Куќен притвор за две лица кои беа задржани за убиството на докторот во Железара

Куќен притвор во траење од 48 часа е определен за две од лицата кои беа задржани за убиството на докторот во скопската населба Железара, соопшти утринава Јавното обвинителство.

Оттаму информираат дека ваква мерка е побарана со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази.

-Јавен обвинител од скопското Основно јавно обвинителство, синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор, во траење од 48 часа, за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара. Тоа, со оглед на тоа што сѐ уште се преземаат дејствија за обезбедување докази. Предлогот е прифатен и бараната мерка е определена, се вели во информацијата од Јавното обвинителство.

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, вчера изјави дека се приведени вкупно три лица поврзани со убиството на лекарот.

-Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичка состојба, штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде благовремено известена, изјави Тошковски, при посетата на општина Босилово.

Шеесет и седумгодишниот лекар, минатата недела беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил. Според првичните информации, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на жртвата.

Се заканувал со автоматска пушка во казино и украл 4000 евра

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.

-На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.

На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.

Загина 20-годишно момче во сообраќајка кај Новоселани

„На 25.04.2024 во 12.16 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на регионалниот пат Македонски Брод–Прилеп, кај с.Новоселани, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од М.М.(20) од с.Браилово-прилепско и товарно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.Т.(43) од Скопје“, информира МВР.

Како што соопштија од полицијата, во несреќата на местото на настанот починал М.М., а смрт била констатирана од лекар од Итна медицинска помош. Со телесни повреди се здобил К.Т., констатирани во Градската општа болница Прилеп.

Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Прилеп. 

Учениците од понеделник на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај

Учениците од основните и средните училишта од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година.

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни. 

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024. 

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ. 

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата. 

-Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН откако по реакции во јавноста и од синдикатите ја повлече претходната одлука пропуштената настава да се надомести во саботи.

Популарно