Тепачка во нотарска канцеларија во Скопје поради имот

Две лица физички се пресметале во нотарска канцеларија во Центар поради имот.

- На 25.07.2024 во 14.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека во нотарска канцеларија на подрачјето на Центар, по претходна расправија околу оставинска постапка, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу С.Ј.(59) и С.С.(67), двајцата од Скопје, информираа од полицијата. 

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

Подигнати 50 кубни метри отпад од диви депонии од три скопски општини

ЈП Комунална хигиена - Скопје извести дека нивни екипи подигнале и транспортирале 50 кубни метри отпад од неколку диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Карпош и Гази Баба.

„Повторно е интервенирано на улицата Џон Кенеди во општината Чаир, каде што се подигнати 15 кубни метри кабаст и отпад од картонски пакувања одложени на јавна површина во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“. Во оваа скопска општина се отстранети и седум кубни метри непрописно одложен градежен отпад од сообраќајна површина на улицата Цветан Димов.

Во општината Карпош се реализираа активности на булеварот Партизански одреди, каде што се расчистени приближно пет кубни метри отпад од картонски пакувања одложен на тревна површина во близина на Порта Влае.

ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на вчерашниот ден отстрани и обемна дива депонија составена од кабаст и мешан комунален отпад лоцирана на улицата Париска комуна во општината Гази Баба“, извести Комунална хигиена - Скопје.

Од денес пазарните инспекторите се на терен, ќе се „чешлаат“ маркетите

Доколку трговците и маркетите не покажат општествена одговорност ќе се ограничат цените на прехранбените производи , кои не се дел од Новогодишната кошничка, најавува Владата. Пазарните инспектори, според изјавите на надлежните, се на терен и за два до три дена ќе завршат нивните анализи по што ќе се знае дали ќе се донесат поригорозни мерки.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вчера ги повика трговците да ги коригираат цените на најосновните производи во овој период и најави дека доколку не го сторат тоа, Владата пред Нова година ќе донесе одлука за воведување поригорозни мерки.

„Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го надоместуваат со драматично зголемување на цените на некои други производи кои што ги користат граѓаните како што е маслото, лебот, млекото, млечни производи, шеќер, сол, кафе, јајца и слично. Апелирам до големите трговски синџири да си го преиспитаат однесувањето во спротивно ќе ги искористам сите механизми кои ги имаме и ќе донесеме одлука со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните“, изјави Дурмиши.

И премиерот Христијан Мицкоски, вчера и завчера, повтори дека не е во ред трговците да си играат со трпението на граѓаните и во период пред празници да ги зголемуваат цените на основните прехранбени производи коишто не се дел од новогодишната кошничка.

„Тоа што тие мислеа дека ќе не надмудрат на овој начин и си играат со трпението на граѓаните и на Владата мислам дека не е добро и треба да си го преиспитаат однесувањето. Ова не е коректно однесување, посебно пред празници на ваков начин не треба да се прават големи профити. Затоа што граѓаните очекуваат од нивна страна разбирање и во најмала мерка да биде така како што било, а не наеднаш да се зголемуваат цените на одредени продукти. На одредени продукти за 25 проценти се зголемени цените на производите. Тоа не е етичко однесување, туку би рекол нечовечно однесување“, рече вчера Мицкоски во изјава за медиумите.

Посочи дека во Владата бил одржан состанок со сите сите големи супермаркети и оти тие изразиле добра волја да не се воведува пристап кој би значел ограничување на цени.

„Сакавме да слушнеме од нив, на добра волја да се поразговара и да се донесе заедничко решение, кое ќе биде прифатено. И тоа се случи. Тоа што некои од нив се служат со трикови, тоа е друга работа. За тоа ќе има соодветни процедури, трае анализата и тие процедури деновиве ќе бидат аплицирани“, рече Мицкоски.

Новогодишната кошничка почна да се применува од 15 декември и ќе трае до 15 јануари. Со неа се опфатени над илјада производи. Мерката е воведена во соработка со трговците и производителите со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните за време на новогодишните и божикните празници.

Сојузот на синдикати на Македонија, кој секој месец излегува со пресметка колкави се минималните трошоци на едно четиричлено семејство, пресмета дека во декември минималните трошоци се зголемени за 840 денари во однос на ноември. Вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка во декември изнесува 62.861 денари, а со изнајмен стан од 60  квадратни метри 78.236 денари.

Според ССМ, забележително е дека од септември кога е воведена првата мерка за ограничувањето на маржите и со последната мерка односно акција за намалување на цените за најмалку 10 отсто, тие даваат резултат, но загрижува тоа што трговците го искористиле периодот пред стапување на сила на последната акција и ги зголемиле цените.

Од 1 јануари треба да стапи на сила и Законот за нефер трговски практики со кој се очекува да има поголемо регулирање на цените на производите и да се средат односите меѓу производителите, добавувачите и трговците. Досега во мониторинг периодот утврдени се 26 нефер трговски практики, а спрема тарифникот се внесени 2.546 префрлени земјоделски производи во овој Закон. Казните ќе се движат околу 20.000 евра

Курти ја обвини најголемата партија на косовските Срби дека го претставува Белград

Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини најголемата партија на косовските Срби „Српска листа“ дека е под команда на Белград, додека властите ја разгледуваат нејзината жалба против забраната за учество на претстојните парламентарни избори.

-Српската листа, за жал, го претставува широкиот опсег и високиот степен на мешање на Србија во внатрешните работи на Косово, изјави синоќа Курти на новинарите.

Централната изборна комисија на Косово во понеделникот и забрани на Српска листа да учествува на изборите на 9 февруари, наведувајќи го „националистичкиот став на партијата и блиските врски со Србија“.

Партијата вчера поднела претставка до надлежните органи во Приштина. Член на изборното тело рече дека не може да одобри „структура која отворено не ја признава државата Косово“.

Доколку повторно биде одбиено учеството на изборите, „Српска листа“ ќе има право на жалба по втор пат до Врховниот суд, чии одлуки се конечни.

Курти, исто така, рече дека Србија му дава азил на поранешниот потпретседател на партијата Милан Радојчиќ, чија екстрадиција бара Приштина, откако тој ја презеде одговорноста за вооружениот напад врз косовската полиција во близина на манастирот во Банска, северно Косово, во септември 2023 година.

Популарно