Казнети полициски службеници – „прогледале низ прсти“ на сопственик на хотел, кој возел со 270 километри на час

Полициски службеници од мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај се соочуваат со дисциплинска постапка поради непостапување во случај на сериозен прекршок на сообраќајните правила, неофицијално дознава Скопје Инфо.

Бизнисменот, кој возел со 272 километри на час на место каде движењето било ограничено со 120 километри на час, бил забележан од мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај, но не добил соодветна казна. Наместо да напишат казна за прекршок, сообраќајците „прогледале низ прсти“ на познат бизнисмен, кој неофицијално е сопственик на хотел на периферијата од Скопје. 

Според неофицијални информации, одделот за внатрешна контрола веќе поднел предлог за утврдување дисциплинска одговорност за полициските службеници.

Ќе има и есенска и пролетна кошничка, Владата ќе му излезе во пресрет на стопанството за Законот за нефер трговски практики

Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека се подготвува есенска кошничка со производи кои граѓаните највеќе ги употребуваат, но како што најави, ќе има и пролетна кошничка. Во однос на Законот за нефер трговски практики, пак, напомена дека Владата ќе му излезе во пресрет на стопанството доколку тоа побара одреден период за прилагодување.

Одговорајќи на новинарски прашања по работилницата за проширување на позитивната листа лекови, Мицкоски истакна дека полека, но сигурно цените се стабилизираа, а добар резултат е и стапката на инфлација која во август изнесуваше  2,2 отсто.

-Ќе имаме предновогодишна кошничка, есенска кошничка во која ќе има своевиден избор на производи што се најупотребувани во тој период од годината, ќе имаме пролетна, итн. Во зависност од тоа какви се потребите на граѓаните, во зависност од тоа што најмногу се троши ќе го следиме процесот и нема да дозволиме да ни се случи повторно висока стапка на инфлација со што ќе се влијае негативно на стандардот на граѓаните. Исклучително сум задоволен што стапката на инфлација во август на годишно ниво е 2,2 процента во однос на август минатата година што претставува навистина добар резултат, имајќи го предвид регионот и е меѓу првите во регионот, односно првите според ниска стапка на инфлација, би рекол и компетитивен во Европа и е понизок во рамки на еврозоната, што е добро. Значи, полека, но сигурно цените се стабилизираа и сакам да кажам дека во периодот што следи ќе продолжиме да се грижиме за стандардот на граѓаните, потенцира премиерот.

Тој се уште не ги добил, како што рече, писмата од коморите во однос на Законот за нефер трговски практики.

-Писмата, за жал, се уште ги немам добиено. Од она што можам да го добијам како информација од Стопанската комора е дека таму има, би рекол, своевидно разногласие меѓу трговските ланци, трговците и производителите. Инаку, Законот е тој. Доколку Стопанската комора побара официјално од нас како Влада недела, две, три, пет, колку им се потребни за усогласување, не гледам причина зошто тоа да не се случи. Ние работиме во интерес на бизнисот, интересот на економијата, во интересот на граѓаните и мислам дека тоа го правиме добро досега. Ќе видиме како ќе биде во иднина. Немаме намера да бидеме тврдоглави, ниту на сила да правиме некои работи. Доколку е потребно усогласување што се чекало со години, сега дополнителни две, три, четири недели не гледам причина зошто да не се случи, рече Мицкоски. 

Расчистен случајот „Долно Блаце“, дисциплинска постапка за шест полициски службеници

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР го расчисти случајот од 17.08.2024 на граничниот премин „Долно Блаце“ при обезбедување на делегација на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и по извршен увид во службените материјали, анализа на видео надзорот и извршени разговори со полициски службеници, поради сторена повреда на работниот ред и дисциплина утврдено во член 187 став 1 алинеја  10  од Законот за внатрешни работи, и член 210 став 1 алинеја  10  од Колективниот договор на МВР, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе бидат изготвени предлози за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полициските службеници Н.Р., М.С., А.Б., Б.А, Н.Б. и Б.С..

ОВККИПС констатира дека, откако делегацијата, во која како носител се јавува претседателот на Собранието, ја поминува државната граница на граничниот премин Долно Блаце на лентата за Излез бр. 1, по неа поминуваат шест цивилни возила, кои во меѓу просторот на граничните премини се приклучуваат на делегацијата, без да се изврши контрола на патниците и возилата, а во одреден временски интервал сите ленти за излез од државата се затворени, при што во тој период од страна на Н.Б. (полициски службеник од обезбедувањето на претседателот на Собранието) и Б.А. (полициски службеник од ПС за ГП Долно Блаце), се извлекува возило кое е заглавено во лентата за Излез бр.3 и истото се насочува кон Излез бр.1 и возилото ја поминува граничната линија без да се изврши контрола на патниците и возилото.

Утврдено е дека Н.Б. наместо да врши непосредно физичко обезбедување на претседателот на Собранието, врши дејствија на граничниот премин кај кабините за излез и царинските кабини, со кои овозможува цивилни возила да се приклучат кон делегацијата, како и  да се даде приоритет цивилно возило да ја помине државната граница. Со наведените дејствија Н.Б. сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 и 4 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 и 4 од Колективниот договор на МВР. Исто така и Б.А. сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 и 4 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 и 4 од Колективниот договор на МВР.

Во однос на утврдување на неправилности во конкретниот настан, наместо да бидат преземени соодветни мерки од страна на главен инспектор М.С. во содејство со началникот на РЦ за ГР Север Н.Р., согласно дотогашните констатирани пропусти, не се преземени соодветни мерки туку е испратен акт со кој се задолжува командирот на ПС за ГП Долно Блаце да го доиспита целосно случајот и да преземе соодветни мерки. Со наведените дејствија М.С. сторила потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР. Исто така, Н.Р., началник на РЦ за ГР Север сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР. Согласно описот и пописот на работните места, началникот на РЦ за ГР покрај другото, раководи, планира, ја организира и контролира работата на Регионалниот центар.

 Патните исправи на претседателот на Собранието и членовите на неговото семејство, како и другите припадници на МВР кои требало да патуваат во странство, биле навремено доставени до раководителот на смена А.Б. заради соодветно евидентирање, но тоа не е сторено, односно лицата не се евидентирани. Согласно описот и пописот на работни места, меѓу другото, раководителот на смена во Регионален центар за гранични работи, ја организира работата на службите по време и место, ги одредува приоритетите во работењето, се грижи за вршењето на квалитетна пасошка и друг вид контрола, врши контрола во работењето на полициските службеници и дежурната служба во полициската станица и непосредно е одговорен за нивната работа, координира и учествува во извршувањето на мерките и задачите кои се однесуваат на оперативното работење. Во конкретниот случај А.Б. постапил спротивно на  чл. 8 (на граничниот премин, сите сервисни информации и секоја друга особено важна информација се регистрираат рачно или електронски во дневникот за настани)  с.2 (Информацијата од став 1 на овој член ги содржи следните податоци) т.2 (секое пропуштање во режимот на гранични проверки) од Правилникот за начинот на извршување на граничните проверки и граничен надзор со што сторил потешка повреда на работниот ред и дисциплина утврдена со член 187 став 1 алинеја 3 и 10 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3  и 10 од Колективниот договор на МВР.

За Б.С. е утврдено дека тој, како одговорен за обезбедување во планот за зајакнати мерки и активности од втор степен по повод делегација предводена од претседателот на Собранието,  согласно планот, кој тој го изготвил и од истиот има обврска да презема мерки, не е на работа и не бил предвиден да биде на работа за време на поминувањето на делегацијата, при што од самото тоа произлегува дека планот е изготвен површно и несовесно. Со наведените дејствија сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР.

Протест пред полициската станица во Косовска Митровица поради апсењето на четворицата српски младинци

Членови на семејствата и граѓани утринава се собраа на протест пред полициската станица во северниот дел на Косовска Митровица, барајќи ослободување на четворицата српски младинци, уапсени во вторникот.

Насобраните го изразуваат своето незадоволство со свирежи, извикувајќи „Пуштете ги децата!“ и со транспаренти „Полиција Куртиленд“ и „Дали ЕУ е загрижена“.

На протестот се и претседателот на Српската листа Златан Елек, претседателот на Привременото тело на општина Косовска Митровица Иван Запорожац и други членови на Српската листа.

Во северниот дел на Косовска Митровица синоќа околу полноќ, косовската полиција уапси четворица млади момчиња од српска националност, на кои им е одреден притвор до 48 часа поради сомнение за наводен напад врз службено лице при вршење на должноста.

Раде Недељковиќ, таткото на Растко, еден од уапсените, изјави дека засега немаат официјални информации за момчињата.

„Немаме сигурни информации, ниту можевме да ги видиме, ниту пак можеме да слушнеме за нивната состојба“, изјави Недељковиќ.

Тој додаде дека момчињата, според некои информации, биле брутално претепани.

Таткото на уште едно од уапсените момчиња, Срѓан Јовиќ, изјави дека неговиот син при апсењето бил повреден од припадници на косовската полиција и дека сега се наоѓа во станица во јужниот дел на градот.

„Тие беа однесени во полициската станица во јужниот дел, одреден им е притвор. Ја ангажиравме адвокатката Јелена Кривокапиќ и сега чекаме да го однесат кај обвинител.

Не сум бил во контакт со мојот син. Адвокатката зборуваше и вели дека има рани по телото, има повреди. Ќе видиме колку е сериозно. Чекаме изјава“, рече Јовиќ.

Тој додаде дека и неговиот син и кажал на адвокатката дека не е виновен за тоа што го обвинуваат и дека пред бруталното апсење и физичкиот напад врз нив имало само вербален конфликт.

Популарно