НАЈНОВА ВЕСТ: Нова тешка сообраќајка вечерва во Македонија

Тешка сообраќајна несреќа се случи пред малку на регионалниот пат Радовиш-Штип, објави ФОКУС.

Од она кое може да се забележи на терен, превртено е товарно возило, а покрај патот стојат, но и лежат голем број на бегалци.

Пристигнато е едно полициско возило. Се очекуваат повеќе информации во тек на денот.

ДИК ги соопштува освоените мандати за пратеници во новиот парламентарен состав

Државната изборна комисија денеска, на 105. седница која е во тек, ги објавува конечните резултати за распределба на мандатите за пратеници по изборни едници согласно освоените гласови на парламентарните избори од 8 мај 2024 година.

Како што информира претседателот на ДИК Александар Даштевски, според усвоениот дневен ред, на седницата ќе се расправа и по предлог-решенијата за повторување на гласањето во ИЕ 5 на 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачко место 2101 во Општина Желино. 

ДИК треба да ги разгледа и предлог-решениеја за разрешување претседател, членови и нивни заменици на избирачки одбори во избирачки места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1190 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.

Расчистено двојното убиство во Стајковци

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Љ.К.(66) од скопското село Стајковци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.

Како што информира денеска МВР, Љ.К. се сомничи дека на 14 мај 2024 во домот во село Стајковци со метален предмет ги нападнал неговиот брат В.К.(64) и неговата снаа С.К.(57), кои од здобиените повреди починале на местото. 

Лицето било изведено пред судија на претходна постапка, кој му определил мерка притвор во траење од 30 дена. 

Кривична и истрага против вработена во СВР Скопје, посредувала за добивање социјални станови

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција поднесе кривична пријава против И.М. (41) од село Буковиќ, општина Сарај, аналитичар во СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела измама по член  247 од Кривичниот законик, а Основното јавно обвинителство  Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка.

Како што информира МВР, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција постапувал по пријава од три оштетени лица и на 17.05.2024 И.М. била фатена во моментот на примање 12 500 евра, претходно криминалистички обработени, кои и биле давани за наводно посредување за добивање социјални станови од Б категорија.

Во врска со делото, извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената, при што се пронајдени сомнителна документација поврзана со кривичното дело, документи за кои постои сомнение дека се фалсификувани, договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи.

Исто така, при претрес во нејзиниот дом во село Буковиќ, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени огнено оружје и муниција. 

Лицето е изведено пред судија на претходна постапка, кој определи мерки на претпазливост, одземање на патната исправа и забрана за напуштање на град Скопје. 

Според Обвинителството, од април 2023 година, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови. На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12 000 евра за стан и 3 000 евра за посредување и изготвување документација. Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12 500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.

За случајот утрово, преку својот фејсбук профил, информираше и техничкиот министер Панче Тошковски. 

Популарно