Номинациите за „Оскар“ ќе бидат објавени денеска

Американската Академија за филмски уметности и науки денеска во Лос Анџелес ќе ги објави номинациите за престижните „Оскари“.

Одличјето е претставено со позлатена статуетка во облик на човек, изработена од британиум, со црна метална основа, а висока 34 сантиметри и тешка 3,85 килограми.

Годинешното, 95-то доделување на наградите ќе се одржи на 12 март, во 24 категории.

Свеченоста на прогласување на победниците е една од најпрестижните доделувања награди во светот на филмот.

Филмот „КОДА“ на режисерот Шан Хедер беше минатогодишен добитник на главниот „Оскар“ за најдобар филм.

Ќерката на Мадона си остана пред врата и не ја проследи модната ревија оти каснела

На ќерката на Мадона, Лурд Леон, не ѝ било дозволено да влезе на модната ревија на Марк Џејкобс во четвртокот затоа што пристигнала по затворањето на вратите, пренесуваат британски таблоиди.

Истите извори тврдат дека 26-годишната Лурд пристигнала на местото на настанот во Њујорк, само неколку моменти по затворањето на вратите.

Понижувачкиот инцидент се случи неполни две години откако Лурд беше прогласена за лице на кампањата на истиот моден бренд за пролет 2021.

Луѓето што биле во близина останале зачудени кога не ѝ било дозволено да влезе и некои од нив го прашале обезбедувањето: „Не знаете ли која е таа?“, „Пуштете ја да влезе!“

Виралното видео на „Тик-ток“, што го објави профилот @mickmicknyc, покажува како Лурд се обидува да влезе во салата, но обезбедувањето ја застанува додека се качува по скалите.

Гласовниот запис на почетокот на клипот вели дека Лурд се појавила во 18 часот – точното време кога требало да почне ревијата. Момчето со кое пристигнала зборува со обезбедувањето повеќе од една минута, но и на двајцата им кажуваат дека настанот е затворен.

Одржана во њујоршката „Парк авенија армори“ ревијата на Марк Џејкобс им посака добредојде на неколку ѕвезди гости, меѓу кои Емили Ратајковски, Ники Хилтон Ротшилд и Ешли Греам.

Мадона ја роди Лурд во 1996 година кога беше во врска со Карлос Леон, фитнес-тренер, кој наводно остана пријател со поп-дивата.

(Фото) Бијонсе најави спектакуларна светска турнеја

Американската ар-ен-би пејачка Бијонсе ја најави нејзината светска концертна турнеја „Renaissance“, на која ќе одржи дури 43 концерти ширум светот.

Таа го објави седмиот студиски албум „Renaissance“ во јули годинава, а сега нејзините обожаватели, конечно, ќе имаат можност да ги слушнат песните од албумот во живо.

Европскиот дел од турнејата ќе почне во главниот град на Шведска, Стокхолм на 10 мај, по што ќе следуваат концерти во Белгија, Велика Британија, Франција, Германија, Холандија и Полска.

Бијонсе ќе го започне северноамериканскиот дел од турнејата со концертот во Торонто, Канада на 8 јули. Потоа, ќе одржи концерти во Филаделфија, Луисвил, Чикаго, Њујорк, Бостон, Мајами, Лас Вегас, Лос Анџелес, Хјустон итн., а турнејата ќе заврши со концертот во Њу Орлеанс на 27 септември.

Целосната листа со датумите можете да ја прочитате тука.

Се очекува дека побарувачката за билетите ќе биде навистина голема бидејќи ова ѝ е прва солистичка турнеја по турнејата „The Formation“ во 2016 година. Генералната продажба на билетите ќе започне на 7 февруари, меѓутоа дел од билетите веќе ќе бидат пуштени во претпродажба уште денес.

(Фото) Погледнете како ќе изгледа сцената на Евровизија за 2023 година

Би-Би-Си кој е домаќин на 67. Избор за песна на Евровизија, ја откри импресивната сцена на која 37 уметници ќе настапат во Ливерпул овој мај.

Сценографот за ова музичко натпреварување, Хулио Химеде, го засновал својот сценски дизајн на принципите за „заедништво, славење и заедница“.

-Архитектурата е инспирација од широката прегратка, отворајќи ги рацете кон Украина, изведувачите на шоуто и гостите од целиот свет. Се фокусирав на културните аспекти и сличностите меѓу Украина, Обединетото Кралство и конкретно Ливерпул. Од музика, танц и уметност до архитектура и поезија, вели Химеде.

Хулио додава дека имаат должност како дизајнери да ги подобрат изведбите преку привлечен визуелен пејзаж, притоа доловувајќи ги срцето и душата на натпреварот за песна на Евровизија.

На повеќе од 450 квадратни метри, овој неверојатен сет обединува уште 220 квадратни метри видео екрани кои независно се движат и се вртат, како и преку 700 видео плочки интегрирани во подот и повеќе од 1500 метри LED светилки.

-Сакавме сценографија што луѓето ќе ја паметат со години, рече Ендрју Картмел, извршен продуцент на натпреварувањето.

„Толку ни е важно делегациите да имаат најголем можен простор за работа. Сакавме да им дадеме сет што има многу опции за поставување.

Популарно