Утре е строг пост, се празнува Крстовден

Утре се празнува Крстовден (Воздвижение на Чесниот Крст).

На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Ерусалим. Обиколувајќи ја Светата Земја Св. царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христос. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде што се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигна царот Адријан. Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да го распознае Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот. А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживе. По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен. Потоа го положија врз една болна жена и жената оздраве. Тогаш патријархот го крена крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пееше: „Господи помилуј!“ Царицата Елена направи ковчег од сребро и го положи во него Чесниот Крст. Подоцна, кога царот Хозрој го зазеде Ерусалим, многумина ги одведе во ропство, а Крстот Господов го однесе во Персија. Во Персија Крстот лежеше четиринаесет години. Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победи Хозрој и со слава го поврати Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носеше Крстот на своите плеќи. Но одеднаш застана и не можеше да зачекори ни чекор. Патријархот Захариј виде ангел којшто му попречуваше на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по којшто Господ одеше бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објави на царот. Тогаш царот се слече, па босоног и во бедна облека го зеде Крстот, го изнесе на Голгота и го положи во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет.

Тропар- Спаси ги, Господи, луѓето Твои, и благослови го наследството Твое, победи на благоверниот народ наш над непријателите давајќи му, и со Крстот Твој заштити го Твоето жителство.

Кондак- Ти, Кој доброволно на Крстот се искачи, на Твојот нов народ што го носи Твоето име, дарувај му ги Твоите добрини; дај му сила на Твојот народ набожен, давајќи му победа над непријателите, имајќи го за помош Твоето оружје на мирот, непобедливата победа.

Во народните верувања, на денот кој се нарекува Крстовден, се смета дека сите молитви ќе се остварат.

Според народните верувања од Крстовден почнува есента. Се вели дека денот и ноќта се крстосуваат, а температурата почнува да се намалува.

Од Крстовден почнува гроздоберот, а првото откинато грозје мора да се однесе во црквата, за да се освети. Почнува и сеидбата на зимските житни култури.

На Крстовден највозрасните жени во домот е потребно да испечат специјален обреден леб, украсен со голем крст на средината. Лебот се раздава, кога целото семејство е на масата и се вели Крстец крст да боли мене, крст да не боли. Се смета дека со овие зборови луѓето се штитат од болки во грбот за време на работа.

На Крстовден се почитува и строг пост – не треба да се јаде ништо црвено како пиперки, домати, ’родокви, црвени јаболка и друго. На трпезата освен обреден леб задолжително треба да присуствува печена тиква и грозје. Во народните верувања се вели дека сите молитви ќе бидат слушнати на овој ден.

Се проценува дека во ноќта спроти Крстовден, Господ слегува на земјата и ја исполнува секоја посакана желба.

За Василица се крши погача со златник, велат од Бигорскиот манастир

Некои семејства лепчето со паричката го поделија за Бадник, други се подготвуваат тоа да го сторат за Василица која се слави следната недела. Секој крај си има свој обичај. 

Во се­ко­ја ку­ќа се ме­си крав­ја­че, пи­та или по­га­ча во ко­ја се ста­ва па­ра.

Си­те при­сут­ни во сво­јот дел од крав­ја­че­то ја ба­ра­ат па­ра­та и тој што ќе ја нај­де се сме­та за нај­среќ­ни­от во го­ди­на­та што прет­стои.

Некои од цр­ков­ни­те ли­ца се сог­ла­су­ва­ат де­ка за Бад­ник тре­ба да си до­ма. Но, ве­лат, леп­че­то со па­ри­че­то оста­ве­те го за Ва­си­ли­ца. Оби­ча­јот на Бад­ник да сед­не­ме на ма­са и да кр­ши­ме леп­че со па­рич­ка не е цр­ко­вен, ту­ку фолк­ло­рен оби­чај. 

Зошто на празникот на Св. Василиј се става златник или паричка, а не на Бадник? Одговор и детално појаснување за верниците за ова прашање пред неколку години дадоа надлежните од Бигорскиот манастир. 

- Свети Василиј им донесе и благослов на луѓето и радост заради избавувањето. Оттогаш и ние, на денот на Свети Василиј, 1. јануари, месиме василопита и внатре ставаме златник, во спомен на чудото, кое се случи во Кесарија, појаснуваат оттаму. 

Сепак на луѓето им останува да си го направат својот избор, дали лепче со паричка ќе има на Бадник или пак на Василица. 

Православните христијани го слават Бадник

Православните христијански верници во земјава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Одбележувањето на Бадник во Скопје ќе почне пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.

Кум на годинашното одбележување е Радомир Макеларски, кој ќе го понесе ќупот за Бадник 2025, а здравичар е Атанас Петров, кој на платото пред Соборниот храм ќе ја каже здравицата во пресрет на Божик. 

Свештениците од Соборниот храм ќе ги осветат нафората и чајот, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

Под мотото „Пренеси ја Божикната радост до секое срце!“, Христовото раѓање напладне во Скопје и други градови низ земјава,  ќе го најават децата со бадникови поворки, пеејќи ја „Вечниот Бог“.

Во Скопје се очекува да биде формирана досега најдолгата бадникова поворка, а за дечињата се подготвени повеќе од 3.500 коледарски пакетчиња.

Поворките ќе тргнат пред Музејот на Град Скопје, со движење низ улицата „Македонија“, а ќе завршат на Плоштадот во Скопје, каде што ќе се одржат голем Божикен концерт, креативни работилници за децата на кои секое дете ќе може да изработи своја ѕвезда и да ја зачува за следната година, драмски претстави за сите возрасти, како и традиционално дарување од градоначалниците, кои ќе ги пречекаат дечињата, како најрадосни предвесници на Христовото раѓање.

На плоштадот во Скопје уште претходно беше поставена пештера на Христовото раѓање, создадена од врвни уметници и волонтери.

- Бадниковите поворки и во 2025 година ќе внесат весела празнична атмосфера во домовите на сите православни христијани, ширум земјава и странство. Затоа, ајде сите заедно да ја пренесеме божикната радост во секој град, секое населено место, во секој дом и да го почувствуваме благословот на Христовото раѓање, порачаа од Здружението „Бадникови поворки“.

Поради одбележувањата на Бадник, денеска на подрачјето на Скопје ќе има посебен сообраќаен режим. Од СВР Скопје апелираат до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници. 

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза.

Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.

Денеска е Зачнување на св. Ана

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 9 декември.

Денеска е Зачнување на св. Ана.

Денес Црквата ги слави светите Јоаким и Ана, родителите на Марија, која се удостои, како избрана од целиот човечки род, да го роди самиот Бог. Уште попрецизно, Црквата се сеќава со радост на зачнувањето на онаа што подоцна ќе ја слават сите родови како Богородица. Во таа смисла, светите Јоаким и Ана. Црквата ги нарекува богоотци.

КАТОЛИЧКИ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Франциска Кабрини.

Според службените статистики од 1876 до 1914 година, 14 милиони Италијанци поради неповолните животни услови, ги напуштиле родните градови и заминувале во странство, а најчесто во Америка. Покрај тешката работа, единствената утеха на луѓето, им биле италијанските свештеници. Во тешките услови Господ, им ја испратил света Ивана Кабрина.

Таа неуморно работела со своите сонародници, охрабрувајќи ги во новата татковина. Затоа ја нарекувале Мајка на италијанските иселеници, бидејќи живеела за нив. Поради нејзиното несебично работење и светост, папата Пио Дванаесетти, 28 години по нејзината смрт, ја прогласил за светица.

Популарно