Полицијата трага по 76-годишен кавадарчанец кој е пријавен за исчезнат

Портпаролка на СВР Велес Биљана Ѓаковска денеска извести дека во кавадаречко било пријавено исчезнување на 76-годишно лице, по кое се уште се трага.

- Вчера во 10.30 часот, во ОВР Кавадарци, К.С.(74) од Кавадарци пријавила дека од домот се оддалечил нејзиниот сопруг С.С.(76), кој имал здравствени проблеми. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Дознаваме дека лицето го бараат полицајци, блиски роднини и други луѓе, пожарникари, планинари и велосипедисти. 

Возило излетало од коловозот на патот Македонска Каменица - Виница, возачот починал

Патничко возило „фолксваген тигуан“ со делчевски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј.(42) од Делчево, синоќа, излетало од коловозот на магистралниот пат Македонска Каменица – Виница, на место викано „Каменолом“, по што на самото место починал возачот, а сопатникот се здобил со тешки телесни повреди.

Како што соопшти МВР, сообраќајната несреќа била пријавена синоќа во 22.20 во Полициската станица Виница.

-На магистралниот пат Македонска Каменица – Виница, на место викано „Каменолом“, патничко возило „фолксваген тигуан“ со делчевски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј.(42) од Делчево, излетало од коловозот. На местото на несреќата од здобиените повреди починал возачот, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Сопатникот Д.Г.(33) од Делчево се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје, наведуваат од МВР

Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Виница.

Бојмацалиев: Вечна слава на загинатите припадници на македонската полиција во Диво Насеље

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, државната секретарка Магдалена Несторовска, претставниците од единиците при Оддел за специјални полициски операции, како и раководството на СВР Куманово, денеска положија цвеќе пред спомен обележјето пред СВР Куманово, по повод девет години од вооружениот судир помеѓу македонската полиција и терористичка групација во кумановско „Диво Насеље“, соопшти МВР.

-Утрото на 9 мај 2015 година ние кумановци се разбудивме со звуци од бомби, пукотници и растревожени лелеци од сограѓаните … „Диво Насеље“ гореше, и за брзо се прошири веста за загинатите колеги, припадници на македонската полиција, во вооружен судир со терористичка групација. Најскапоценото, својот живот во одбрана на Македонија, го дадоа припадниците на специјалните единици на македонската полиција. Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ, Горан Стојменовиќ. Нека им е вечна слава! Никогаш да не се заборави!, напиша Бојмацалиев на социјалните мрежи.

Девет години од настаните од „Диво Насеље“

Денеска се навршуваат девет години од оружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ на 9 и 10 мај 2015 во која загинаа осум припадници на безбедносните сили. Во 28-часовните престрелки, животот го загубија припадниците на безбедносните сили - Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст. Уште 37 припадници на безбедносните сили беа повредени.

Минатата година беше откриена спомен-плочата во кругот на СВР Куманово на полициските службеници кои го положија животот во антитерористичката акција во „Диво насеље“ во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година. Претходно, припадниците на безбедносните сили кои учествуваа во вооружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ добија и мурал „Хероите живеат вечно“

Куманово два дена живееше во страв и неизвесност. Престрелките почнаа во раните утрински часови. Кумановци слушаа надлетувања на хеликоптер. Затворени беа улиците, затворен беше дел од град, речиси целата населба „Тоде Мендол“. Фабриките во тој дел од градот, не работеа.

Кумановци се сеќаваат на овој исклучително трагичен настан. Престрелките беа со различен интензитет, од одредени места се гледаше густ чад. Безбедносните сили евакуираа жители, влезот од главната улица „Тоде Мендол“ од булеварот „Трета МУБ“ беше дозволен само за полиција, брза помош и противпожарна единица. Дел од сограѓаните од „Диво Насеље“ се евакуираа кај роднини. Полицијата во неколку наврати ги евакуираше жителите. 

Граѓаните на Куманово, велат дека настаните не треба да се заборават и никогаш да не се повторат.

Популарно