Фото: Малолетници обиле багер, го ставиле во функција и направиле значителна матерјална штета

Во текот на изминатата ноќ, во паркот во Капиштец, малолетни лица обиле багер, го ставиле во функција и предизвикале штета на паркирано возило.

Дополнително, уништени се каблите за системот за наводнување и направена е значителна материјална штета. Полицијата веднаш изврши увид и ги презема сите мерки за утврдување на одговорноста.

Градоначалникот Горан Герасимовски апелира до родителите да разговараат со своите деца за сериозноста последиците на ваквото однесување.

„Преминати се сите граници! Оштетен е јавен и приватен имот. Нарушена е безбедноста и јавниот ред. Не смее да се дозволи уништување на јавниот и приватен имот. Ваквото однесување мора да запре пред да се случи и нешто полошо. Повикувам на свест и одговороност“, порача Герасимовски.

Овој инцидент доаѓа неколку месеци по обивањето и кражбата на општинскиот комунален пункт во Капиштец, како и по уништувањето на реквизитите на детските игралишта.

„Клучно е да соработуваме и комуницираме за да се спречат ваквите инциденти. Само со заедничко залагање ќе имаме мирни населби и сигурен живот за нашите граѓани“, додаде Герасимовски.

Кривична за скопјанецот кој ѕверски малтретираше куче

Полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Љ.К.(61) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од граѓанин на 19.11.2024 во 09 часот дека во Момин Поток-индустриска зона Љ.К. со тврд предмет нападнал куче и му нанел повреди.

Со Љ.К. е извршен службен разговор и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „мачење животни“ по чл. 233 од КЗ на РСМ, информираа од МВР. 

Истражување во Скопје: Како жените и мажите стигаат до работа и училиште?

Резултатите од истражувањето покажуваат значителни разлики во начинот на кој жените и мажите се движат низ градот.

Според податоците, голем дел од жените (68%) користат јавен превоз за да стигнат до своето работно место или училиште, додека само 32% од мажите го избираат истиот превоз.

Во исто време, мажите многу почесто користат автомобил, при што 66% од нив се возачи, додека само 34% од жените го возат автомобилот.

Овие податоци се дел од истражување на Реактор, кое го анализира начинот на кој работоспособното население во Скопје го користи јавниот превоз.

Резултатите покажуваат дека жените имаат поголема потреба од јавен превоз, што ја рефлектира важноста на развојот на сигурни и достапни транспортни опции во градот.

(Видео) Ова е првата скопска општина која почна со новогодишно украсување

Од вчера почна новогодишното украсување во Општина Центар. Ваквата вест ја објави градоначалникот Горан Герасимовски кој вели дека на овој начин сака да се внесе новогодишна магија во секое на катче на општината.

„И оваа година со празнично украсување внесуваме новогодишна магија во секое катче на нашата општина. Со внимателно одбрани декорации, елки, светлосни фигури и уникатни украси, целта е да создадеме атмосфера што ќе ги инспирира и обедини сите наши сограѓани“, вели Герасимовски.

Празничното украсување ќе се реализира на повеќе локации, со посебен акцент на познатите јавни простори како Сквер Јадран, Боемска, Сквер Капиштец и паркот Капиштец, кои ќе блеснат во светлоста на празниците.

„Дополнително, ќе се постават дрвени куќички и декорации кои ќе ја надополнат зимската бајка. На плоштадот „Јадран“ ќе биде организиран новогодишен базар, кој ќе се одржува неколку дена пред новогодишната ноќ, со бројни настани и забави. Во моментов се договараат македонски музичари кои ќе ги забавуваат граѓаните предновогодишно.Целта на овој ангажман е да се поттикне заедничко празнување, радост и оптимизам во пресрет на Новата година. Општина Центар продолжува со својата посветеност да го направи овој период од годината посебен за секој жител и посетител. Планот е до 2 декември Општината да биде во новогодишна бајка“, порачува Герасимовски.

Видеото од самото украсување можете да го погледнете ОВДЕ

Популарно