(Видео) Погледнете како силен град крши шофершајбна од автомобил

Силниот град кој изминативе денови погоди делови од Македонија покрај уништувањето на земјоделските насади, оштети и голем број на возила.

Оние кои се најдоа на отворено при налетот на невремето, не беа во можност да ги заштитат своите возила, па некои од нив се соочија со големи штети.

На сопствениците на автомобили кои платиле само за редовна регистрација, не им следува надомест на штетата, објаснуваат осигурителните агенти. Осигурителните агенти објаснуваат дека поправката на овие штети ќе ја платат осигурителните компании, но само ако сопственикот на возилото го осигурал каско.

– Редовното осигурување од автоодговорност што се прави со регистрацијата не ги покрива штетите предизвикани од град. Сите што имаат целосно каско осигурување, ќе добијат надомест на штетата во цел износ. Тие што имаат каско осигурување со франшиза, од вкупниот износ на штета ќе им се одбие франшизата, а другиот дел ќе им биде исплатен како отштета – објаснуваат осигурителните агенти.

Тоа практично значи дека ако градот на некој автомобил предизвикал штета од 500 евра, сопственикот на автомобилот нема да добие ништо ако возилото е само регистрирано. Доколку има целосно каско осигурување, ќе добие надомест од 500 евра. Ако пак има каско осигурување со франшиза од 200 евра, тогаш за штетата ќе добие надомест од 300 евра.

Во меѓувреме на социјалните мрежи кружи снимка која покажува како градот може да биде фатален по автомобилските стакла, а сопствениците се речиси немоќни да направат било што.

Целото видео погледнете го ОВДЕ

Змија касна двајца мажи од Велес, префрлени се на Инфективна клиника во Скопје

Двајца велешани биле каснати од змија додека работеле на лозје вчераутро кај селото Војница. Откако им се влошила состојбата се префрлени на Инфективната клиника во Скопје.

Мажите на возраст од 76 и 64 години денеска се во релативно подобра состојба. Двајцата најверојатно налетале на змиско гнездо, а змијата, според нивно кажување поскок, го каснала прво едниот на дланката, па потоа и другиот кој сакал да помогне.

Тргнале кон Велес, и побарале Итна помош, која ги престанала по патот и веднаш им дала серум против отровот.

Биле хоспитализирани во велешката болница, но откако попладнето состојбата им се влошила биле донесени на инфективна.

Состојбата со змиите во текот на ова лето поради високите температури и топлото време е алармантна, а од Центар за управување со кризи постојано стасуваат апели граѓаните да внимаваат.

Служба за заловување на влекачите кај нас нема. 

Во Србија се појави јапонски комарец

Во Србија, покрај азискиот тигрест комарец кој пренесува денга треска, откриен е и јапонскиот комарец (Aedes japonicus) кој пренесува јапонски енцефалитис, како и вирусот Западен Нил и денга вирусот.

И двата вида комарци се на листата на 100 најопасни инвазивни видови во светот, а првото место го зазема тигрестиот комарец.

Професор д-р Александра Игњатовиќ Ќупина од Земјоделскиот факултет во Нови Сад изјави дека во Србија живеат 49 видови комарци кои припаѓаат на 7 рода и дека покрај нив ги имаме и овие два вида.

„Тоа се азискиот тигрест комарец – aedes albopictus, кој е активен и при високи летни температури, но и јапонскиот комарец “, изјави проф. д-р Игњатовиќ Ќупина на научниот собир на Српската академија на науките и уметностите (САНУ).

Јапонскиот комарец првпат беше пронајден во Србија во 2018 година на граничниот премин со Хрватска, во Љуба, а во 2019 година на територијата на Лозница. Се смета за компетентен вектор за пренесување на вирусот Западен Нил, јапонскиот енцефалитис, но и денга и чикунгуња кои ги пренесува тигрестиот комарец.

На истата средба, доц. Д-р Михаела Кавран, исто така од Земјоделскиот факултет во Нови Сад, рече дека азискиот тигрест комарец е прв на листата на 100 најопасни инвазивни видови во светот.

Овој вид доживеа глобална експанзија во светот најмногу благодарение на човековите активности, поточно транспортот на стоки и најмногу трговијата со користени гуми и растенија – дрвја, најмногу бамбус.

„Овој комарец избира цицачи во исхраната, но ако е можно секогаш ќе избира луѓе, во спротивно тие се многу агресивни и убодуваат во текот на денот и можат да формираат многу генерации“, рече вонреден професор д-р Кавран и додаде дека овој вид може да се развие и во шахти.

Според неа, азискиот тигрест комарец првпат се појавил во 1979 година во Албанија, потоа во 1990 година во Италија, а денес го има речиси во сите европски градови.

„Кај нас за прв пат е забележан во 2009 година кај Батровци, на граничниот премин со Хрватска и е една од најфреквентните точки. Потоа овој вид се рашири покрај автопатот, а во 2018 година го забележавме во Лозница и Нови Сад. Веруваме дека од 2017 година азискиот тигрест комарец се населил во Батровци“, вели доцент д-р Кавран.

Тој додава дека предвидувањата се дека повеќето градови ќе бидат погодни за развој на тигрестиот комарец, видот кој го пренесува вирусот на денга, чикунгуња треската и вирусот Зика. Тој наведува дека загрижувачки е и извештајот на Светската здравствена организација (СЗО) во кој се вели дека во последните 5 години има глобален пораст на вирусот денга.

Денга треската (ДГ) е најчеста вирусна инфекција што ја пренесуваат комарците. Секоја година во светот се случуваат околу 100 милиони инфекции и 25.000 смртни случаи. Луѓето се разболуваат со каснување од заразен комарец. За среќа, треската не се пренесува од човек на човек.

Инкубацијата е од 4 до 15 дена, со просек од 6. Болеста најчесто се манифестира како инфекција слична на грип, првите симптоми се појавуваат по 4 до 15 дена, а во просек 6 по убодот. Потешки манифестации се денга хеморагична треска и синдром на денга шок.

Симптоми на денга треска се висока температура, треска, осип , силна главоболка, морници, болки во мускулите и зглобовите. Поретки симптоми се раздразливост, немир, зголемено потење, проследено со состојба на шок и крварење од носот, GIT и белите дробови.

Во Албанија етнички Бугари нема

Друштвото Преспа протестира пред Претседателот, Собранието и пред Владата на Албанија, бидејќи, како што вели, подлегнало на бугарските закани за пристапувањето на Албанија во Европската Унија, доколку Тирана не впише „Бугари“ во Законот за националните малцинства и доколку не декларира „Бугари“ на последниот попис на населението.

Друштвото Преспа упатува остри критики кон општинската управа на Пустец, чиј градоначалник во последниот и актуелниот мандат бил сервилен кон бугарската пропаганда и за бројните посети на бугарски претставници со материјална помош за општината Пустец, иако се знаечп дека тоа Софија го прави само за да ги прикаже Македонците за Бугари во Албанија.

Друштвото Преспа за несоодветна ја смета реакцијата и на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, која како дел од коалицијата на општинската власт, за повеќето настани со „Бугарите“, партиципира со свои вработени во општинската администрација и советници во Советот на општината Пустец. Имено, тие не го одвратиле градоначалникот од прием на гости од бугарската амбасада во Тирана, на бугарската фондација „Бугарска памет“ и владата во Софија, како и прифаќањето на материјална помош за општината, иако се знаело дека Бугарија тоа го прави за да покаже пред светот дека Македонците во Пустец се „Бугари“.

Друштвото Преспа бара Европската Унија да преземе мерки против Република Бугарија, која врши манипулација со Македонците во балканските држави, им дава бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради сиромаштијата во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се „Бугари по потекло“.

Друштво Преспа најавува дека ќе организира неформален попис на Македонците во Албанија, како што тоа од поодамна го стори Грчката заедница во Албанија.

Друштвото бара македонската влада да протестира поради фалсификуваниот попис во Албанија, отфрлен дури и од албанската опозиција и да преземе конкретни мерки според уставната грижа за Македонците во соседните држави на државата Македонија.

Друштво Преспа бара одговорност од Владата на Албанија, затоа што овозможило бугарската амбасада во Тирана и бугарската влада во Софија грубо да се мешаат во внатрешните работи на Албанија за време на одржувањето на пописот, со поткуп и делење бугарски пасоши во населените места каде живеат Македонци во Албанија.

Инаку, претставници на македонската амбасада во Тирана, Љуфтим Спахиу и членот на Комитетот за малцинства, Марјана Косотофски, денеска на презентирањето на пописните резултати, демонстративно ја напуштиле презентацијата на пописните резултати во Торана, откако не им бил даден одговор на прашањето зошто на прегледот за бројот на малцинствата за сите стои она што се, само за македонското стои име на државата Северна Македонија, на албански јазик и „Северно Македонци“ на англиски јазик.

Според претставници на Македонците кои биле присутни на презентацијата, директорката на ИНСТАТ на забелешката рекла дека е тоа име на државата, но на дополнителната забелешката дека сите малцинства имаат матична држава, а се напишани она што се модераторот не дозволил одговор, по што претставниците Спахиу и Костофски демонстративно ја напуштиле салата.

Претставниците на Македонците дополнително за МИА информираа дека се очекува Амбасадата да реагира до Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија, а како известување допис да биде доставен до сите амбасади и мисии во Тирана. 

Популарно