Катица Јанева се враќа во Идризово

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева е вратена во затворот во Идризово, неофицијално дознава Прес24 од свои извори.

Според неофицијалните информации, по спроведената проверка, Управата за извршување на санкции констатирала неправилности во отпустот кој на Јанева и овозможуваше делумна слобода, односно да работи во канцеларија на приватна компанија. Нашиот извор вели дека по направената проверка, утврдено било дека канцеларијата каде што Јанева требало да биде ангажирана воопшто не работела по што таа била упатена на целосно издржување на казната. До овој момент нема официјална потврда на оваа информација од Управата за извршување на санкции. 

Катица Јанева доби 7 години затвор за злоупотреба на службената положба во случајот „Рекет“ во кој беше обвинета заедно со Бојан Јовановски, познат како Боки 13.

Вкупно 139 случаи на грип пријавени минатата недела

Во текот на 51. недела од 2024 година, од 16 до 22 декември, во Македонија се пријавени 139 случаи на групни пријави за заболени од грип- заболувања слични на грип, 17,8 отсто повеќе во споредба со претходната недела, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен утрово.

Деведесет и пет лица се на возраст од 15 до 64 години. Дваесет и четири се деца на возраст од пет до 14 години, 12 на возраст до четири години. Осум лица се на возраст над 65 години. Највисока инциденца (12,4/100.000) се регистрира кај децата на возраст до четири години.

„Заболените се пријавени од 16 ЦЈЗ/ПЕ, Дебар - 42, Гостивар - 33, Куманово - 22, Тетово - 15, а во Прилеп, Скопје, Кавадарци, Охрид, Струга, Неготино, Македонски Брод, Струмица, Битола, Свети Николе, Кратово и Штип, бројот на заболени е еднаков или помал на пет. Во 14 извештајни единици што пријавија случаи во текот на оваа недела, се регистрира многу ниска, во Гостивар – сезонска, а во Дебар средна активност на вирусот на грип“, пишува во извештајот.

Во сезоната 2024/2025, вкупниот број случаи на грип - заболувања слични на грип, изнесува 799, а во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е намален за 10,2 отсто.

Заклучно со 51. недела, во државава вакцинирани се вкупно 72.125 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

Подигнати 50 кубни метри отпад од диви депонии од три скопски општини

ЈП Комунална хигиена - Скопје извести дека нивни екипи подигнале и транспортирале 50 кубни метри отпад од неколку диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Карпош и Гази Баба.

„Повторно е интервенирано на улицата Џон Кенеди во општината Чаир, каде што се подигнати 15 кубни метри кабаст и отпад од картонски пакувања одложени на јавна површина во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“. Во оваа скопска општина се отстранети и седум кубни метри непрописно одложен градежен отпад од сообраќајна површина на улицата Цветан Димов.

Во општината Карпош се реализираа активности на булеварот Партизански одреди, каде што се расчистени приближно пет кубни метри отпад од картонски пакувања одложен на тревна површина во близина на Порта Влае.

ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на вчерашниот ден отстрани и обемна дива депонија составена од кабаст и мешан комунален отпад лоцирана на улицата Париска комуна во општината Гази Баба“, извести Комунална хигиена - Скопје.

Од денес пазарните инспекторите се на терен, ќе се „чешлаат“ маркетите

Доколку трговците и маркетите не покажат општествена одговорност ќе се ограничат цените на прехранбените производи , кои не се дел од Новогодишната кошничка, најавува Владата. Пазарните инспектори, според изјавите на надлежните, се на терен и за два до три дена ќе завршат нивните анализи по што ќе се знае дали ќе се донесат поригорозни мерки.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вчера ги повика трговците да ги коригираат цените на најосновните производи во овој период и најави дека доколку не го сторат тоа, Владата пред Нова година ќе донесе одлука за воведување поригорозни мерки.

„Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го надоместуваат со драматично зголемување на цените на некои други производи кои што ги користат граѓаните како што е маслото, лебот, млекото, млечни производи, шеќер, сол, кафе, јајца и слично. Апелирам до големите трговски синџири да си го преиспитаат однесувањето во спротивно ќе ги искористам сите механизми кои ги имаме и ќе донесеме одлука со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните“, изјави Дурмиши.

И премиерот Христијан Мицкоски, вчера и завчера, повтори дека не е во ред трговците да си играат со трпението на граѓаните и во период пред празници да ги зголемуваат цените на основните прехранбени производи коишто не се дел од новогодишната кошничка.

„Тоа што тие мислеа дека ќе не надмудрат на овој начин и си играат со трпението на граѓаните и на Владата мислам дека не е добро и треба да си го преиспитаат однесувањето. Ова не е коректно однесување, посебно пред празници на ваков начин не треба да се прават големи профити. Затоа што граѓаните очекуваат од нивна страна разбирање и во најмала мерка да биде така како што било, а не наеднаш да се зголемуваат цените на одредени продукти. На одредени продукти за 25 проценти се зголемени цените на производите. Тоа не е етичко однесување, туку би рекол нечовечно однесување“, рече вчера Мицкоски во изјава за медиумите.

Посочи дека во Владата бил одржан состанок со сите сите големи супермаркети и оти тие изразиле добра волја да не се воведува пристап кој би значел ограничување на цени.

„Сакавме да слушнеме од нив, на добра волја да се поразговара и да се донесе заедничко решение, кое ќе биде прифатено. И тоа се случи. Тоа што некои од нив се служат со трикови, тоа е друга работа. За тоа ќе има соодветни процедури, трае анализата и тие процедури деновиве ќе бидат аплицирани“, рече Мицкоски.

Новогодишната кошничка почна да се применува од 15 декември и ќе трае до 15 јануари. Со неа се опфатени над илјада производи. Мерката е воведена во соработка со трговците и производителите со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните за време на новогодишните и божикните празници.

Сојузот на синдикати на Македонија, кој секој месец излегува со пресметка колкави се минималните трошоци на едно четиричлено семејство, пресмета дека во декември минималните трошоци се зголемени за 840 денари во однос на ноември. Вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка во декември изнесува 62.861 денари, а со изнајмен стан од 60  квадратни метри 78.236 денари.

Според ССМ, забележително е дека од септември кога е воведена првата мерка за ограничувањето на маржите и со последната мерка односно акција за намалување на цените за најмалку 10 отсто, тие даваат резултат, но загрижува тоа што трговците го искористиле периодот пред стапување на сила на последната акција и ги зголемиле цените.

Од 1 јануари треба да стапи на сила и Законот за нефер трговски практики со кој се очекува да има поголемо регулирање на цените на производите и да се средат односите меѓу производителите, добавувачите и трговците. Досега во мониторинг периодот утврдени се 26 нефер трговски практики, а спрема тарифникот се внесени 2.546 префрлени земјоделски производи во овој Закон. Казните ќе се движат околу 20.000 евра

Популарно