Обвинение за 12 лица за бесправно градење во Струга кај базенот на хотелот “Дрим”

Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен акт против 11 физички и едно правно лице во врска со бесправно градење на објект кај базенот на хотелот “Дрим”.

Правното лице и неговиот управител во мај 2019 година поднеле барање за целосна реконструкција на постојниот базен на хотелот врз основа на основен проект изготвен во 2016 година.

Градоначалникот на Општина Струга, третообвинет во предметот, постапувајќи по барањето, наместо да го одбие или да дозволи реконструкција во постојниот габарит на објектот, во јули 2019 донел одобрение за градба со кое на инвеститорот му овозможил да изгради и да се стекне со имотна корист – недвижност, односно дополнителен кат на објектот со отворена галерија и тераса, со вкупна бруто површина од 513 м2 и проценета вредност од 781.527 евра. Со ова тој ги пречекорил границите на своите службени овластувања, постапил надвор од барањето за реконструкција и спротивно на постапките пропишани во Законот за градба, а со цел за друг да прибави имотна корист.

Четвртиот и петтиот обвинет се исто така службени лица – референт и раководител од Секторот за урбанизам и просторно планирање на Општина Струга, кои го изготвиле и одобриле одобрението за градба со што несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности.

Врз основа на вака незаконски издадено одобрение, инвеститорот – обвинетото правно лице и управителот започнале градба на објектот и наместо одобрениот кат – отворена галерија со тераса извеле целосно затворен кат со хотелски апартмани и спа-центар и уште една надградба – кат со затворен ресторански дел и помошни простории, какои дополнително изградена спојница – депанданс со стариот дел на хотелот. Вкупната површина на вака бесправно изградениот објект спротивен на одобрението за градење изнесува 1.630 м2.

Останатите седум обвинети во предметот се вештаци од областа на градежништвото, архитектурата и урбанизмот кои давале лажни наоди и мислења во кривичната постапка за бесправно градење. Имено, Основното јавно обвинителство Струга, водејќи ја истрагата за овој предмет наредило три вештачења – во 2021, 2022 и 2023 година од различни стручни лица од наведените области кои во наодите тврделе дека бесправно изградениот објект според своите габарити, внатрешна површина и висина одговара на техничката документација од основниот проект. Тие не навеле дополнителни забелешки за реалната состојба на лице место, а сите отстапувања ги констатирале како законски уредени измени при градење.

Првообвинетото правно лице и управителот се обвинети за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а, градоначалникот за – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353, двајцата други службеници во Општината како соизвршители за кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в, а вештаците се обвинети за кривично дело – Давање лажен исказ според член 367 од Кривичниот законик. 

Религија.мк избира личност на годината на МПЦ-ОА

Религија.мк, годинава спорведува јавно гласање за избор на личност на годината меѓу владиците на МПЦ-ОА. На листата се сите архијереи, членовите на Синодот, викарните епископи и пенизионираните.

Гласањето трае до 09 јануари 2026 година.

За да гласате презетете го прашалникот од овој ЛИНК

. Зимата 2025–2026 ќе биде потопла од просекот, но со студени бранови и загаден воздух

Зимата што претстои се очекува да биде за околу еден степен потопла од повеќегодишниот просек, но со повремени студени бранови и изразена временска променливост, покажуваат најновите климатски очекувања. Според анализата на професорите Владо Спиридонов и Ивица Милевски, не се прогнозираат долготрајни екстремни студови, туку претежно умерено топло и динамично време.

Студени периоди со температури под нормалата се најавуваат од крајот на декември до средината на јануари, како и кон крајот на февруари. Во Скопје и Штип средните зимски температури ќе се движат меѓу 1 и 4 Целзиусови степени, додека на планините од 0 до -3 степени.

Според анализата, бројот на мразни денови ќе изнесува од 30 до 55 во низините и од 60 до 75 на планините. Ледените денови ќе бидат релативно ретки во низинските предели (од 5 до 15), но значително почести на планините, каде се очекуваат од 25 до 40 такви денови.

„Студени бранови со температури околу или под нормалните се најверојатни кон крајот на декември до средината на јануари и повторно кон крајот на февруари, но без сигнали за долготрајни или екстремни зимски студови“, наведуваат Спиридонов и Милевски.

Професорите предупредуваат и на зголемен ризик од магла и температурни инверзии во периоди со стабилно антициклонално време. Во вакви услови се очекува значително влошување на квалитетот на воздухот, особено во Скопската, Полошката и Струмичката котлина.

„Во целина, зимата 2025–2026 ќе биде потопла од просекот, динамична и со изразени краткотрајни зимски настани. Главните ризици ќе произлегуваат од временската променливост, кратките интензивни врнежни епизоди, снежните бури во планините и епизодите со многу лош квалитет на воздухот во котлините“, оценуваат климатолозите.

„Тошковски: Системот Безбеден град“ ќе регистрира прекршок при брзина од 57 км/ч во зона со ограничување од 50 км/ч

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја објасни примената на системот за видео-надзор „Безбеден град“, појаснувајќи како ќе се откриваат и евидентираат сообраќајните прекршоци со автоматски камери.

Според Тошковски, камерите нема да прикажуваат прекршок веднаш штом брзината ја надмине дозволената, туку ќе важат исти правила за толеранција како и кај класичните полициски радари. Тоа практично значи дека ако на место каде што е ограничено 50 км/ч, возилото се движи со 57 км/ч, системот ќе регистрира прекршок; додека доколку возите со 56 км/ч, нема автоматски да се констатира прекршок.

Тошковски појасни дека овие правила за толеранција, кои се веќе дефинирани во метролошките регулативи, ќе останат како што се досега и ќе се применуваат и преку „Безбеден град“. Тој додаде дека системот е усогласен со експертски мислења и има цел да обезбеди правично и правно издржано мерење на брзината. 

Министерот најави дека наскоро ќе биде пуштена дигитална платформа преку која граѓаните ќе можат да проверат на кои критични локации се поставени камерите за мерење на брзината и камерите за детектирање на минување на црвено светло, како и да ажурираат контакти поврзани со системот. 

Тошковски исто така наведе дека службените возила ќе бидат исклучок од автоматското регистрирање прекршоци само кога се во оправдани оперативни ситуации, но во други случаи ќе важат истите правила како за сите други учесници во сообраќајот. 

Проектот „Безбеден град“ е дел од пошироките напори за зголемување на сообраќајната безбедност и почитување на правилата на патот, со цел намалување на несреќи и жртви. 

Популарно