Малолетничка прегазена од мопед на раскрсница во Карпош

Дете е тешко повредено откако било удрено од мопед на една скопска раскрсница.

- На 20.11.2024 во 13.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од ул.„Лондонска“ и ул.„Варшавска“ во Скопје, мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од А.О.(35) од Скопје, удрил во малолетничка, а потоа и во паркирано патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки, паркирано од Ф.С.(50) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила малолетничката, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, додека возачот се здобил со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, соопштија до полицијата во дневниот билтен. 

Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.  

Приведени пет лица во Тетово - Одземени 450 грама марихуана

Во Тетово на 19.11.2024 околу 18 часот на улица „Ван Вардарска“ полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода Н.С.(23), Л.Р.(23), М.З.(18), С.И.(27) и А.Ш.(19), сите од Тетово, затоа што кај нив билe пронајдени и одземени околу 450 грама марихуана.

Во текот на денешниот ден, соопштија од МВР, со соодветна кривична пријава, тие се предадени на надлежен обвинител,  а судија на претходна постапка им одредил мерка притвор од 30 дена. Лицата се предадени во КПУ Затвор Скопје.

Премиерот Мицкоски утре во Белград ќе се сретне со српскиот претседател Вучиќ и премиерот Вучевиќ

Премиерот Христијан Мицкоски утре во Белград ќе има одвоени средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Милош Вучевиќ.

Мицкоски ја предводи македонската делегација која ќе присуствува на третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“. Според информациите од македонската Влада, премиерот ќе се обрати на отворањето на винскиот саем, како и на македонската вечер.

Мицкоски: Јас ја водам Владата исклучиво од интересите на мојата татковина Македонија

Секогаш додека јас ја водам Владата исклучиво ќе се водам од интересите на мојата татковина Македонија и македонските национални интереси и ќе го поддржам секој оној што е во таа насока и во таа линија, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање поставено од пратеникот Реџеп Исмаил, поврзано со поддршката на премиерот, Радмила Шекеринска да биде избрана за заменик генерален секретар на НАТО.

-Јас објаснив и вчера дека со госпоѓата Радмила Шекеринска имаме дијаметрални разлики за многу прашања што се однесуваат на дневната политика, но не само на дневната политика, туку и на стратешки разлики, идеолошки разлики, и тука никој не треба да има дилема. Но, секогаш кога станува збор за македонски национален интерес подготвен сум да поддржам секого. Во изборот меѓу Радмила Шекеринска и останати четири други кандидатки, логично е како премиер на Владата на цела Македонија, не само на лево, десно, центар, Македонци, Албанци, Турци...на сите, да донесам одлука за која што заедно со луѓето кои се во соодветните ресори ќе покажеме дека тоа што го зборуваме и кога повикуваме на национално единство, тоа и да го практикуваме. И, друг пат кога ќе има ваква прилика, без разлика дали таа опција доаѓа од лево, десно...секој македонски граѓанин кој што гордо ќе ја претставува својата татковина Македонија, од мене ќе биде поддржан за која било меѓународна институција. Секогаш додека јас ја водам владата исклучиво ќе се водам од интересите на мојата татковина Македонија и македонските национални интереси, и ќе го поддржам секој оној што е во таа насока и во таа линија, истакна Мицкоски.

Можеби според вас, одговори премиерот до пратеникот Исмаил, подобро ќе беше да биде избран некој друг од четворицата кандидати, но за мене тоа не подобро.

Популарно