Драма во паркот во Ѓорче: Мајка пријавила дека жена се обидела да и го киднапира детето

Драма се одвивала вечра во паркот во Ѓорче Петров. Мајка пријавила обид за киднапирање на нејзиното дете, од страна на жена која седела на една од клупите во паркот.

„Ддодека била со нејзините две деца, М.М.(46) од Скопје, која била со своето дете, викнала едно од децата на А.Б. да седи со нејзиното дете и им дала да јадат. Потоа М.М. со детето на А,Б. тргнала накај пазарот, по што А.Б. истрчала по нив и си го земала детето. Со М.М. е извршен службен разговор во ПС Ѓорче Петров и посочила дека сакала да го однесе детето кај своите деца додека да го најде родителот“, велат од МВР за „Скопје1“

За случајот е известен и јавен обвинител.

Таксист се обидел да силува жена од Скопје

Вчера во 12:10 часот во Полициското одделение Петровец, 37-годишна жена од населено место во општина Илинден пријави дека на 15.09.2025 после 00:30 часот едно лице – такси возач не ја однел до неjзиниот дом, по што ја допирал по телото, а откако му се спротивставила, прекинал и ја однел до домот.

Како што е пријавено, таа настанот го пријавила и во правното лице-такси компанија и лицето-возач бил отпуштен од работа, стои во денешниот полициски билтен. 

Се работи на расчистување на случајот.

Македонија добива Национален центар за вештачка интелигенција

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска официјално го претстави проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција, капитален проект со историско значење за дигиталната трансформација на Република Македонија.

Проектот, со вкупна вредност од околу 6 милиони евра, се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, а е ко-финансиран од Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ – носител на проектот.

„Ова е капитален проект со историско и национално значење – нова страница во дигиталниот развој на Македонија, во која Владата, универзитетите и индустријата заеднички градат национален систем за вештачка интелигенција, со ‘Везилка’, нашата држава станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Ова е суштински чекор за нашата научна, технолошка и иновациска заедница,“ истакна министерот Андоновски.

Центарот ќе биде придружна единица на европската AI фабрика „Pharos“ со седиште во Грција, што на македонските институции, истражувачи, компании и стартапи ќе им овозможи пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори.

Проектот има и јасна општествена мисија – да создаде национален екосистем за одговорна и доверлива примена на ВИ во следните пет приоритетни области:

Прво и најзначајно: Јазик и култура – целта на овој проект пред се е системски развој на македонски јазични модели и дигитална заштита на културното наследство;

Понатаму примена на ВИ во Здравство – анализа на здравствени податоци и подобрување на медицинските услуги;

Енергетика – оптимизација на производството и потрошувачката на енергија;

Јавна администрација – автоматизација на процеси и зголемена транспарентност;

Земјоделие – примена на паметни технологии за современо и одржливо производство.

Суштината на „Везилка“ е едноставна: да создадеме интелигентни решенија кои му служат на човекот – да направиме технологијата достапна, корисна и етична.

Дополнително, „Везилка“ ќе функционира и како центар за обука и развој на човечки капитал, каде ќе се организираат тренинзи, практични проекти и едукативни програми во областа на вештачката интелигенција.

„Создаваме систем, а не ад хок проекти. ‘Везилка’ ја симболизира нашата визија – Македонија како дигитално суверена држава со силна научна и иновациска основа. Ова е чекор со кој нашата земја станува активен партнер во европскиот технолошки простор, а не само набљудувач.“, додаде министерот Андоновски.

На крајот, тој упати јавна покана до сите академски и научни институции, како и до приватниот сектор, да се вклучат во овој национален проект со европска димензија, со цел градење на една паметна, дигитална и иновативна Македонија.

Македонија и Словачка потпишаа Меморандум за економска соработка

Со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го пречека словачкиот претседател, Петер Пелегрини, кој престојува во дводневна официјална посета на земјава.

По тет-а-тет средбата, се одржа пленарен состанок на македонската и на словачката делегација.

Соговорниците се заложија за унапредување на билатералните односи, продлабочување на економската соработка, забрзување на македонскиот и регионалниот евроинтегративен процес и превземање итни чекори за подобрување на европската и глобалната безбедност.

Сиљановска-Давкова и Пелегрини ја потврдија одличната соработка, втемелена во заедничкото духовно наследство, културната блискост и искреното пријателство.

Претседателката му се заблагодари на словачкиот претседател за континуираната поддршка на македонското членство во Европската Унија, повторувајќи дека процесот на проширување мора да се темели на Копенхагенските критериуми, без дополнителни билатерални условувања.

Со оглед на бројните глобални предизвици, претседателите укажуваат на потребата од поголема доверба, солидарност и заедништво на државите и нациите во рамките на ЕУ, НАТО и Обединетите нации.

На средбата со претседателот Пелегрини, Сиљановска-Давкова изрази жалење за вчерашната железничка несреќа во Словачка, во којашто се повредени околу 100 лица и посака нивно побрзо закрепнување.

За време на посетата на претседателот Пелегрини, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и државниот секретар во словачкото Министерство за економија, Владимир Шимоњак, потпишаа Меморандум за соработка во областа на економијата. 

Популарно