Олеандра“ од 3.000 квадратни метри од производителите на кечап, семејството Хајнц, за 12,5 милиони долари во 2002 година и две години подоцна ја купи и соседната вила „Маргерита“ за 8,5 милиони – пред да ги поврзе имотите со мост.

Сега таблоидите дознаваат дека тој сака да се ослободи од импресивниот имот во Италија за да избега од љубопитните очи на папараците по повеќе години летување таму со својата сопруга, адвокатката за човекови права, Амал Клуни (45), и нивните шестгодишни близнаци Ела и Александар.

Неодамна беше објавено дека Џорџ го навел имотот за продажба по цена од 107 милиони долари, при што извор изјавил за „Пејџ сикс“ дека актерот бил свесен за вниманието што го добива кога е во градот.

Водечки агент за недвижности потврди дека шпекулациите се вистинити во изјава за неделникот „Оџи“.

Јасмин Бејсал, извршна партнерка во агенцијата за недвижности „Енгел и Волкерс“, рече дека ѝ се обратила агенција од Милано да ја продаде куќата на Клуни.

Вилата од 18 век со 25 соби се наоѓа во Лаљо – каде што Клуни беше прогласен за почесен граѓанин во 2004 година.

Располага со зеленчукова градина, киносала, сала за вежбање, терени за тенис и кошарка, како и базен и други објекти на површина од 8.500 квадратни метри.

Меѓу пријателите на Клуни што престојувале на имотот се војводата и војвотката од Сасекс, Барак и Мишел Обама, Џенифер Анистон и Мет Дејмон.

Популарно