Веќе е готов нов закон со кој се предвидува не само етничка туку и полова и секаква застапеност во институциите, уверува Таравари

Со нов закон ќе се гарантира етничка, полова и застапеност во институциите на сите категории луѓе што живеат во државата, рече денес министерот за здравство Арбен Таравари по вчерашното укинување на балансерот за вработување во јавните институции. Тој нагласи дека Уставниот суд одлучил на површина да извади проблеми кои стојат со години во судот во првите сто дена од Владата, но уверува дека и по укинувањето на балансерот, етничката застапеност е проблем што лесно може да се реши.

„Многу едноставно ќе се најде механизам, кога етничката припадност е уставна категорија, ни треба нов закон. Со законот ќе се предвидат не само етничката туку и половата и секаква еднаквост во институциите на системот. Законот е готов од наша страна, очекуваме и мислења кои доаѓаат од меѓународни експерти и од Европската комисија и се надевам набргу ќе го процесуираме овој закон во парламентот“, рече министерот Таравари.

Уставниот суд вчера го укина балансерот за вработувања и забрани во огласите за вработување да стои етничката припадност. Доцна синоќа на прес-конференција пред Уставниот суд ДУИ оцени дека одлуката на судиите е тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот мировен договор и врз мултиетничката стабилност на државата. ДУИ ги повика сите надлежни институции и меѓународната заедница веднаш да реагираат и ги осигураат граѓаните дека правичната застапеност ќе биде непроменета.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, вчера по укинувањето на балансерот рече дека лага и манипулација е тврдењето дека Уставниот суд со одлуката укинал права на која било заедница. Тој укажа дека темелната и соодветна правична застапеност е во Уставот, постои, не може да стане збор за нејзино укинување и ги повика пратениците да најдат решение кое нема да биде противуставно.

„Апелирам до граѓаните, до државните органи, политичарите ако навистина и мислат добро на Републиката, ако навистина сакаат правна држава во која ќе владее правото, своите јавно прокламирани ставови и заложби за владеење на правото, за европски вредности да ги усогласат со своите постапки. Секое делување надвор од овие рамки за мене е чиста манипулација со граѓаните каква што беше манипулацијата дека судот со своето постапување по ова или по кој било друг предмет, може да ги наруши политичките, етничките односи или да биде повод за дестабилизација“, рече претседателот Костадиновски.

Меѓудругото, тој објасни дека балансерот е укинат оти како мерка, судејќи според многу извештаи меѓу кои и извештаи на Европската комисија, место да обезбедува правична застапеност со години веќе продуцира дискриминација оти дозволува помалку стручни кадри да добијат работни места во администрацијата само врз основа на етничка припадност

ВИДЕО: Наставниците и професорите ќе добијат покачување на платите за 5 отсто

Наставниците и професорите од основното и средното образование, ќе добијат покачување на платите за 5 проценти, почнувајќи од октомвриската плата.

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, изрази задоволството за покачувањето, истакнувајќи дека е договорен континуиран раст на платите за просветните работници во наредните четири години.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека бил постигнат историски договор во насока на подобрување на условите за наставниците и професорите.

„Од октомвриската плата практично која што ќе биде исплатена во ноември па се до февруарската плата којашто ќе биде исплатена март 2025 година ќе имаме покачување од 5 отсто на платите, потоа во март 2025 година ќе имаме покачување од 7 проценти, во март 2026 година во зависност од состојбата на Буџетот ќе имаме покачување помеѓу 7 ипол и 10 отсто. Исто во зависност од состојбата на буџетот во март 2027. ќе имаме помеѓу 7 ипол и 10 отсто и исто така зависно од состојбата на полнењето на Буџетот во март 2028 година ќе имаме помеѓу 10 и 12 ипол проценти покачување на платата, што би значело во овој дијапазон за којшто сега зборуваме во март 2028. наставниците и професорите во основното и средното образование треба да зимаат отприлика минимум 46 отсто повисока плата од таа којашто ја земаат денес, а може и повеќе во зависност од тоа која скала ќе биде применета, а тоа ќе зависи од приходната страна на самиот Буџет“, рече Мицкоски.

Договорено е и најдоцна до февруари месец Колективниот договор да биде завршен и потпишан.

Селото Чивељ отсечено по поплавите, може да се стигне само пеш или со чамец

Село во Босна уште е отсечено по поплавите и до него се стигнува само со чамец или пеш низ шумата. Но, преку шумата има пет часа одење пеш. 

Селото Чивељ кај Јабланица е целосно отсечено од остатокот на Босна и Херцеговина(БиХ) по катастрофалните поплави што ја зафатија земјата. Поминаа седум дена од поплавата, но селото е отсечено. 

Чивељ е мало место на Јабланичкото езеро кое нема голем број жители, а бидејќи трагедијата се случи поради врнежите минатата недела, тие немаат можност да стигнат до градот со приватни возила, пишува Кликс.

Во поплавите загинаа најмалку 23 луѓе. Некои семејства изгубија повеќе членови. Поплави имаше во неколку босански општини. Обвинителството отвори истрага да се утврди дали блискиот каменолом довел до катастрофални последици.

Таравари: Вреди го подготвува Законот за правична застапеност

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со укинувањето на „балансерот“, уште еднаш го повтори ставот дека е потребен Закон за правична застапеност. Тој рече дека „Вреди“ веќе го подготвува законот, за како што најави, веќе следната недела ќе се одржи и јавна дебата.

-„Вреди“ подготвува нов закон, кој што се надевам идната недела ќе биде во јавна дебата. Ќе бидеме в координација со партнерите во коалиција. Од сите страни е констатирано дека „балансерот“ не функционираше како што треба, изјави Таравари пред почетокот на настанот „World Changers Balkan Summit“ во Филхармонија.

Тој подвлече дека е потребен Закон за правична застапеност, не само за етничка категорија, туку за сите категории кои што се маргинализирани во општеството.

-Нам ни треба јавна дебата и синхронизација, бидејќи правичната застапеност е уставна категорија и секогаш кога нешто е уставна категорија, треба да постои и закон, додаде Таравари.

Популарно