Нови одлуки од Владата за производи со замрзната цена

Владата денеска на седница треба да донесе одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи, а во тек на неделава да одлучува и за цените на дел од овошјето и зеленчукот. Од Владата оценуваат дека нејзините одлуки за цените генерално се почитуваат и најавуваат дека ќе има и други интервенции ако анализите покажат дека е неопходно. 

-Нема да чекаме несоодветно работење на одредени комисии во Собранието. Со одлука на Владата ќе ги намалиме цените на лепеза хигиенски прозводи на истиот начин како што го сторивме тоа и кај цените на прехранбените производи, до одреден датум, но датумот до кога ќе трае замрзнувањето ќе се дознае утре, најави вчера министерот за економија Крешник Бектеши.

Министерството за економија ги доби анализите за овошјето и зеленчукот од Министерството за земјоделство и веќе се утврдува кои од нив ќе бидат со намалена цена. Според Бектеши, најверојатно во текот на неделава ќе бидат замрзнати цените на повеќе од пет-шест производи. За таа цел се чекаат и анализите од Царинската управа за увозните цени на трговците за да се види колку е разликата во делот на маржите.

Претходно со одлука на Владата беа замрзнати и цените на тестенините и млечните производи кои се намалени за 15, односно за 10 проценти, како и на јајцата и оризот, чии цени останаа на нивото од 15-ти овој месец, додека на 33 денари е замрзната цената на белиот и на полубелиот леб од 450 грама.

Премиерот Димитар Ковачевски, кој вчера со Бектеши  и со директорт на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, беа во посета на маркет во Скопје оцени дека владините одлуки за цените се почитуваат. 

Како што информираше Трајковски, инспекторите на ДПИ констататирале непочитување на замрзнатата цена на лебот од 33 денари, несоодветна грамажа, немање најмалку 80 отсто од производите на рафтовите. Имињата на фирмите кои ги сториле прекршоците ќе бидат соопштени, но откако постапувањата за нив ќе бидат целосно завршени.

ДПИ, посочи,  работи со полн капацитет. Претходните пет дена се извршени над 500 надзори, а 130 од нив се по одлуките на Владата. Притоа, констатирани се шест прекршоци во висина од 750 000 денари.

Одлуките на Владата за замрзнувањето на цените вчера ги коментираа  и од Сојузот на стопански комори, чиј претседател Трајан Ангелоски посочи дека секое замрзнување на цените има позитивни и негативни консеквенци, како и дека ССК преферира слободен пазар. 

- Ако Владата смета дека треба да воведе ваква мерка, најубаво е и да објасни каква и е идејата и што сака да постигне, рече Ангелоски.

Од Стопанската комора на Северна Македонија и од Комората на северозападна Македонија, претходно порачаа да се престане со одлуките за замрзнување на цените и да се пристапи кон други мерки за помош на граѓаните.

РКЕ одлучи: Нафтата и бензинот поскапуваат

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46 % во однос на одлуката од 30.12.2024 година.

Малопродажната цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,073 ден/кг и сега ќе 45,711 ден/кг. 

Од 9.1.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 78,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 80,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 45,711 (денари/килограм)

ДУИ со честитка за Божиќ, но и загриженост од недостигот на волја за соживот

Во духот на празничните денови, се воздржуваме од остра реторика, но не можеме да останеме неми пред агресијата на државата врз нашите колективни вредности. 

Длабоко сме загрижени и разочарани од упорната омраза, од недостатокот на волја за соживот, од упорните обиди да се потисне албанскиот јазик и да се девалвираат Албанците во овој наш заеднички дом. 

Оние што мислат дека ќе израснат рушејќи ги своите соседи, своите сограѓани, се во голема заблуда – никој не станал поголем со тоа што го омаловажувал другиот, напротив..  

Разочарани сме и од молкот на тие сограѓани што гледаат, а не реагираат. Ова не е прашање само за Албанците, ова е прашање за вредностите на оваа држава. 

Она што ние како Албанци го имаме за свето – нашиот јазик, нашето достоинство, нашето рамноправно учество во оваа земја – не може да биде постојана мета на агресија без последици по државата во целина. 

Во пресрет на Божиќните празници, на сите православни верници им посакуваме мир, хармонија и топлина во нивните домови. 

Вистинските вредности не се мерат со тоа колку ќе се намали другиот, туку со тоа колку можеме да растеме заедно, во почит и разбирање. 

Соживотот не е слабост, туку сила. Различностите не се пречка, туку богатство. 

На сите граѓани им посакуваме празници исполнети со добрина и надеж за подобро утре за сите нас.

ДУИ

Итната помош со зголемен број повици за сообраќајки и хронично болни лица

Во 2025 година, Скопје влегува со зголемен број сообраќајни несреќи и раст на повиците кон Итната медицинска помош. Како што попладнево изјавија за МИА од Итната медицинска помош во Скопје, најчесто повиците се за сообраќајни незгоди, како и хронично болни пациенти, чии јавувања се последица на временските промени и загадениот воздух во главниот град на државава.

Меѓу собраќајните незгоди има некои со потешки последици, па и со смртен исход.

Здравствени работници во изјава за МИА апелираат да не се вози под дејство на алкохол за време на претстојните празници,да се внимава при управување со возилата поради времето, особено во вечерните часови кога има услови за замрзнување на коловозот.

За претстојните божиќни празници, Итната помош ќе работи нон - стоп, а Единицата за домашна посета од седум до 21 часот.

- Известуваме дека Службата за ИМП со домашно лекување и итна стоматолошка помош при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, во текот на божиќните празници на 6 и 7 јануари, ќе работи со следново работно време - Службата за ИМП ќе работи 24 часа, а единицата за домашна посета ќе работи од седум до 21 часот, информираа од оваа јавна здравствена установа.

Ординациите за здравствена заштита во трета смена, недели и празници, ќе работат континуирано во двата дена и тоа во поликлиниките „Ѓорче Петров“, „Бит Пазар“, „Чаир“, „Шуто Оризари“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и „Драчево“.

Популарно